
Во Друштвото на писателите на Македонија на 15 септември, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи „Вечер со Олга Панкина“ – преведувачка, поетеса и промоторка на македонската книжевност и култура. Воедно, со оваа вечер ќе бидат одбележани два значајни јубилеи: педесет години од основањето на Лекторатот за македонски јазик во Московскиот државен универзитет „Ломоносов“, и петнаесет години од отворањето на Македонскиот културен центар во Москва.
Вечерта ќе ја отвори претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Живко Грозданоски, кој Олга Панкина ќе ја претстави како директорка на Македонскиот културен центар во Москва, по што беседа за нејзината поезија и за нејзините есеи ќе одржи поетот Ефтим Клетников. Со Олга Панкина ќе разговара новинарката и модераторка на настанот, Катерина Богоева.
Олга Панкина студирала на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ (1975-1980) каде што дипломирала со одличен успех по струка: филолог, стручњак за словенски јазици и литератури. Била на подолго стажирање во Македонската академија на науки и уметности. Дипломската теза ја подготвила со научно менторство на акад. Блаже Конески. Во текот на 1985-1987 година ја извршувала функцијата главен уредник и преведувач во Државниот комитет на Русија за радио-телевизија, додека од 1994 до 2011 година работела како преведувачка во Амбасадата на Република Македонија во Руската Федерација. Во периодот од 2007 до 2011 година, предавала македонски јазик на Меѓународниот словенски институт и на Академијата за словенски култури во Москва. Ја уредувала рубриката за Македонија во литературно-уметничкото списание „Меценат и свет“ што се издава во Москва.
Таа пишува поезиjа и кратка проза на руски и на македонски jазик. Авторка е на поетските збирки: „Предзимје”, „Паралелни светови“, „Плисок“, „Меѓусебна потрага“, „Тапан на пат“ и на збирката раскази „Сината птица“. Објавила и трудови од областа на македонистиката: над 80 научни реферати и статии како и книгите есеи: „Размислувања за литературата“ и „Македонската книжевност низ призма на преводот“. Таа е авторка на повеќе статии за Македонија во разни руски списанија. Нејзиниот научен интерес лежи во доменот на современиот македонски јазик, лексикографијата, теоријата и практиката на преведување од и на словенски јазици.
Панкина е авторка на преводите на 78 посебни книги од македонски писатели, како и на преводите на творби (поетски, прозни, драмски, критичко-есеистички) од 300 македонски писатели презентирани во рамките на антологиски избори, панорами и одделни објави. Како авторка на проектот „Библиотека на литературата на Македонија” , таа приреди, преведе и обезбеди средства за печатење на антологиите: „Македонски раскази“ (2009, застапени 50 македонски раскажувачи), „Современа македонска драма“ (2010, застапени 8 драматурзи), „Современа македонска поезија“ (2011, застапени 64 поети) – досега најрепрезентативни изданија на македонската книжевност на руски јазик. Таа е авторка и на значајниот проект „Македонскиот роман на 21 век“ што го реализира во соработка со Серуската државна библиотека за странска литература „Рудомино“. Првите седум романи од таа едиција: „Храпешко” од Ермис Лафазановски, „Водената пирамида” („Патот на јагулите“) од Луан Старова, „Дваесет и првиот. Книга на фантазми“ од Томислав Османли, „Азбука за непослушните“ од Венко Андоновски, „Маџун“ од Влада Урошевиќ, „Фантомско стапало“ од Блаже Миневски, „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски се објавени во периодот од 2014 до 2023 година во Москва во нејзиниот превод.
Олга Панкина е преведувачка на руски на антологиите од проектот „135 тома македонска книжевност“ (вкупно осум книги, 5000 страни): Македонскиот расказ, Поезија, Драма и Роман I, II, Литература за деца, Македонската критика и Македонскиот есеј. Благодарение на нејзиниот зафат Русија се вклучи во меѓународниот проект „Сто словенски романи“. Во нејзин превод се објавени романите: „Вежби за ибн Пајко“ од Оливера Николова, „Азбука за непослушните“ од Венко Андоновски, „Разговор со Спиноза“ од Гоце Смилевски, „Дива лига“ од Влада Урошевиќ, „Недела“ од Ермис Лафазановски и „Бродот. Консархиjа“ од Томислав Османли. Преведе и 23 драми од македонски автори.
Покраj горенаведените книжевни дела меѓу поважните преводи од македонски на руски на Панкина се:
Проза: „Големата вода“ од Живко Чинго, „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, „Времето на козите“ од Луан Старова, „Омраза длабоко“ и „Друга мајка“ од Драгица Најческа, „Папокот на светот“ од Венко Андоновски, „Невестата на змејот“ од Влада Урошевиќ, „10 македонски романи на 21 век“ (во извадоци), „Аквамарин“ од Тања Урошевиќ, „Собирачи на пепел“ од Давор Стоjановски, „Доилката“ од Лилјана Пандева и др.,„Силjан Штркот“ од Марко Цепенков, „Дирижаблот над поле со пченки“ од Влада Урошевиќ, како и раскази од македонски автори во списанијата „Великорос”, „Переводчик“, „Иностранаја литература“ и др.
Поезија (посебни книги): „Историја на болеста” од Ристо Лазаров, „Мајчин јазик” од Славе Ѓорѓо Димоски, „Храм, сепак храм” од Ристо Василевски, Антологија на современата македонска поезија „Гласови крај водата” (застапени се 65 автори), „Балканска меланхолија” од Ристо Василевски, „Сончев круг” од Матеја Матевски, „Забранета книга” од Веле Смилевски, „Врв” од Санде Стојчевски, „Препеви на Олга Панкина од словенската поезија”, „Моја длабочина” од Славе Ѓорѓо Димоски, „Кога ни гореше под нозете“ од Катица Ќулавкова, „Послание” и „Сто песни” од Блаже Конески, „Пејач во кулата“ и „Jужна sвезда“ од Влада Урошевиќ, „Македонски монолог“ од Гане Тодоровски, „Господарот на перото“ од Радован Павловски и др.
Олга Панкина во 2010 година jа формирала невладината организација „Македонски културен центар“ во Москва. Оттогаш како претседател на овој центар, таа активно и успешно ги презентира македонските културни вредности во Руската Федерација. Иницира, и повеќе од 10 години го реализира во Русиjа значаjниот проект „Читаj jа Македониjа!“. Таа е членка на Московската градска организација на Друштвото на писателите на Русија, на Сојузот на преведувачите на Русија, на Московското литературно друштво МОССАЛИТ; членка е на Друштвото на писателите и на Сојузот на литературните преведувачи на Република Македонија.
Панкина е добитничка на голем број награди и признанија: медал „Державин“, „Кристално перо“; медал „Чехов“, златна диплома од Меѓународниот форум на словенските култури „Златен витез“, медал „Грибоедов“, Литературна премија „Jугра“, „Златен витез“, лауреат на Литературниот конкурс на МОССАЛИТ, лауреат на Меѓународниот фестивал на уметностите „Степска лира“, Меѓународна Толстоева награда „Jасна Полjана“ (Русиjа); „Арт Глобал” (Хрватска); „Златно перо“, „Григор Прличев“, медал „Блаже Конески”, „Гоцевата мисла”, „Арт Феникс“, плакета „Струмица Open Festival“, „Почесно Рациново признание„, „Sвезден македониум”, државна награда „Медал за заслуги за Македониjа“, „Лингва” на Меѓународната манифестациjа „Битолски книжевни паметења, Интернационална награда „Ацо Караманов” (Македонија) и др.