
Кабинскиот персонал на најголемата канадска авиокомпанија „Ер Канада“ изјави доцна синоќа дека продолжува да штрајкува и дека ќе ја оспори наредбата за враќање на работа што ја нарекоа неуставна, спротивставувајќи се на одлуката на владата да ги принуди да се вратат на должност до 14 часот по локално време.
„Ер Канада“ соопшти дека планира да ги продолжи летовите во недела навечер, еден ден откако канадската Влада издаде директива за прекин на штрајкот на кабинскиот персонал што само тој ден приземји околу 700 летови и блокираше над 100.000 патници на аеродромите.
Илјадници стјуардеси на „Ер Канада“ во саботата штрајкуваа за прв пат од 1985 година, по месеци преговори за нов договор.
Канадскиот синдикат на јавни службеници објави дека членовите ќе продолжат да штрајкуваат и ја повика компанијата да се врати на преговарачката маса и да „преговара за договор“.
Авиокомпанијата соопшти дека некои летови веројатно ќе продолжат да се откажуваат во следните седум до десет дена.
Канадскиот одбор за индустриски односи (CCRI) „им наложи на Ер Канада да ги продолжат операциите и сите членови на кабинскиот персонал во „Ер Канада“ и нускобуџетната фирма ќерка „Ер Канада Руж“ на 17 август да се вратат на работа до 14 часот“, се наведува во соопштението на „Ер Канада“.
Кабинскиот персонал на „Ер Канада“ ја напушти работата во саботата рано утрината поради ниските плати.
Покрај зголемувањето на платите, барањата на синдикатот се однесуваат на неплатената работа на терен, за која велат дека е особено важна за време на качувањето.
„Ер Канада“ превезува 130.000 патници дневно и поврзува 180 градови низ целиот свет со директни летови.