
Во македонскиот политички живот одамна е нормализирана една опасна навика, да се создава повеќеслојна магла од полуинформации, фрагменти, шпекулации и селективна интерпретација. Нејзината цел не е да убедува со аргументи, туку да исцрпува, да фрустрира и да ја поткопува способноста на јавноста да разликува што е важно, а што е само производ на партиската кујна.
Во последните недели јавниот простор повторно е преплавен со обвинувања и наративи што повеќе личат на медиумски битки отколку на одговорна политичка комуникација. Веќе е јасно видливо дека катастрофалниот пораз на изборите, хокеарските кадровски промени во раководството, како и отсуството на суштински политики кои се од интерес на граѓаните, мора да се покријат и маскираат со кампањи исполнети со лажни вести.
На огромен дел од јавноста веќе и е јасно дека СДСМ започна агресивна кампања во која доминираат шпекулативни тврдења, лажни вести и инсинуации, поткрепени со емотивни конструкции. Примерите се многу, но еден ја преокупира јавноста во последниве десетина дена. Имено, се работи за шпекулациите поврзани со наводното доаѓање мигранти од Британија. И што добивме? Наместо дебата врз реални податоци, темата се претвори во уште една точка за партиско надвикување и фрлање прав во очите на граѓаните.
Темата се појави одеднаш, без јасен контекст и без доволно проверливи податоци, но со многу силен и наметлив политички тон. Наместо да се постави како сериозно прашање поврзано со меѓународни процедури, соработка, права и безбедносни механизми, таа беше претворена во партиска алатка на СДСМ за создавање впечаток дека некоја страна се обидува да внесува страв, а другата да го гаси тој страв. Така исчезна суштината, а останаа само обвинувањата, едните дека се крие нешто, а другите дека се шири паника. Кога политиката се води на ниво на сензации, граѓаните најчесто се тие што губат.
А, како поинаку да се сфати тврдењето на Венко Филипче дека во Македонија ќе дојдат мигранти, кое се базира на текстови кои што ги прочитал во поедини британски таблоиди и жолтиот печат. Со каква сериозност да гледаме на лидерот на СДСМ, кој по природа на нештата треба да биде сериозен коректив на власта, а не трансмитер на непроверени и лажни информации. Ако поразот на изборите беше дното кое што СДСМ го достигна резултатски, ширењето на инфантилни лажни вести, во кои што ниту децата не веруваат, е достигнување на дното во политичките перформанси на оваа партија.
Како поткрепа на тврдењево, ќе споменеме уште два примера на класична манипулација со јавноста инспирирана и генерирана од партиската кујна. Паралелно со темата мигранти, на социјалните мрежи кои имаат сериозно влијание во јавноста, се појавија конструирани и лажни фотографии околу новогодишното китење на Скопје. Се работи за монтирани материјали кои имаат за цел да ја излажат јавноста и да создадат илузија на непостоечка ситуација. Наместо да се расчистат фактите, содржините се користат за дополнително поларизирање и манипулирање на јавноста.
Во ист контекст беше и случајот со упадот во една редакција, за која, оние што ја следат, ја карактеризираат како дувло на лажни вести, говор на омраза, непристојност, етикетирање и жигосување на многу луѓе во Македонија. Не се за занемарување ниту заканите и навредите кои што се упатуваат кон гледачите неистомисленици, како и отворената цензура и блокади кон поединци.
Да потсетиме, ако еден медиум за себе тврди дека е лиценциран медиум, цензурата е забранета со Уставот. Сосема е друго прашањето ако себе си се сметаат за затворен круг на истомисленици или за приватен клуб со ограничено членство. Лиценцирана новинарска куќа не смее да постапува на опишаниот начин и притоа да глуми жртва на власта.
Сето ова покажува колку лесно јавноста може да биде вовлечена во синџир на недоверба и сензационализам. Ако нешто навистина недостасува, тоа е трпеливо барање на проверени информации и политичка зрелост. Потребно е да се прави разлика меѓу факт, интерпретација и чиста пропаганда, без оглед на тоа од која страна доаѓа. За жал, Филипче и СДСМ влегоа во очајничка битка со примена на лажни вести и манипулации.
Тој почна да го применува стариот и добро испробан модел. Ако не можеш да ја контролираш реалноста, контролирај ја перцепцијата. Филипче смета дека денес, во време на вирални видеа, кратки формати и инфлуенсери, перцепцијата се контролира полесно од било кога. Луѓето ретко имаат време, а честопати ниту алатки да ги истражат фактите. Филипче е доволно свесен за овој факт и игра на картата на злоупотреба на медиумите, кои во неговото сценарио треба да ја одиграат улогата на пренесувачи на политичката магла..
Во ваквиот амбиент речиси и да не може да се разликува која политичка порака е наменета за рационално убедување, а која само за собирање реактивни емоции. Проблемот не е во тоа што партиите се критикуваат меѓусебно, тоа е нормално за демократијата, туку што тоа се прави без почит кон граѓанската свест и интелигенција. Наместо факти, им се нуди театралност; наместо аргументи, се нудат манипулативни рамки, а наместо искреност, се нуди фабрикувана илузија.
Кога ќе се земат предвид сите елементи, мигрантите, новогодишните фотографии, упадот во редакција и бомбите 2.0, станува јасно дека проблемот не е само во тоа што овие теми се користат политички. Проблемот е што стануваат дел од поширока стратегија за постојано одржување на впечаток дека земјата е во некаква состојба на хаос и нестабилност, и дека само одредена политичка сила, СДСМ, може да ја „спаси“.
Тука се наметнува прашањето, има ли крај ова?! Можно ли е политичките партии конечно да се вратат на теренот на аргументите, програмите и реалните податоци, без разлика на тоа дали се работи за СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или било кој друг субјект? Во моментов, реториката од сите страни премногу лесно паѓа во замката на спектаклот и естрадната политика. Затоа, потребна е силна јавност, јавност која одбива да биде површно информирана. Потребни се новинари кои не се задоволуваат со соопштенија, институции кои реагираат со транспарентност, а граѓани кои не се плашат да кажат дека им е доста од неискреност.
Проблемот со лажните вести и конструираните наративи не е само политички. Тој е морален и практичен. Кога општеството е навикнато и преокупирано да се бори со измислици и лаги, на никој не му останува време и енергија за справување со вистинските прашања, како што се економијата, образовните реформи, здравството, инфраструктурата и целокупната стратегија за развој на државата. Нарушената јавна свест станува претерано чувствителна на секој нов скандал, и речиси имуна на теми што навистина имаат долгорочен ефект.
На крајот, ако нешто може да се додаде на сето ова, е тоа дека Македонија има премногу искуство со вакви политички тактики. Меѓуетнички тензии, загадување, меѓународни договори и снимени разговори, се теми кои низ годините беа злоупотребувани за добивање на политички поени. Затоа, важно е да не дозволиме истата матрица повторно да ја обликува јавната перцепција. Политичките партии ќе продолжат да се борат за внимание, тоа им е во природата и интересот, но јавноста мора да одолее за да не се претвори во лесна мета на политичките илузионисти.

Македонски






