Skip to main content

Главен проблем не е Уставот, туку преговарачката рамка! Решение е откажување на вториот протокол

Горе, долу, тоа веќе на сите им е јасно, што е добро. Премиерот вели – „… рамката е катастрофална, најлоша, нема полоша…“ („Вечер“ од 30/11/2024), за да нагласи – „никогаш не сме барале нејзина промена“!? Додава – „не знам кој е тој што ќе даде гаранции дека ќе нема блокади со билатерални договори…“. Точно е дека рамката е клучот, дека во ЕУ гаранции нема, ниту може да има. Решаваат 27 членки, а нашите аргументи ништо не им значат… Добро, ама зошто не се бара промена на рамката? Да не се залажуваме, нашиот судир е сега со ЕУ, не е со Софија. Мора да се сфати дека со оваа рамка нема никогаш да влеземе во ЕУ.

Изјавата на Мицкоски навестува дека постои план, или барем стратегија, за излез од ќорсокакот. Вака, се наметнува прашањето – што понатака? Брисел, и сите членки, стојат цврсто зад промената на Уставот, и постојано нѐ потсетуваат на тоа. Макрон, новата комесарка Марта Кос… Сите, без исклучок! И, со право! Наш проблем е што сме пишман аџии.

Недоумицата се зголемува кога премиерот тврди – „ЕУ, во моментов, нема подобра опција…“ Демек, од одложена промена на Уставот. А, со промена на Уставот, ние само ќе ја олесниме бугаризацијата, и ништо друго! Ни останува катастрофата наречена – преговарачка рамка.

Пред некој ден и Вархеји, едно ситно бирократче, коешто отворено работеше за интересите на Бугарија, изјави – „Софија не мора да поставува никакви додатни услови – сѐ е во рамката!“ Што е тоа сѐ? Разнебитувањето на Македонците, де. Како креатор на рамката, тој најдобро го знае тоа. Навистина, Бугарија не мора да бара ништо друго. Деновиве, Јотова му го потврди тоа на германскиот пратеник, Сарацин.

Зошто се „фалиме“ дека не бараме промена на рамката? Сега се бориме со Брисел, и таа е нашиот главен и клучен проблем, кој мора да се оспори. Макар, да се критикува. За тоа има безброј причини. Надвор од умот е, на пример, таа да се повикува и на некакви записници!? Ако тоа не се промени, не сме направиле ништо, дури и секој ден да го менуваме Уставот, та и Радев лично да го ставиме во него!

Добро е што се шири оптимизам, ама тоа е само празна порака до Брисел, дека им веруваме. Ништо повеќе. На домашен план е – контроверзно. Изјавата од врвот на државата, дека странците велат – „Вие сторивте се’, сега ние сме на потег“ („Нова Македонија“, од 28/11/2024), е апсолутно погрешна. Такво нешто не е можно. Историските грешки мораме сами да ги исправиме.

Одлично е што за прв пат, по долго време преполно со тешки порази, Македонија е во дипломатска офанзива. Сега се води жестока борба за нашите интереси, иако стратегијата може да биде дискутабилна. Секаде се пласираат нашите аргументи, коишто никој не може да ги игнорира. Нормално е странците да имаат – разбирање. Тоа, меѓутоа, ништо не значи и нема ништо да промени. До сега, тие ни правеа што сакаа бидејќи „нашите“ молчеа и голтаа кнедли, додека Бугарија вршеше жестока агресија врз Македонија.

Аргументите коишто ги пласира премиерот се неспорни –ни ветуваа веднаш преговори, и членство во ЕУ за четири, пет години, само за да нѐ прекрстат. Минатата година беше петтата; во договорот нема ништо за Уставот; која е потребата стотици Бугари да внесуваме во Уставот, а истото не се бара од Србија, каде ги има многу повеќе; ако се човекови права во прашање, Судот во Стразбур донесе 14 пресуди против Бугарија за Македонците, а нема ниту една за Бугарите кај нас; ако не исполниме критериуми, нека има вето, ама е надвор од умот да има оти Гоце Делчев е во учебниците…

Соговорниците немаат избор отколку да се сложат. Евидентно е дека сме во право. Ама тука завршува и нивното разбирање а, со сегашната рамка, нашето напредување кон Брисел ќе зависи само од резултатите на историската комисија. Какви можат да бидат тие, веќе предобро знаеме. Впрочем, и да ги завршиме преговорите, што ќе биде невозможно во дадените услови, бугарското Собрание нема НИКОГАШ да го ратификува нашето членство, ако не прифатиме дека сме биле Бугари до 1944, со јазик дијалект.

Нашите вистински приказни, сепак, ја доведоа ЕУ во небрано. Свесни се дека на Македонија повторно ѝ се нанесува неправда, ама самите сме прифатиле капитулација! Ама, ќе мораат нешто да преземат. Некој спомнува некакво „креативно решение“ коешто, бидете сигурни, ќе биде истото ама, за наше залажување, спакувано во малку поинаков омот.

Така е бидејќи за ЕУ, случајот е главно завршен и не им требаат опции. Нам ни требаат и имаме две – да го спроведеме предавството на претходните, или да го откажеме истото, и да ја избришеме сопствената глупост. Трето нема.

На потег сме ние, и само ние. Грешките се наши и нема никаква шанса некој да ги исправа во наше име. Самите ќе мора да го сториме тоа. Брисел ќе реагира само ако ги ПРИСИЛИМЕ НА ПРОМЕНИ. Така е во дипломатијата, и тука е и нашиот излез. Што поскоро тоа го сфатиме, тоа подобро. Сѐ друго е вртење во круг, без јасна стратегија.

За среќа, и во овие услови, решение – има, и тоа не е тешко. Не мораме веднаш да го откажеме договорот за (не)пријателство со Бугарија, туку само вториот протокол. Барем формално, тоа е обичен записник од меѓувладина средба, без никаква ратификација. Инаку, протоколот е три пати „потежок“ од самиот договор, и пет пати пострашен и по погубен за нас. Во споредба со него, договорот е приказна за деца! Кога ќе се повлечеме од вториот протокол, АВТОМАТСКИ ПАЃААТ ВО ВОДА И УЛТИМАТУМОТ ЗА ПРОМЕНА НА УСТАВОТ, И САМАТА ПРЕГОВАРАЧКА РАМКА, произлезена од него. Нашите две рак рани.

Тоа ќе предизвика жестоки реакции, ама куси. Ако САД откажаа три светски договори (клима, Иран, ТПП), ако Црна Гора мора да го откаже договорот со САД, за Меѓународниот кривичен суд, заради ЕУ, ако… Зошто Македонија да не може да откаже записник од кој зависи идентитетот на народот?

Ние сме на потег и мора да тргнуваме од намерите, плановите и целта на Бугарија. Тоа и не се крие – сакаат, и не само тие, дефинитивно да се затвори „Македонското прашање“, со наше бугаризирање. Свесни се дека тоа најлесно ќе го реализираат со преговарачката рамка и со внесување на „Тројански коњ“ во нашиот Устав. Со пасошите, нели, за Бугари се декларирале преку 120 илјади Македонци што, заедно со семејствата, прават и до 500 илјади такви во земјава. Според Софија, се разбира, ама тие имаат и докази.

Врз таа основа, преку преговорите, ќе инсистираат Охридскиот рамковен договор да се применува целосно – и за Бугарите. Што значи тоа, нека размислува секој сам. Без Бугарите во Уставот, тоа ќе им биде потешко, и затоа жестоко (ќе) инсистираат. Впрочем, зошто е ултиматумот на Радев за Уставот, ако не со таква намера? Друга причина – нема.

Нашиот маневарскиот простор е тесен, а преговарачката рамка е нивно нуклеарно оружје. Таа гарантира бугаризација на Македонците. Ако не се откаже вториот протокол, Уставот ќе мора да се менува, веројатно без одложено дејство. Или, ќе нема ништо од ЕУ. Ќе следуваат бесперспективни преговори, што ќе биде нова шанса за бескрупулозни уцени од Атина, врз основа на Нивици, и од Софија, преку историската комисија. Се’ заедно, неславен крај и за власта, и за Македонија.

Нашата позиција е горе високо, долу длабоко. Во такви услови, излез е можен само со радикални чекори. Во случајов, тоа е – вториот протокол. Без тоа, остануваме изгубени во вселената. Поточно – отпишани.

На народот, особено на Албанците во земјава, треба и мора систематски да им се објаснува кои се корените и целта на агресијата, којашто Софија ја води против македонскиот народ, со помош не само на Брисел. Клучно е дека немаме избор освен да се бориме за својот опстанок. До таму сме дотерани, благодарејќи на досегашните поразителни политики. Нашите аргументи не се спорни. На таа основа, мора да се бара ем разбирање, ем поддршка, за да се избегнат пред се’ непотребни меѓуетнички соочувања.

„Наостреноста“ на Албанците, пак, за што поскоро членство во Унијата, не е ниту наивна, уште помалку автохтона. И тука, своја клучна улога имаат надворешните сили. Тоа е дел од жестокиот притисок врз Македонците.

Време е да се освестиме. Во континуитет и интензивно, веќе 35 години се работи на бришење на Македонците (непризнавање, оспорување на име, референца, агресија од Косово, ОРД, НАТО 2008, Нивици, Бугарија, Тиранска платформа…), а сето тоа ние го гледаме изолирано. Уставот и преговарачката рамка се дел од истото странско сценарио. Атина и Софија во никој случај не се носители на тие политики ама, заради сопствени стари интереси, се опасни алатки.

Ако тоа не ни е јасно…

Поврзани вести