
Десет прекршувања на грчкиот воздушен простор, од турски воени авиони биле регистрирани во текот на вчерашниот ден во областа на североисточниот и југоисточниот дел на Егејското море, а сите биле пресретнати согласно меѓународните правила, јави дописничката на МИА од Атина.
Во грчкиот воздушен простор биле забележани вкупно четири турски авиони, односно една формација составена од два Ф-16, кои биле вооружени и два поединечни авиони ЦН-235.
Во еден случај грчки ловци интервенирале против турските и имало маневарско пресретнување, односно како што пишува весникот „Катимерини“, „симулирана воздушна борба“.
Според грчкиот Генералштаб турските воени авиони биле препознаени и пресретнати согласно меѓународните правила и воспоставената практика.
„Катимерини“ пишува дека инцидентот е трет од почетокот на годинава, по регистрираните случаи на 26 март и 12 мај и посочува дека официјална Атина ја следи ситуацијата за да утврди дали овие прекршувања значат враќање на претходните турски тактики или станува збор за изолиран случај на зголемени тензии.(МИА)

Македонски



