Skip to main content
psA-fh9nzV4
ПРИМ. Д-Р НЕБОЈША ПЕШИЌ, РАКОВОДИТЕЛ НА ЖЕНСКИ ОДДЕЛ ПРИ КЛИНИКАТА ЗА ДЕРМАТОЛОГИЈА

Ниту една крема не може 100 отсто да ве заштити од сонцето


Не постои идеална заштита на кожата од сонцето, вели примариус д-р Небојша Пешиќ, раководител на Женски оддел на Универзитетската клиника за дерматологија, доајен на дермоскопија и дијагностика на меланомот.

Мај е месец на борба против рак на кожата. Меланомот на кожата е 17. најчест карцином кај населението во светот, 14. најчест карцином кај мажите и 14. најчест карцином кај жените. Според извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во Македонија во 2023 вкупниот бројот на умрени од други малигни неоплазми на кожа е 46 со стапка на морталитет од 2.5/100.000 население, додека бројот на умрени мажи изнесува 33 со стапка на морталитет од 3.6/100 000 мажи, а бројот на умрени жени е 13 и стапка на морталитет 1.4/100 000 жени.

Од меланом во 2023 година умреле 55 лица со стапка на морталитет од 3.0 на 100 000 жители, од кои 41 се мажи, а 14 се жени. Стапката на умрени мажи изнесува 4.5 на 100.000 мажи, а стапката на умрени жени 1.5 на 100.000 жени.

Во интервју за „Република“ д-р Пешиќ објаснува дека ниедна крема не може да не заштити 100 отсто. Посебно од УВА зраците кои се канцерогени. Тој препорачиува механичка заштита – носење капи, шешири, да се заштити вратот, посебно кај децата, седење под сенка, под чадор. Добро е да се користи и облека, посебно кај малите деца, маички со ракави, дури и така да се бањаат. Важно е да се повтори мачкањето со заштитна крема.

Јас имам дијагностицирано 18-годишна девојка со маланом. Некои дури сметаат дека не постои меланом во рана детска возраст. Кај нас доминираат мажите во повозрасна група, над 50-60 години. Пикот во светски рамки е 75-80 години. Кај жените има еден пик меѓу 20 и 30 години. Забележителна е зголемена инциденца на меланом во тек на бременост во светски рамки. Кога зборуваме за помлада возраст, често се случува побрзо метастазираат и побрзо ја губат битката со болеста, вели д-р Пешиќ за Република.

Што точно претставува меланомот и колку е опасен како тип на рак на кожа?

Д-Р ПЕШИЌ: Од сите карциноми на кожа, меланомот е застапен пет отсто. Меѓутоа, проблемот со него е што смртноста е многу висока. Во Македонија тој морталитет изнесува 2,8 на 100.000 жители за 2019 година. Тие бројки се различни. Глобално, во цел свет, бројките се разликуваат во различни региони. Бројките се најпоразителни во Австралија, потоа Северна Европа, каде што живее претежно бело население, а најмалку ги има кај црнечката раса, практично еден на 100.000 жители. Во Австралија повеќе од 70 лица на 100.000 жители заболуваат од меланом. Во последните 5-6 години во Австралија скоро двојно е зголемен бројот, инциденцата на меланомот фрапантно расте. Во Европа околу 32 на 100.000 жители заболуваат од овој тип на канцер на кожа. Во Македонија во 2019 година се регистрирани 108 пациенти со маленом. Денес бројката се движи околу 150 на годишно ниво. Имаме подобрена дијагностика, како што е неинвазивната детекција на мелоними позната како дермоскопија, која се применува од 2004 година на Клиниката за дерматологија и со неа успеваме да најдеме промени на кожата уште во раната фаза. Но, за жал, се уште доминираат тие напреднати фази, каде што се наоѓаат тие регионални, односно одалечени метастази. Во една студија која ја работеше колегата Лазе Новески во која се опфатени околу 400 пациенти за три години е констатирано дека прво се прават дијагностички грешки во смисла се прогласуваат лажно позитивни маленоми кои што не се, а што е уште посташно, има случаи на лажно негативни. Најмногу грешки се правени кај овие лажно негативните кај матичните лекари. Но, за жал, тоа се случувало и кај пациенти кои биле на преглед во Клиниката, значи со дермоскопија. Проблемот е во искуството на тој што гледа.

Д-р Пешиќ: Со дермоскопијата успеавме да наоѓаме рани форми на меланом и со тоа преживувањето автоматски го зголемуваме / фото: Александар Пешиќ

Зошто е важна дермоскопијата како метод при дијагностицирање на меланом?

Д-Р ПЕШИЌ: Предноста на овој метод, кај искусен дермоскопист да процени и да спречи непотребни хируршки интервенции и да постави што е можно попорецизна клиничка дијагноза и соосветно на тоа да следи хируршки третман. Д-р Новески правел анализа на такви случаи, каде што е извршена дермоскопија. Генерално и глобално, бројот на меланоми расте. Бројот расте и во Македонија, но со овој метод, успеваме порано да ги дијагостицираме. Со една група дермоскописти од Србија и Словенија направив група и одржавме три курса каде што едуциравме дерматолози. Овој метод, во редовна едукација не постои, така што матичните лекари не се многу фамилијаризирани со методот. Во соседни држави, како што е Србија на пример, со дермоскопија гледаат и матични лекари. Битно е да се научи азбуката, да се научат тие дермоскопски структури и врз база на нив, има алгоритми каде што се прави проценка. Ние направивме три такви кусра, едуциравме 20-тина дерматолози. Идејата тогаш беше да направиме теледермоскопија, да воведме телемедицина во Македонија, што беше врв. Се набавија дермоскопи, остана да се набават и софтвери и наместо да се упатуваат пациентите од внатрешноста во Скопје, тие, со дермоскопска слика што ќе ја направи дерматологот и ќе ја испрати, ние од овде да одговориме. За жал, тоа не се реализира. Пред три години набавивме на Клиниката уште пософистициран апарат, фотофајндер со кој ги следиме пациентите. Доаѓа пациент, поставувавме дијагноза дека има сомнителна бенка. Го сликаме, документираме, со дермоскопска слика и закажуваме контролна дермоскопија, на три, шест, девет или 12 месеци.

Кои се главните ризик-фактори и дали генетика игра важна улога?

Д-Р ПЕШИЌ: Маленомот најчесто се јавува кај белата раса, тип кожа 2 и 3, која гори и не пигментира и затоа е најголема инциденцата кај англосаксонската раса која е отидена во Австралија. Тоа се белци кои емигирале во Австралија каде што има озонски дупки, УВ индекс над 7. Во Австралија имаат развиена мрежа на рана детекција на мелонаом и примарна превенција, но расте инциденцата и расте морталитетот. Тоа е интересно на глобално ниво. Иако рано дијагностицираме, бројот на починати расте. Често се истакнува дека генетиката е риизк-фактор, бидејќи, во семејства каде што е детектиран меланом, најчесто во прво колено, ризикот на децата да заболат е 50 отсто. Голем ризико-фактор претставува бројот на стекнати, некогаш и вродени бенки. Кај вродените е битно тие големите, над 10 сантиметни во пречник, таму е забележан ризик околу 10-20 посто. Ризик е ако имаат најмалку 50 и повеќе бенки по целото тело. Кај овие лица е забележан поголем ризик. Голем ризик-фактор е појава на изгореници од сонце каде што изгореница се смета за црвенило. Тоа е знак дека сме претерале, но во рана детска возраст, тоа значи кај деца до пубертет. Има една група на меланоми кои се јавуваат на лицевата регија и една категорија на пациенти кои посетуваат солариуми кои се на УВА зраци. Теоријата за настанокот на карциномот и на туморите кај човекот главно беше поентирана на генетиката. Меѓутоа, има една група научници во САД, која докажува дека исхраната, животниот стил е предоминантен и тој е причина за појава на кацрином. Тоа е храна богата со јагленохидрати и транс масти, но пред се поентата е врз јаглехидратите. Нема добар шеќер. Најголем непријател на човекот за појава на автоимуни заболувања, за дијабетес, за карцином, се сметаат шеќерите и животниот стил, односно физичика неактивност. За да имате здрава микрофлора, многу е битно да се храните здраво. Значи, потребна е храна богата со целулоза, со растителни влакна. Таа ги создава тие добри бактерии кои се важни за созревање на имунилошкиот систем, а знаеме дека најголемиот имунилошки систем е сместен во цревата. Научници од САД докажале дека кога ги лишиле клетките од шеќер, од гликоза, клетките умреле. Кога ги лишиле од аминокиселина глуатамин умреле. Во САД, покрај имунотерапијата, тренд е карциномите да ги лечат со метаболна терапија. Тоа е терапија со исхрана каде што на пациентите им се дава кето диеата, се исфрла секаков шеќер, со тоа ја изгладнува клетката, не ја храни. Но, проблемот е со аминокиселина глутамин, кој е непоходен за функционирање на мозокот. Меѓутоа, и тука нашле модел, бидејќи има антиметаболити кои се користат во медицината за разни карциноми и други тумори.

Д-р Пешиќ: Јас препорачиувам механичка заштита – носење капи, шешири, да се заштити вратот, посебно кај децата / фото: Александар Ивановски

Кои симтпми или промени на кожата не смееме да ги игнорираме? Како да знаеме кога да побараме помош?

Д-Р ПЕШИЌ: Меланомот може да настане од здрава кожа или да се јави на некоја претходна меланоцитна бенка која што ни е стекната или вродена. Ние секогаш тоа го говориме на пациентите, ако забележат каква било промена на постоечка бенка или некоја новонастаната промена да се јават на преглед. Но, какви се тие промени? Тоа се промени, ако збориме за бенка во форма, боја и големина. Тие промени се бавни. Не оди преку ноќ. Обично советувам, освен за меланомите кои одат со брз раст, таканаречени нодуларни меланоми, кај другите промените може да бидат со години. Не се гледајте секој ден, им велам на пациентите, можете еднаш во месецот, на два месеци. Грбот секогаш некој друг треба да ви го види, не можете сами. Ги советувам да направат фотографија со мобилен телефон и ако забележат некоја што ја немаат, а се појавила нова, тоа се тие новонастанати, тогаш да се јават на преглед. Има една група на меланоми, розеви меланоми кои буквално немаат пигмент. За нас, кои работиме дермоскопоија обраќаме вниманајие и на нив.

Дали користењето на креми со заштитен фактор е доволно за заштита од сонцето? Дали постојано треба да се користат, преку цела година или само преку лето?

Д-Р ПЕШИЌ: Користењето на фотопротетиквни креми е неопходно бидејќи не смееме да дозволиме кожата да изгори. За изгореница се смета појава на црвенило на кожата. Изборот на крема е секогаш важен и се прави зависни од типот на кожата и времето кое што сакаме да престојуваме на сонце. Типови на кожа кои не горат, а пигментираат, може да поминат и за заштитен фактор 30. Но, осетливата група, која гори, а никогаш или делумно пигментира треба да користи посилен фактор. Не постои идеална фотозаштита. Ниедна крема не може да ве заштити 100 отсто. Посебно од УВА зраците кои се канцерогени. Јас препорачиувам механичка заштита – носење капи, шешири, да се заштити вратот, посебно кај децата, седење под сенка, под чадор. Но, чадорот пропушта 30 отсто зраци. Има рефлексија од песок, од вода. Добро е да се користи и облека, посебно кај малите деца, маички со ракави, дури и така да се бањаат. Важно е да се повтори мачкањето со заштитна крема. Најидеална фотопротективна крема е онаа што ја користела американската војска, која работи на принцип на огледало. Кремите денес што ги користиме работат на принцип на хемиски филтри. Тие ја апсорбираат таа енергија. Прашањето е што се случува со таа апсорбирана енергија во кожата? Дали таа не може да провоцира клеточна мутација?

Има ли разлика кога треба и смееме да се сончаме?

Д-Р ПЕШИЌ: Многу е битен периодот на експозиција на сонце. Најмногу ова важи за децата, меѓутоа и за возрасните, изложеноста на сонце треба да биде до 10-11 часот наутро, во зависност од месецот во годината. Не е исто во јули и август, кога УВ индексот е 9 или 10 или мај или јуни. Меѓу 11 и 16 часот не се препорачува да бидеме изложени на сонце.

Кои се вашите препораки кога станува збор за превенција и грижа на кожата?

Д-Р ПЕШИЌ: Кожата е огледало кое ја одразува внатрешната здравствена состојба на човекот. За да имате убав тен, убава кожа, покрај генетиката и навиките, многу е битен стилот на живот. Тоа значи начин на исхрана, избегнување на западна диета богата со шеќери и транс-масти и повеќе ориентација кон медитеранска исхрана, евентуално познатата кето диета или вегетаријанска исхрана. Проблемот кај вегетаријанската и веганска исхрана е што не се внесуваат есенцијални аминокиселини кои се неопходни за раст и развој кај децата, а кај возрасните за некои други физиолошки процеси. Негата е исто така битна. Денес модерно е, покрај фотопротетивните креми кои не штитат, да се користат и колагенски креми и во последно време најмодерно е користење на ласер.

Дали и колку имунотерпаијата и таргетираните терапии го сменија начинот на лекување на оваа болест?

Д-Р ПЕШИЌ: Со дермоскопијата успеавме да наоѓаме рани форми на меланом и со тоа преживувањето автоматски го зголемуваме. Примарен третман е хируршки. Потоа следи хистопатолошка потврда и одредување во која категорија ќе ја сместиме болеста. Кај понапредните форми адјувантната терапија е неопходна, посебно кај стадиум три и четири. Во последната деценија и помалку, револуција во терапијата е имунолошката терапија која ги таргетира имунокомпетентните клетки на болниот тие да се справат со тие карциномски клетки. Кај нас имунотерапијата се дава постопертивно, но во Холандија примарно почнуваат со имунотерпија, а секундарно одат на оперативно. Примарно, тоа го прават така бидејќи меланомот, или примарниот тумор, се намалува за 50 отсто, а во некои случаи може и комплетно да исчезне, а второ – ги атакуваат и останатите метастази. Денес, имунотерапијата во современите медицински центри е примарна, а потоа следи хируршка интервенција, ако има потреба.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото и видео: Александар Ивановски

монтажа: Александар Ивановски

Поврзани вести