Skip to main content

5. Филозофски филмски фестивал: Ретроспектива посветена на култниот италијански режисер Пјер Паоло Пазолини во МСУ

Во понеделник на 05 мај во 19:00 часот во МСУ Скопје во рамки на јубилејниот 15. Филозофски филмски фестивал, ќе се одржи ретроспективата посветена на култниот италијански режисер Пјер Паоло Пазолини. Со неа се одбележува 50-годишнината од неговата смрт, а настанот е организиран во соработка со Италијанската амбасада во Скопје и Музеј на современата уметност Скопје Skopje.

Проекциите ќе започнат во понеделник, 5 мај 2025 година, во 19:00h во Музејот на современата уметност – Скопје. Во рамки на документарната селекција, „ФФФ Doc.“, ќе биде прикажан филмот „Љубовни заседанија“ (Comizi d’amore, 1964). Пред проекцијата ќе се обрати проф. Соња Мизерендино, Аташе за култура на Италијанската амбасада во Скопје, а кусо воведно излагање за разностраното творештво на Пазолини и неговата застапеност во Македонија ќе одржи проф. д-р Анастасија Ѓурчинова.

„Љубовни заседанија“ е провокативен филм-анкета, пресек на една Италија растргната меѓу политиката и интимата, меѓу строгиот католички морал и скриените, често неартикулирани желби и страсти. Пазолини прави обилколка низ целата земја – од фабриките до плажите, од буржоазијата до лумпенпролетаријатот, од Милано до Сицилија – и интервјуира случајни минувачи и неслучајни интелектуалци за нивните ставови кон сексот. Со микрофон во рака и со сократовско детска љубопитност, им поставува директни прашања за широк спектар на теми: важноста на сексот во секојдневниот живот, табуата, проституцијата, хомосексуалноста и легализацијата на разводот.

Резултатот е фасцинантен, на моменти комичен, а честопати и вознемирувачки искрен портрет на италијанскиот менталитет и интимните противречности во раните 60-ти години на минатиот век.

Поврзани вести