Skip to main content

Поградец за некоја година ќе го престигне Охрид: За Македонците веќе и во Албанија е скапо

До пред некоја година македонските граѓани одеа во соседна Албанија на пазарување, затоа што економските околности тоа го дозволуваа. Сега ситуацијата се повеќе се менува во спротивна насока. Јакнењето на албанскиот лек во однос на конвертибилните валути дополнително ги поскапеа производите и услугите за нашите граѓани кои одат во Албанија.

Градот Поградец се наоѓа на најјужната точка на Охридското Езеро, на некои осум километри од македонско –албанската граница. До пред неколку години, многу од македонските граѓани на Охрид, Струга и околните места честопати одеа преку границата, на пазарење: овошје, зеленчук, други прехранбени производи, понекое парче облека, во многу прилики и само на еден ручек, па и на познатото трилече.

Градот од падот на комунистичкиот систем во 90-те години беше прилично запуштен. Но, Албанија како држава со поддршка на доста силната дијаспора, почна забрзано да се развива за по триесет години веќе да ги стигне, па во некои аспекти и да ги престигне соседните држави, особено во некои стопански дејности како угостителството и туризмот.

Дел од туристичката понуда на Албанија е и Поградец, кој од едно целосно заборавено место стана веќе пристојно гратче што забрзано се гради, проширува и на очиглед на сите станува препознатливо барем по одличната ресторанска понуда.

Уште пред десетина години на брегот на езерото беа отворени бројни ресторани, како во градот, така и во блиското крајбрежје, со интересна понуда на менијата, доста поразлична од онаа на македонската страна од езерото. Излезот на Албанија на море придонесе дел од понудата да бидат специјалитети од риба и морски плодови, нешто што во Охрид и Струга речиси и да не постои,  доколку и го има тоа, во најголем број случаи е смрзната риба, приготвена на континентален начин. Искуството што Албанците го научиле како имигранти, во најголем број во Италија, го донесоа тука, така што во Поградец може да се почестите со одлично приготвена морска храна, со доминантен италијански шмек.

Бидејќи Поградец не е меѓу главните приморски туристички дестинации во земјата, како што се Валона, Дерми, Саранда, Драч, кои од година во година уриваат рекорди според посетеноста од странски туристи, а сепак има пристап до свежа риба и морски плодови, цената на таквите специјалитети и оброци е доста пониска тука. Тоа е дел и од стратегијата на самите менаџери на рестораните, да ги прилагодат колку што можат менија според куповната моќ на локалното население.

Во еден од најпознатите и најквалитетните ресторани во Поградец, порција специјалитет од морска храна чини од шест евра за паста со морски плодови до 12 евра за порција ракчиња, приготвени на најразличен начин (препорака пржени ракчиња завиткани во кадаиф во слатко-луткаст сос). Во истиот ресторан на самиот брег на езерото можете да јадете и охридска пастрмка, за која треба да издвоите 55 евра за килограм, што е слично со цената во нашите ресторани.

Поразлично од речиси унифицираната понуда на јадења кај нас, барем  во Охрид и Струга и туристичките населби на оваа страна на езерото каде доминираат традиционалните јадења, рестораните во Албанија се трудат да ви понудат нешто поразлично, и тоа е забележливо. Порција бифтек или томахавк-кременадла чини 49 евра, што е прилично висока цена, но слични се цените на тие производи и кај нас, а во Поградец порциите се доста обемни и шефот на кујната јадењето го приготвува пред вас, според вашите желби. Вие сте главниот во ресторанот, очигледен е обидот да направат така да се чувствувате. Тоа секако има и заслужува своја цена.

Главниот готвач, Фатјон Ликолари, кој е и воедно и менаџер на ресторанот, рече дека независно од растот на цените на репроматеријалите, од година во година расте бројот на посетители, нагласувајќи дека нивниот  главен предизвик е да останат со прифатливи цени на храната, а врвен квалитет.

– Преферираме да работиме и вон сезоната кога имаме многу гости. Не мора многу да заработуваме. Работиме и за помал профит за да успееме да бидеме отворени целата година и во оние месеци кога нема многу гости, рече тој.

Ликолари рече дека не е мал бројот гости од Македонија во ресторанот, истакнувајќи дека има одреден број охриѓани кои се редовни муштерии. 

Вработените во ресторанот се љубезни, се трудат да ви угодат, дури и оние кои не знаат некои од светските јазици. За посетителите на ресторанот велат дека тоа се туристи од целиот свет, гости има и од Македонија, но како најдобри и најпосакувани ги посочуваат нивните иселеници кои доаѓаат тука на посета на родните огништа.

Келнерите во угостителските објекти имаат месечна плата околу 600 евра, но велат дека во текот на главната летна туристичка сезона се случува да земат и до два, па и трипати повеќе пари, само од напојниците од  дијаспората.

Мерсел, кој работи како келнер во ресторан во Поградец, ни рече дека апсолутно најдобри муштерии се Албанците кои живеат и работат во САД.

– Таму бакшишот се пресметува заедно со сметката. Кај нас тука тоа го нема, но тие иако не мораат, тоа го прават и кога плаќаат тука, рече тој.

Поградец  не е Охрид и не би требало да се споредува, самиот град и нема некоја посебна понуда, како некаков ноќен живот или туристичка атракција. Најчесто тука престојуваат туристи што се на поминување. Оттаму и сместувањето е поевтино отколку преку езерото. Ноќевање во одлично уреден апартман за двајца може да се најде од 1.500 денари па нагоре, додека во некој од хотелите во самиот центар на градот што нудат вистински комфор ноќевање за двајца изнесува 3.300 денари.

При неодамнешната посета влеговме во самопослуга, да ги провериме и цените на прехранбените, козметичките производи, средствата за лична и домашна хигиена, па и некои производи од белата техника. Денес цените во маркетите низ Албанија се од десет до 30 проценти повисоки отколку во Македонија.

Колку за пример, млекото чини од 60 денари нагоре, млечните производи се 20 до 25 проценти поскапи отколку во Македонија, трпезно вино поевтино од 200 денари нема, месото до 15 проценти поскапо, месните производи и повеќе. Македонско пиво што го има на понуда и во акција на снижување е поскапо отколку кај нас.

Средствата за лична хигиена и за чистење се далеку поспапи отколку кај нас. Прашакот за перење е и до 30 проценти поскап отколку во Македонија. Слично е и со алкохолните пијалоци. Дури и пелетите за греење се поскапи, со цена од 350 денари за вреќа.

Трајче Трајко од Мала Преспа работи во еден од поголемите маркети во Поградец. Вели дека има прилично мали месечни примања од 400 евра. Но, исто така посочи дека пазари во маркетот каде работи, затоа што како вработен има дополнителен попуст на производите.

– И овде како и во Македонија, луѓето се повеќе пазарат во големите маркети, наспроти маалските продавници. Причината е едноставна – поголемите маркети нудат поевтини стоки и честопати на акции со дополнително снижени цени, рече тој.

Она што навистина е достапно и прифатливо во Поградец се зелените пазари. Цените на  градинарските продукти и овошјето се далеку пониски споредбено со пазарот во Охрид, ако воопшто како репер треба да се зема охридскиот кој секогаш е меѓу најскапите во Македонија.

Колку за споредба,  на денот на нашата посета, пиперките, доматот и краставиците се продаваа по 48 денари за килограм, кромидот чинеше 36 денари, боранијата 30 денари, гравот 200 денари, а килограм нектарини 48 денари. Црешите се продаваа за 200 денари, јагодите од локално производство 120 денари за килограм.

Производите и услугите во Албанија во минатото беа далеку поприфатливи отколку што е тоа денес. До пред пет-шест години, за евро се добиваше и до 135 албански леки. Изминатите две три години албанската валута доста зајакна во однос на конвертибилните валути, така што денес за евро при размена во Албанија добивате сто леки. Цените на производите и на услугите генерално во сите држави од регионот растат, исто како и кај нас тоа се случува и во Албанија. Светските економски превирања се чувстуваат насекаде, поскапува се, од репроматеријалите, готовите производи, па се до услугите. Кога на сето тоа ќе се додаде се посилниот лек, тоа по автоматизам значи дополнителен раст на цените за сите туристи што доаѓаат во Албанија.

Ако некогаш се беше поевтино за нас во Поградец, денес тоа се сведува само на еден пристоен ручек по цена слична како кај нас и се уште само на овошјето и зеленчукот од локално производство.

Градот Поградец се уште е на истото место, тука, на другата страна на езерото, но од ден на ден се подалеку за македонските граѓани. 

Извор МИА

Поврзани вести