Skip to main content

Николоски: Шест автопатски делници се градат истовремено, дел од нив ќе бидат готови до 2029 година

Шест автопатски делници се градат истовремено во земјава, а работите се одвиваат со добра динамика, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.

Тој ги соопшти и очекуваните рокови за завршување на дел од проектите.

За делницата Кичево–Букојчани, чија изградба започна пред неколку дена, Николоски рече дека станува збор за технички сложен, но не многу долг автопат. Според него, за изведувачите се обезбедени високи банкарски гаранции, а рокот за изградба е четири години.

„Убеден сум дека овој рок ќе биде испочитуван“, рече Николоски.

Тој оцени дека работите на делниците што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ се одвиваат според планираното. На трасата Тетово–Гостивар, како што посочи, веќе е пробиен целиот пат, додека на делницата Гостивар–Букојчани се изградени поголеми мостови. За двете делници очекува да бидат завршени во 2029 година.

Побрза динамика, според Николоски, има на автопатот Прилеп–Битола, кој ќе биде долг околу 40 километри. Првите 12 километри, најави тој, треба да бидат пуштени во употреба во средината на 2027 година, а втор дел од трасата во втората половина на истата година. Целиот автопат се очекува да биде завршен во 2028 година.

Во врска со планираниот автопат Струга–Ќафасан, министерот рече дека се разгледува алтернативна траса, имајќи ги предвид ставовите на УНЕСКО за регионот.

Изградбата на автопатската делница Скопје–Блаце, според најавите на Николоски, треба да биде завршена до 2030 година.

Поврзани вести