
Давид Шамбиј од Франција, кинематографер во филмот „Нов бран“ е годинешен добитник на највисокото признание, наградата Златна „Камера 300“ што ја доделува Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ кој заврши во петокот вечерта со македонска премиера на „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски кој публиката го награди со овации и бурен аплауз. На сцената во полната сала излегоа режисерот Унковски, кинематограферот Наум Доксевски, актерите Ариф Јакуп, Дора Акан- Златанова, Агуш Агушев, продуцентот Иван Унковски и други членови од екипата.
Синоќа во Битола, лауреатот Шамбиј не го криеше своето задоволство од високото признание кое како што рече го освојува прв пат во неговата кариера.
Среќен сум за наградата бидејќи доаѓа од прекрасен фестивал и од кинематографери, рече Шамбиј и посочи дека трпението и енергијата се најважни.
-Треба да верувате во својата визија и во себе, рече Шамбиј.

Сребрена камера 300 доби кинематограферката Олимпија Митилинају, за филмот „Тивок живот“. Митилинају мошне емотивно ја прими наградата велејќи дека останала без зборови и се заблагодари на фестивалот жирито, режисерот и на нејзините родители.
Бронзена камера 300 му беше доделена на шпанскиот кинематографер Мауро Херце за филмот „Сират“.
Одлуката за доделување наградите ја донесе жирито во состав: Денис Ленуар, претседател на жирито, Астрид Хојбрантнер, кинематограферка, Валерио Карузо, директор на веб-страницата „Синеуропа“, Асја Крсмановиќ е босанска сценаристка, драматургинка и истакната програмерка на филмски фестивали и Митко Панов, филмски режисер.
Железната камера 300 во документарната програма жирито во состав : Лара Виланова, Карла Црнчевиќ и Роберт Јанкулоски, одлучи наградата да му ја додели на Лука Коасин за филмот „Рудник“.
Му благодарам најпрво на целиот мој тим. Ние сме ништо без тимот. Им благодарам и на членовите на жирито и на режисерот за довербата, рече Коасин и има порача на младите кинематографери да работат со страст.
За филмовите во селекцијата на кратки филмови одлучуваше жирито во состав: Тудор Пандуру, Марко Брдар и Марија Џиџева и ја доделија „Мала камера 300“ на Мајкл Конг за филмот „Кога гуските летаа“.
За студентската програма одлучуваше истото жири и наградата Кристална камера и ја доделија на Лиса Јилг за филмот „Костимот за капење“, а специјално признание за кинематограферот Леон Хотриџ за филмот „ Еднорогот во пантолони за снег одеднаш избега“.

На свеченото затворање на 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ на Воли Фистер му беше врачена Специјалната награда Златна камера 300 за исклучителен придонес во светската кинематографија. Наградата му ја врачи директорот на фестивалот Димитрија Доксевски кој рече дека со голема радост му ја врачува оваа награда на човекот кој има срце поголемо од планина.
Овој генијален кинематографер, кој создава генијални дела и е еден од најголемите во светот. Нашиот пријател на Манаки, нашиот драг гостин и ценет лауреат, Воли Фистер.
Фистер рече дека е голема чест да се биде овде.
Ние доаѓаме како вонземјани, доаѓаме од Холивуд и го најдовем овој мал град Битола за кој не знаев досега. Дојдов овде и ја видов магичната прослава на уметноста на кинематографијата и тоа за мене е неверојатно искуство. Од моментот кога излегов од автомобилот наидов на топол пречек и прошетав по главната улица на градот и неговата прекрасна архитектура и од сите бев топло пречекан. Ова е посебно место, ви благодарам и се надевам дека повторно ќе се вратам, рече Фистер.
Друштвото на филмски работници на Македонија годинава одбележува 75 години постоење. Тие го доделуваат највисокото признание во областа на филмската уметност во нашата земја- Голема ѕвезда на македонскиот филм, која годинава ја доби Кирил Џајковски.
75 години е импресивна бројка и се прашував каде сме по 75 години. Денес, за отворање на фестивалот имаме филм на македонски автори, кој беше на Венецискиот филмски фестивал, за затворање на фестивалот -филм на македонски автори, која доаѓа од фестивалот во Санденс каде беше неговата светска премиера. Имаме трет филм, кој излезе и кандидат за Оскар. А добитник на Големата ѕвезда на македонскиот филм е Кирил Џајковски. Не може да биде подобро, нели?, рече Игор Иванов, претседател на ДФРМ и додаде дека ДФРМ силно ги поздравува напорите за исправање на состојбите кај филмските работници и сите најави за добрите времиња кои допрва доаѓаат.

Џајковски се заблагодари на ДФРМ за честа, особено, како што рече, што доаѓа од колеги филмаџии.
Како музичар и како автор за мене филмската музика секогаш била фасцинантна и секогаш сум се прашувал како таа го подобрува филмот, како ги зајакнува емоциите…Имав среќа да работам со исклучителни автори кои со своите остварувања ја ставија Македонија на светкста филмска мапа. Горд сум што сум дел од креативниот тим на фимовите на Милчо Манчевски, Александар Поповски, Иво Трајков, Дарко Митревски и други, но ме радуваат и успесите на помладата генерација на новите филмски таленти како Тамара Котевска, како Ѓорѓи Унковски кои ја продолжуваат успешната македонска филмска приказна и потврдуваат дека Македонија има филмаџии од светски карактер, рече Џајковски.
Фестивалот „Браќа Манаки“ не е само проекција филмови, тоа е лабараторија на светлина и сенка, место каде што филмот не продава излузии, туку создава вистинска алхемија, меша реалност и сон, ризик и визија, рече министерот за култура и туризам Зоранб Љутков во својот говор.
Овде камерата е повеќе од сретство, таа го сопира времето што му дава боја на мигот што ја раскажува нашата историја, но и нашата иднина. Затоа „Браќа Манаки“ е повеќе од фестивал, тоа е доказ дека Македонија не е на маргините, туку е пулс што светот мора да го слушне, рече министерот за култура Зоран Љутков и подвлече дека ветува континуирана поддршка и дека филмот нема да биде статист во Македонија и дека ќе биде водечки лик во културната приказна на Македонија, кажа министерот Љутков.
За студентската програма одлучуваше истото жири и наградата Кристална камера и ја доделија на Лиса Јилг за филмот „Костимот за капење“, а special mention за кинематограферот Леон Хотриџ за филмот „Еднорогот во пантолони за снег одеднаш избега“.
Стигнавме до крајот на уште едно издание, 46-то по ред, од ИФФК „Браќа Манаки“. Фестивал кој повеќе од четири децении ја преттсавува филмската уметност кај нас и во регионот и кој со гордост го врежува името на Битола на светската филмска мапа. Овие неколку фестивалски денови, седум, нашиот град живееше со филмот, пулсираше во ритамот на седмата уметност, Битола беше домаќин на врвни филмски кинематографери, режисери, актери, филмски работници од целиот свет. На нашите сцени, во нашите кина и по нашите улици се разменуваа идеи, се раѓаа нови пријателства и се создаваа идни соработки. Тоа е суштината на „Браќа Манаки“. Да обедини, да инспирира и да ја поттикне креативноста преку моќта на сликата, светлината и приказната. Овој фестивал не е само културен настан, тој е традиција, идентитет и обврска. Традиција што почива на визионерството на Јанаки и Милтон Манаки, пионерите на балканската филмска камера. Фестивалот е идентитет кој што го гради имиџот на Битола како град на културата, уметноста и филмот. Тој е наша обврска да го негуваме и унапредуваме она што тие го започнаа за да им оставиме на идните генереции уште посилна и побогата филмска приказна. Растежот на фестивалот „Браќа Манаки“ е повеќе од евидентен, но тој понатаму мора да продолжи да се развива и да биде мост помеѓу генерациите, културите и уметностите. Секоја година овој фестивал станува се поважен дел од европскиот и светскиот културен календар што е заслуга на сите овде присутни организатори, поддржувачи, уметници и публиката, рече градоначалникот Тони Коњановски кој им се заблагодари на организаторите на фестивалот, Министерството за култура и на сите институции кои со својата поддршка направија ова издание да биде топло и убаво во изминативе седум дена и потврди дека Општина Битола и понатаму ќе го поддржува фестивалот како домаќин кој знае да ја препознае неговата вредност на културен промотор на градот Битола.

Битола овие седум дена беше градот што сонува во светлина и сенка на платно. Директорот на фестивалот Димитрија Доксевски се заблагодари на сите што помогнале да се реализира фестивалот и застанале зад неговата идеја со зборовите: Да живее „Браќа Манаки!“