
Во месецот на афазијата, да се обединиме за да ја подигнеме свесноста и да создадеме поддржувачка средина за сите оние кои се соочуваат со предизвиците на оваа состојба. Заедно можеме да направиме разлика!
Афазијата, состојба која влијае на способноста за комуникација на милиони луѓе ширум светот е резултат на оштетување на деловите од мозокот кои се одговорни за говорот и јазикот, најчесто поради мозочен удар, повреда на главата или невролошки заболувања.
Секојдневно, лицата со афазија се соочуваат со предизвици во комуникацијата, што може да влијае на нивниот квалитет на живот, како и на животот на нивните семејства и пријатели. Оваа состојба не само што ги ограничува способностите за говорење, туку може да предизвика и емоционални и психолошки тешкотии.
Зошто е важна свесноста за афазијата?
Подигнувањето на свесноста за афазијата е клучно за создавање на поддржувачка средина за лицата кои се соочуваат со оваа состојба. Со подобра свесност, можеме да:
Обезбедиме поддршка: Разбирањето на афазијата помага во создавањето на поддршката од семејството, пријателите и заедницата. Лицата со афазија често се чувствуваат изолирано, а поддршката може да им помогне да се справат со предизвиците;
Едуцирање на заедницата: Едукативните кампањи и иницијативи можат да помогнат во зголемување на свесноста за афазијата, што може да доведе до подобро разбирање и прифаќање на лицата со оваа состојба;
Поттикнување за истражувања: Поголемата свесност може да доведе до зголемени инвестиции во истражувања и развој на нови третмани и ресурси за лицата со афазија.
За да помогнеме во овој процес како јавна здравствена установа во која се дијагностицираат и рехабилитираат лицата со афазија, работиме на постојан развој на нашиот центар, стручно усовршување на нашите кадри и осовременување на апаратурата и средствата за работа. Можеме да се пофалиме дека во процесот на рехабилитацијата освен едукативни табли и паметната ракавица „Smart glove“, во скоро време ќе бидеме во можност да го користиме и апаратот ТMS M 50 Ultimate, апарат за транскранијална магнетна стимулација – чија примена според најновите светски стручни истражувања се покажа како ефективна и кај лицата со афазија, иако има многу поширока примена и ќе се користи во третманот и на други состојби. Апаратот е во вредност од 20 000 евра, и е донација од средствата собрани од хуманитарната трка Спектратон организирана од Зегин и фондацијата – Др. Верица Механџиска.
Како и секоја година, така и оваа, во јуни превземаме и низа активности вон нашите секојдневни обврски, со цел зголемување јавна свест за афазијата, па така имавме неколку гостувања на телевизиски емисии, понатаму, во петок 13 ти, од 11 часот имаме организирано панел дискусија на која ќе зборуваме за афазијата но исто така и ќе одговараме на прашањата од нашите гости, стручни лица, лица со афазија и нивните семејства, потоа, во сабота и недела во градскиот парк во Скопје, кај школката, од 10 до 12 часот заедно со здружението за поддршка на лицата со афазија „Хоуп“, ќе делиме флаери со основните информации за афазијата и друг рекламен материјал. Нашата цел е јавно да споделиме едукативни информации за афазијата и нејзините последици, како и за начинот на комуницирање со лицата кои имаат афазија и да им дадеме поддршка.
Во рамки на овие активности спроведовме и истражување со примена на анкета меѓу случајни минувачи во градот Скопје со цел да се утврди нивното знаење и свесноста за поимот афазија. Во првиот дел од анкетата се вклучија 241 учесник, од кои 96 беа мажи и 145 жени. Резултатите покажуваат загрижувачка стапка на непознавање на терминот, со тоа што 165 лица, или 68%, изјавија дека не слушнале за афазијата. Дополнително, анализата на податоците открива дека од вкупниот број жени кои одговориле на прашањето, 84 или 58% не знаат што е афазија, додека 61 или 42% од жените изјавиле дека слушнале за овој поим. Од вкупно 96 мажи, само 15 или 16 % слушнале за афазија додека 81 или 84 % не слушнале и незнаат што е тоа. Овие резултати не само што ја истакнуваат важноста на подигнувањето на свесноста за афазијата, туку и потребата за подобрување на образовните програми и ресурси кои би можеле да помогнат во информирањето на јавноста.
На второто прашање, кое се однесува на свесноста за тоа дека мозочниот удар може да доведе до проблеми во комуникацијата, одговорија вкупно 235 учесници, од кои 100 беа мажи и 135 жени. Резултатите покажуваат дека 96 лица, или 83%, знаат за оваа поврзаност, додека 39 лица, или 17%, не се запознаени со неа. Разгледувајќи ги податоците по пол, 74 мажи, или 74%, се изјасниле дека знаат за поврзаноста помеѓу мозочниот удар и комуникациските проблеми, додека 122 жени, или 90%, потврдиле дека се свесни за оваа поврзаност, што покажува повисока свесност кај жените во однос на мажите за последиците од мозочниот удар.
Луѓето кои знаат за проблемите во комуникацијата по мозочен удар, најчесто добиле информации преку телевизија, интернет или од роднини и пријатели кои имале слични искуства во семејството. Ова укажува на важноста на медиумите и личните искуства во подигнувањето на свесноста за оваа тема.
(Авторката е директорка на ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација – Скопје)