
До крајот на август ќе биде целосно завршена изградбата на спортската сала во ООУ „Кочо Рацин“ во населено место Огњанци, Општина Петровец, беше истакнато при денешниот увид во градежните активности. Овој проект ќе им овозможи на учениците да ја започнат новата учебна година во современи услови за физичка активност и спорт.
Учениците од Огњанци новата учебна година ќе ја започнат во нова, современа спортска сала. Средствата во висина од 19 милиони денари се обезбедени преку буџетот на Општина Петровец и Министерството за образование и наука, изјави градоначалникот Борче Митевски.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска нагласи дека Владата вложува во инфраструктурата на образовниот систем, со фокус на физичката активност на учениците.
Физичката активност е од исклучително значење за концентрацијата и успехот на учениците. Продолжуваме со инвестиции во спортски сали, енергетски ефикасни објекти и фотоволтаични панели, рече Јаневска.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на увидот, истакна дека проектите се дел од заложбата на Владата за подобрување на квалитетот на животот.
Добро е кога се гради, кога се развива. Силно верувам дека ќе продолжиме во оваа насока, заедно со градоначалниците кои ја имаат довербата на граѓаните, рече Мицкоски.
По увидот во Огњанци, делегацијата се упати во населено место Ржаничино, каде се работи на изградба на три улици. Проектот е вреден 350 илјади евра, финансиран од Министерството за транспорт.
Последната точка на посетата беше Катлановска Бања, каде се врши асфалтирање на локалниот пат до Градманци во должина од 2400 метри. Средствата во висина од 200 илјади евра се обезбедени преку Владата на РСМ од унгарскиот кредит.