
Од 300 до 500 патници дневно ја користат линијата на Градскиот воз од Зелениково до Скопје, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостувањето во емисијата „Само интервју“.
Според него, градскиот воз и најавените електрични автобуси, кои треба да бидат воведени од следната година, ќе придонесат за намалување на сообраќајот и загадувањето во главниот град.
„Ветивме дека првата линија ќе почне на 1 септември и тоа се случи. Дневно ја користат од 300 до 500 патници. Тоа се 300 до 500 помалку возила во центарот на градот и исто толку повеќе слободни паркинг-места“, рече Николоски.
Тој посочи дека целта е преку интегрирање на јавниот превоз да се намали бројот на возила што влегуваат во Скопје. Според неговите процени, околу 30 проценти од сообраќајот доаѓа од западниот правец, преку Тетово и Гостивар, уште 30 проценти од исток, преку Велес, а по околу 20 проценти од север, преку Куманово, и од северозапад, преку Приштина. Николоски најави дека се проектираат и другите две линии на Градскиот воз. Се разгледува и можноста за воведување градски воз во Куманово, како и за меѓуградска железничка линија Скопје–Приштина, доколку косовската страна ја реконструира пругата.

Македонски


