Skip to main content

Шарените вистини на поранешниот претседател

Тоа се „вистини“ во кои прашање е дали тој и самиот верува?! Можеби верува, можеби не, но факт е дека тоа се „вистини“ за кои тој ревносно одработува!

Да се коментираат и анализираат ставовите на Стево Пендаровски, не е некој предизвик. Не беше предизвик ниту пак да се анализираат во времето додека беше претседател на Македонија. Неговите тези и ставови никогаш не го опфаќаа целокупниот македонски политички спектар, ниту пак како сублимат во себе ги содржеа сите бои на политичката застапеност во Македонија. Тој отсекогаш беше екстремен застапник на идеологијата на која што припаѓа, промовирајќи ја како единственото нешто кое што треба да постои и егзистира во политичкиот живот.

Тоа не е ништо ново и несвојствено за Пендаровски. Едноставно таков впечаток остава како човек. Но, да се коментирааат ставови, тези и пораки кои што се јавно изкажани од еден поранешен претседател, тоа е обврска на политиката и политичката мисла во Македонија.

Го слушнавме и гледавме интервјуто на Пендаровски. Најверодостоен беше одговорот на прашањето зошто дури сега се појавува во јавноста по поразот на претседателските избори. Кратко и јасно рече дека не сака да глуми дежурна опозиција и постојано да се појавува со некакви пресконференции. Тоа е сосема искрен и коректен одговор на човекот кој на јавните настапи за времето на својот претседателски мандат повеќе го доживувавме како партиски функционер или политички аналитичар отколку како претседател, државник и татко на нацијата.

Тоа што не сака да биде дежурна опозиција, и не треба, не му личи на еден поранешен претседател на државата. Но, неговото појавување во јавноста во моменти на изразена дипломатска офанзива на актуелната власт, со цел да упати критики до македонскиот премиер и министри, говори за тоа дека ваквите дипломатски активности навистина му го привлекле вниманието и го постигнале посакуваниот ефект. Дополнително на критиките кон домашниот политички врв, Пендаровски упати сериозни критики и до нивните хомолози, претседатели и влијателни личности од земјите со кои се градат зајакнати пријателски односи и соработка.

Ваквата реакција на Пендаровски упатува на тоа дека владините активности се прилично видливи, не само внатре, туку и надвор од границите на Македонија. Тоа е најверојатната причина која придонела Пендаровски повторно да биде „мобилизиран“ и ставен во функција на поддршка на анемичната и безидејна македонска опозиција, во услови на сериозни политички поместувања во глобалниот запад. Како поинаку да се објасни будењето од зимскиот сон и излегувањето од зоната на комфорот на политичарот со најниското ниво на емпатија кон сопствениот народ?! Неговото појавување во јавноста во овој момент, со цел да фрла дрвја и камења врз Трамп, Орбан или Ердоган, има многу поширок контекст и интерес отколку што би бил контекстот и интересот на македонските центри на политичка моќ.

Вистински македонски претседател, кој држи до себе, кој држи до сопствениот народ и држава, без разлика дали е актуелен или поранешен, никогаш не би влегол во авантура да води туѓи идеолошки војни како маша во нивните раце. Но, Пендаровски е подготвен за таа улога. До сега немаме видено македонски претседател да критикува и буквално да плука по врвните политичари на пријателските земји и земјите стратешки партнери, без оглед на нивната политичка, идеолошка или било која друга определба и припадност. Ако нешто навистина претставува повод да ни биде замерено од некого, како што предупредува Пендаровски, тоа се токму непримерните изјави и изблици на радикален неолиберализам од негова страна.

Пендаровски критикуваше дека поврзувањето со администрацијата на Трамп може да биде негативно за Македонија. Неговата дефиниција за тоа дека Трамп е трансакционен претседател, кој го интересира исклучиво економскиот аспект на соработка, дека е претседател кој не говори за слобода на медиуми и човекови права се исклучително опасни и загрозувачки за македонско-американското пријателство и односи.

Ваквите констатации делуваат како нешто видено и веќе доживеано во Македонија и претставуваат пресликување на обидите за наметнување на мислење врз јавноста од времето на шарената револуција. Не би сакале да се ставаме во позиција на нечиј адвокат, најмалку во позиција на адвокат на американскиот претседател Трамп кој и така нема потреба од нашите „адвокатски услуги“, но кога зборуваме за слободата на говор или човековите права не треба да заборавиме кој беше замолчуван и блокиран на Tweeter и останатите социјални мрежи. Не треба да заборавиме кој ги измисли фактчекерите и во чија полза работеа. Не треба да заборавиме кој ја гушеше слободата на мислата во Македонија под изговор дека тоа се трендови присутни во западните демократии.

Што да се мисли кога за владеење на правото, демократијата и човековите права слушаме приказни од Пендаровски? Што да се слушне од човекот кој во времето на својот мандат дозволи судството да се распадне до доверба од два проценти?! Што да се научи за демократијата од човекот кој потпиша најмногу закони донесени со злоупотреба на европското знаменце, со кои се дерогираше македонската демократија?! Што да очекуваме од човекот кој дозволи и не реагираше на бескрупулозоното кршење на човековите права на огромен број македонски граѓани кои беа политички прогонувани од владите на СДСМ?!

Исклучително иритантна беше тезата на Пендаровски дека во моментов САД имаат трансакционен претседател и дека ние тука нема што да бараме затоа што немаме што да понудиме. Оваа теза е крајно опасна и деструктивна за македонско-американските односи, особено доколку е искажана од македонски претседател и истакнат припадник на левата политичка опција во Македонија.

Независно од тоа што Пендаровски преферира да настапува во улога на политички аналитичар или партиски функционер, тој сепак е поранешен претседател на државата и секој негов настап се набљудува со внимание соодветно за функцијата која ја извршувал. Претседателскиот дискурс, покрај политичката димензија која може да биде насочена кон внатре или кон надвор, мора да содржи и дипломатска димензија која ќе има за цел да испрати порака на поддршка или критика со соодветно избран вокабулар. Несвојствен и недипломатски речник за еден претседател е користењето на улична терминологија од типот „ние сме го јаделе… поради тоа и тоа“ или претседателот на САД е трансакционен политичар кој не говори за слободата на говорот и човековите права. Не е дипломатски ниту начинот со кој Пендаровски се позиционираше и цврсто зазеде страна против политиките на еден актуелен американски претседател.

Ваквиот пристап при искажувањето на ставови, како и делењето на политички лекции е крајно контрадикторен. Пендаровски на лице место и во реално време покажа како токму тој зазема страна и се позиционира против Трамп, а во исто време ги критикува политиките и постапките на премиерот Мицкоски и актуелната власт.

Пендаровски дури ја критикуваше проактивната политика на Македонија во однос на заложбите на американскиот претседател за воспоставување на мир во Украина. Беа упатени остри стрели врз нашето коспонзорство на американската резолуција со која се бара мир во Украина. Ваквиот став на Пендаровски се коси со здравиот разум и со сите цивилизациски вредности кои во својата основа го претпочитаат мирот наспроти војната.

Крајно навредлива и понижувачка беше неговата порака дека Македонија е мала, сиромашна и безначајна земја која не смее да има активна надворешна политика. Според Пендаровски, Македонија мора да го чека исходот на големиот терен и дури потоа меѓународно да се позиционира.

Тоа е тој класичен синдром на „македонче“ кој во себе го носи добар дел од македонската политичка номенклатура и кој во обидот да игра на сигурно секогаш ја оставал Македонија да биде третирана како монета за поткусурување. Демек, според Пендаровски, ние сме мали и треба да си ќутиме и чекаме за да не ни замерат големите. Ако си ќутеле и чекале илинденците за да не им замери султанот, или пак ако си ќутеле и траеле партизаните за да не им замерат Хитлер и Мусолини, никогаш не би ја имале денешнава држава. Така отприлика изгледа споредбата на постапките на денешната генерација на политичари со постапките на нашите претци во историско сензитивни моменти.

Не помали критики беа упатени и во однос на регионалното економско поврзување на Македонија и соработката со Унгарија. Зошто баш со Унгарија, зошто не со Словенија, Швајцарија или некоја друга земја? Ваквите ставови на Пендаровски се од минатата деценија. Тие се крајно депласирани, застарени и изборно поразени, не само во Македонија, туку и пошироко. Тие се демонстрација на чиста идеологија на екстремниот неолиберализам кој се служи со флоскули и илузионерство. Ако Пендаровски и СДСМ беа толку способни и подготвени за регионално и пошироко поврзување на Македонија со земји како Словенија или Швајцарија, зошто не го сторија тоа во текот на нивните претседателски и владини мандати?

Голата критика и повторувањето на старите шарени тези остануваат единственото оружје во рацете на Пендаровски и СДСМ. Нивната безидејноста, структурните слабости, аферите и некапацитетноста на кадрите (нешта кои што самиот Пендаровски го посочи како причина за изборниот пораз), остануваат да бидат највпечатливата карактеристика на македонската опозиција речиси една година по изборите.

Можеби премногу очекуваме од политички профил како што е Пендаровски?! Можеби премногу очекуваме од претседателот кој велеше дека би се иселил од државата доколку не е претседател или пак од претседател кој велеше дека не крадел, додека во исто време остана слеп на сите постапки на претходната власт кои придонесоа за Македонија да се создаде слика како за екстремно корумпирана и криминализирана земја.

Политичкиот калибар на Пендаровски не заслужува сериозно внимание и длабоки анализи за тоа „што сакал човекот да каже“. Но, она што се говори од позиција на поранешен претседател на државата, заслужува да биде внимателно примено и соодветно анализирано. Тоа е дел од политичката култура и обврска на сите оние кои што се занимаваат со политиката и политичката мисла во Македонија. Тоа е обврска на сите оние кои и мислат добро на државата и кои не сакаат да ги остават неискоментирани и неодговорени аматерските и сервилни тези на актуелните или поранешните врвни функционери.