
На програмата на Македонската радиотелевизија од утре стартува емитувањето на новиот телевизиски проект „Животна приказна“ каде во фокусот на вниманието ќе бидат животните приказни на познатите.
Водител на емисијата е Здравкица Милиќ, која после подолга пауза повторно се враќа на телевизиските екрани, а уредник е Васко Спасоски кој има долгогодишно новинарско искуство зад себе.
Станува збор за специфичен проект каде акцентот ќе биде ставен на животните приказни на познатите. Секој еден од нас во животот се соочил со низа предизвици, подеми, падови, борби… и познатите личности не се исклучок, сите носат приказни со себе. Преку нашиот проект сакаме токму нивните приказни да бидат слушнати, бидејќи ретко кој од нив зборува за приватни теми од ваков тип во јавноста. Секој од нас води борба некаква со себе, без разлика дали станува збор за јавна личност или личност која што воопшто не се занимава со јавна професија. Е тоа сакаме да и го доближиме на публиката и пошироката јавност, да види дека и јавните личности живеат еден сосема нормален живот како секој од нас и се соочуваат со низа предизвици, препреки , потешкотии, проблеми кои на крајот на денот се решливи, вели Здравкица која веќе извесен период живее во соседна Србија со семејството.
Првата емисија ќе ја отвори актерката Јана Стојановска. Во нејзината животна исповед, актерката зборува за своето детство, сопругот, синот…

Иако секогаш е насмеана и позитивна, зад нејзината насмевка се кријат доста предизвици со кои се соочува во моментот, а дел од нив за првпат ги сподели во јавноста токму во „Животна приказна“.
Инаку, „Животна приказна“ ќе се емитува секоја сабота, во 17:45 минути, на МРТ.