Skip to main content

Концерт на Градски женски младински хор „Менада“ од Тетово во Македонскиот КИЦ во Софија

Публиката во Софија ќе има можност да се запознае со македонската православна хорска музика од минатото до денес. На програмата ќе бидат застапени композиции со православна духовна музика од повеќе земји. 

Хорот Менада во 2026 година одбележува 45 години континуирано делување во Македонија и странство и има настапено во 20 земји на концерти и фестивали, исполнувајќи православна духовна музика со особен акцент на автори од Македонија, при што освоил високи награди и признанија. Голем број од македонски и странски автори посветиле композиции на хорот и диригентот. 

Во хорот членуваат хористки од младинска возраст. На репертоарот се поставени композиции од различни стилови и епохи. Хорот покрај изведба на вокални композиции (акапела), на програмата поставува и вокално-инструментални дела од светската хорска литература како и композиции од ваков жанр од македонски автори. 

Маестро Ивица Зориќ дипломирал, магистрирал и докторирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Како музички истражувач, теоретичар и педагог во областа на македонската хорска музика, организирал повеќе од 1000 концерти на класична музика, учествувал на домашни и меѓународни собири, панели и фестивали и е член на значајни меѓународни хорски асоцијации. Во издавачката дејност се јавува како автор и уредник на збирки на хорски композиции. На државните хорски натпревари во Македонија, во последниве години има освоено 21 прва награда со хоровите што ги диригира, а има добиено и први и втори награди на фестивали во Бугарија, Чешка, Полска, Белгија, Италија, Германија и Холандија. Во Австрија ја освоил Гран-при наградата и првата награда на фестивалот во Бад Ишл, каде жирито било составено од професори од Моцартеумот во Салцбург. Настапувал во Албанија, Бугарија, Грција, Турција, Романија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Австрија, Италија, Чешка, Полска, Германија, Шпанија, Холандија, Португалија, Шведска и Данска.

Проф. д-р Ивица Зориќ е добитник на највисоките значајни професионални и општествени награди и признанија во земјата и во странство.

Поврзани вести