Skip to main content

„Фантазија“ – концерт под отворено небо на Филхармонијата во Градски парк

Фејсбук профил на Филхармонија / Од ланскиот концерт во Градски парк „Одисеја 2024“

„Фантазија“ е насловен концертот на отворено што Филхармонијата ќе го одржи вечер во Градскиот парк од 20.30 часот, на кој ќе биде изведена музика од 20-ина познати анимирани филмови од продукцијата на „Дизни“.

Оркестарот на Филхармонијата ќе настапи со избор на композиции од „Малата сирена“, „Убавицата и ѕверот“, „Херкулес“, „Покахонтас“, „Аладин“, „Кралот лав“, „Книга од џунглата“, „Снежно кралство“,„Приказна за играчките“ итн.

Диригент на концертот е Тимоти Редмонд од Велика Британија, а како солисти ќе настапат сопранистката Биљана Јосифов, тенорот Денис Димоски и бас баритонот Иван Наумовски. Музичката изведба ќе биде надополнета и со видеофрагменти од филмовите и со специјално осветлување.

Од Филхармонијата соопштија дека концертот е наменет за широк круг публика затоа што „музиката од овие филмови е безвременска, како и самите филмови со кои израснаа и сѐ уште растат новите генерации“.

На прес-конференција по повод концертот, директорот на Филхармонија Мустафа Имери рече дека „волшебната атмосфера која извира од самиот наратив на приказните уште повеќе се потенцира и преку музиката која сама по себе претставува посебна независна приказна“.

Штом ќе ги слушнете песните, веднаш знаете за кој филм станува збор, тоа е потврда дека се работи за музички ремек-дела кои фунционираат и самостојно, како посебни фрагменти кои се врзуваат со овие филмови. Насловот на концертот е извлечен од истоимениот анимиран филм „Фантазија“, во кој дејствието се гради на осум класични музички дела во изведба на Филхармонискиот оркестар од Филаделфија под диригентската палка на Леополд Стоковски, рече директорот Имери.

Британскиот диригент диригентот Редмонд истакна дека светот на Дизни е полн со фантазија и фантастична музика.

Ова е музика која зборува со сите генерации, нѐ враќа во нашето детство. Сите сме ги гледале овие филмови, а сега ќе имаме можност да ја чуеме само музиката, преку феноменалната оркестрација и преку звукот на оркестарот и солистите. Уживаме во целиот проект, секоја композиција буди различни емоции, одлично течат пробите, ќе имаме одличен концерт во петок, рече Редмонд на прес-конференцијата.

Со овој традиционален концерт во Градскиот парк, Македонската филхармонија ќе го заокружи официјалниот дел од оваа концертна сезона.

Поврзани вести