Skip to main content

Што носи 2025 за светот?

СВЕТОТ оди прудолу, веќе подолго време. Сите изгледи се дека така и ќе продолжи бидејќи, место да се решаваат, проблемите се множат. Организацијата на обединетите нации е тотално неефикасна и како да ја нема. Единствената супер сила, САД, пред се’ ги штити своите интереси коишто, во целина, најчесто се против речиси сите други. Војната во Украина, на пример, во голем дел е резултат на нивните политики, чијашто моментална главна цел е долготрајно да се изолира и неутрализира влијанието на Русија.

САД се свесни дека нивен главен противник и ривал веќе стана Кина, од која отворено се плашат. Токму затоа, сметаат дека прво треба да се расчисти со Москва, пред да се концентрираат на Пекинг. Веројатно го игнорираат фактот дека тоа им е јасно и на Кинезите, што за нив има негативни реперкусии. Загрижени се и заради добрите односи на Русија со Кина и, особено, од нивниот заеднички проект – БРИКС.

Забелешки можат секако да се стават и на руската надворешна политика, ама неспорен факт е дека Москва, по распадот на СССР, не покажува империјални амбиции. Напротив, направи повеќе гестови со коишто покажа дека сака најширока соработка со Вашингтон, ама беше грубо одбиена. Паралелно, Русија прецизно стави до знаење дека бескомпромисно ќе ги брани своите интереси и, нагласено – својата безбедност. Во тој контекст мора да се гледа и нејзиното ангажирање прво во Грузија, и сега во Украина.

Тоа што се случува во Украина е стравотно и трагично, ама не може да се оспори правото на Русија да се брани. Членството на Украина во НАТО значи и американски ракети на границата со Русија, што Москва оправдано не може да го прифати. На почетокот на 1990-тите, за СССР да дозволи Германија да се обедини, САД ветија дека НАТО нема да се шири на Исток. Се предомислија. Станаа пишман аџии.

Истото што сега го прави Русија во Украина, во 1962 година го направија и САД на Куба, кога тогашниот СССР таму инсталира ракети, на стотина километри од американското копно. Вашингтон го доведе светот на работ од нуклеарна војна, бидејќи сметаше дека безбедност им е загрозена.

Случајот е апсолутно идентичен со сегашниот во Украина. Врвни американски аналитичари констатираа дека ако Русија се обидеше воено да се инсталира во Венецуела или Мексико, таа држава ќе беше уништена. Исто, нели?

Еден од проблемите околу војната е и фактот што Украина, и САД и НАТО, практично ја третираат како полноправна членка на алијансата. Без нивната огромна помош, сега со најмодерно оружје, таа одамна ќе капитулираше. На почетокот, тие прво ги испразнија арсеналите од старото, неупотребливо наоружување, ама потоа почнаа да даваат и поново. Украина им е воен полигон за празнење на арсеналите од старите оружја, и за испробување на поновите.

Висок американски претставник прецизно кажа дека 80 проценти од средствата коишто и се даваат на Украина, завршуваат во производство во нивниот воен индустриски комплекс. Тоа јасно обелоденува каде е ќарот од војната. Од друга страна, освен Украина, којашто е веќе речиси уништена како држава, најголем губитник е и Европа. Стариот континент не може да биде ниту безбеден, а уште помалку перспективен, и некаков светски фактор, доколку е конфронтиран со Русија. Очигледно, тоа им одговора на САД.

Просто е за неверување големата поддршка на ЕУ и нејзините членки за оваа бесмислена војна, за која единствено се заинтересирани САД. Веќе има индикатори за раслојување на кохезијата, ама остануваат отворени прашањата – оти Европа беше спремна да си ја пресече гранката на која седи, и зошто се откаже од евтиниот руски гас, со кој и беше овозможен брз економски раст? Зарем е толкава американската доминација? Логично објаснување нема, и покрај неспорниот аргумент дека Европа е зависна од американскиот безбедносен чадор.

Војната нема лесно да заврши и покрај најавите на Трамп дека тоа ќе се случи за шест месеци. Има непотврдени вести дека неговите експерти веќе контактираат со Москва. Позициите на Украина и Русија, меѓутоа, се бескомпромисни и крајно оддалечени. Заеднички содржател е – невозможен. Киев тешко ќе може да се откаже од териториите коишто се веќе вклучени во руските граници, дури и од Крим што е, за мнозина -завршена работа. Сепак, ветува изјавата на Трамп, повторена два пати во новогодишниот број на магазинот „Тајм“, дека тој не сака луѓе да се убиваат. Доволно за почеток.

Москва никако не смее да прифати спорот да остане замрзнат. Решението кое ќе се бара, мора да биде трајно, иако можеби постапно. Русија мора да внимава да не биде изиграна како со договорите од Минск. Тогашната германска канцеларка, Меркел, неодамна изјави дека за западните фактори, а потписници беа Германија и Франција, следени од други – овие договори биле само про-форма! Целта не била тие да се спроведат, туку на Украина да и се обезбеди време за да се спреми за војна со Русија, се разбира со нивна огромна воена помош, од секој вид! Каква политичка превара, на врвно ниво!

По оваа изјава, веќе никој не може да ја обвини Москва дека таа ја започнала војната! Режисер бил некој друг.

Трамп секако максимално ќе се ангажира ама, објективно, шансите за целосен успех – не се многу големи. Москва сигурно нема да се повлекува од тоа што го постигна на бојното поле. Од друга страна, пак, прво ќе мора да го расчисти теренот во Курск, каде украинските сили окупираа дел руска територија. Без тоа, преговори нема да бидат можни, а нема информации дека таму се случува нешто клучно, и покрај ангажирањето на Северно – Корејците.

Некои очекуваат дека Трамп ќе мора прво да ја зголеми помошта на Украина, и да ги зајакне санкциите врз Русија. Москва, нема да толерира такво нешто. Веројатно, Украина ќе мора de facto, ако не и de yure, да прифати губење на добар дел од својата територија, што ќе биде тешко за Киев.

Прва жртва може да биде Зеленски, иако тој веќе почна да се престројува. Тој ќе биде сигурно еден од најголемите предавници во украинската историја. Играше на погрешни карти, ништо не постигна, а земјата ја уништи, во секоја смисла. Ќе ја остави во урнатите, со огромни жртви, и со речиси 10 милиони иселени, од кои само мал број некогаш ќе се вратат. Според Вол стрит џурнал, пред војната (2022), во Украина имало преку 40 милиони додека сега, под контрола на Киев, се меѓу 25 и 27 милиони жители. Тоа ќе биде тажна европска приказна, напишана од ситна и бедна марионета, манипулирана од странство.

Ние, како Македонци, мораме да имаме специјални симпатии за Украинците бидејќи тие беа едни од ретките, ако не и единствени, коишто ни помогнаа во војната во 2001-та. Меѓутоа, мора да бидеме свесни дека тоа беа политичарите блиски до Москва, а не овие коишто се спремни да бидат, ама и се – западни слуги. Симпатиите за блискиот украински народ мора да ги негуваме, свесни дека и тој, исто како и ние, е жртва на сопствените предавници. Војната не беше неизбежна и мораше да се спречи. А кога веќе почна, решение мораше да се бара на самиот почеток. Така ќе се спречеа и разурнувањето, и огромните жртви.

Ова е најголем европски проблем и решение мора да се бара. Наше е да се надеваме дека оваа страшна војна, сепак, ќе заврши годинава, иако изгледите не се многу ветувачки.

Светот врие и на Блискиот исток. Уништувањето на Палестинците, во никој случај не е интерес на Израел. Ова што сега тие го прават во Газа, уште многу години ќе им се враќа на сличен начин. Генерации Арапи и Палестинци ќе чувствуваат не само потреба туку и должност за омраза и реванш. По овие настани, проблемите на Блискиот исток ќе останат нерешливи, можеби и бесконечно. Објективно, таму е мир веќе – незамислив. Прашање е само на интензитетот на конфронтациите и судирите, и учесниците. Ништо друго. Трамп најавува решение, ама шансите да успее се – мали.

Војната во Судан ќе продолжи, а веќе преку два милиони се раселени. Владее глад… Сигурно ќе се појават и нови жаришта, иницирани од надвор или од локалните политичари. Повторно ќе се измешаат и интересите на странците… Место да имаме културен натпревар меѓу народите, пак ќе игра оружјето. Во такво време живееме.

Глобалната економијата ќе има релативно низок пораст; инфлацијата и понатака ќе биде проблем, исто како и невработеноста; ќе продолжи да доминира силата место правдата, и ќе има се помалку вистинска демократија; за климатските промени многу ќе се зборува, а малку ќе се прави; миграцијата ќе се зголемува; БРИКС ќе продолжи да се бори против доларот; цената на енергијата, ќе расте…

Застрашувачка е најавата на Трамп дека, не исклучувајќи и сила, може да го врати во американски раце Панамскиот канал и да го преземе Гренланд! Во споредба со тоа, намерата да почне војна со тарифи изгледа доста бенигно, иако со најавените царински стапки, светот ќе се најде во нов хаос. Не само трговски. Трамп дури гласно размислува и дека со економски мерки ќе може да ја натера Канада да стане 51 американска држава?!

Дури 30 од американскиот увоз доаѓа од Канада и Мексико, 17 проценти од ЕУ, а 15 проценти од Кина. Минатата година, Кина веќе ги намали извозните цени за 5,2 проценти, а оваа се очекуваат додатни до 10 проценти. Конкуренцијата, и војната со тарифи, ќе бидат жестоки. Панама и Гренланд, пак,…

Трамп не крие дека има големи амбиции. Ако тргне во најавените насоки, ќе значи посветеност да биде најголемиот претседател во американската историја! Тешко на светот!

Сѐ уште живееме во време кога субјективното доминира над објективното, личното над општото, тесното над широкото…

Поврзани вести