Skip to main content

Митрополит Агатангел: Велигден е можност и за наше лично воскресение

Пред сечиј дом, пред секое кревко човечко срце, на Велигден стои Воскреснатиот Спасител кој како Господар на животот, како Утешител на повредените и Устроител на секоја правда и добрина, трпеливо и смирено го чека нашиот добар збор, нашето топло добредојде, за да ја проникне секоја внатрешност со својата спасоносна благодат, за да ја подари својата животворна сила, за да го прероди човекот, да ги избави и утеши раслабените и повредените и од овој ден да направи сенароден празник на животот, на љубовта, на радоста и човечноста.
На Велигден, на смртта ѝ го празнуваме умртвувањето, на адот – разурнувањето, на сè што е слабо и ограничено – вечноста, на крајот и заборавот – новиот почеток, на сомнежот и неверата – благородната надеж и непоколебливата вера и знаење.
Со Христовото Воскресение се избриша границата меѓу небото и Земјата. Преку овој славен и неповторлив настан од Бога беше прегрната Земјата, а на небото се насели човештвото. Богочовекот Христос стана нашата вечна поткрепа, нашиот бедем и тврдина. Застана Он во времето и просторот, ги симна оковите на секој заробеник, ги преврза раните со елеј на секој раненик, го зеде во своите раце знамето на победата, ги разруши портите на смртта и како Воскреснат Син Божји седна од десната страна на Отецот. Благословен е нашиот Бог, кој со својата голема милост нè разреши од гревовите, ги очисти страстите и похотите, го уништи проклетството на распаѓањето и го закопа стариот човек. Долгоочекуваниот Месија, кој живееше меѓу луѓето, ја покажа на дело својата неизмерна и божествена љубов. Претрпе Он секакви понижувања, отфрлања, маки и страдања, и пред самиот крај, кога неправедно беше високо издигнат на крстот, секому му прости, за секого се зазеде и секој што е гладен и жеден го повика и покани на трпезата Господова, за да биде еднаков учесник и наследник на вечното Царство Небесно.
Ние христијаните во светоста Господова ја гледаме правата светлина. Сонцето на правдата воскресна од мртвите и ги освети идните денови и векови. Неговите зраци го дадоа сјајот на верата, од нив се распламти љубовта и во раскош се облече мудроста. Во иднина, кога во душата на верникот ќе биде воскрилена молитвата, од Бога ќе ѝ биде испратена благодатта што ќе ги погази злото и бедата, а на секое постоење ќе му бидат дадени житејска смисла и виталност.

Блаженството повеќе нема да биде недостижен сон и мечта, туку наша реалност и сегашност. Славата на преобразениот човек нема да е нешто што само ќе се наѕира како провидение, зашто вечната светлина на Живиот Бог, на Отецот и Синот и Светиот Дух, е громогласна молња, која истовремено секого ќе го просветлува и никого нема да поразува. Ние христијаните веруваме во Воплотениот и Воскреснат Спасител, кој нè ослободи од законот на гревот и од канџите на смртта. Он е нашиот залог и залет кон вечноста, на Него како на цврст темел е построена секоја наша идна надеж. Во нас за навек живее Духот на Оној кој го воскресна Исуса од мртвите. Он ќе ги оживотвори и нашите смртни тела. Пред нас, преку Него, изобилно е спрострена благочестива иднина, во која ќе биде израмнета секоја сегашна несовршеност и нерамнина. Нашиот Бог, кој е богат со милост, поради својата голема љубов ќе нè оживее со Христа, ќе нè воскресне и восинови на небесата, и од огромното богатство на својата благодат, врз секое создание што живее во правда и вистина изобилно ќе ги излее својот елеј и своето исцелително миро. Сите ние ќе примиме капка од оваа утринска роса, која чека да падне врз секоја жедна душа, која го разбиструва секое око што со копнеж гледа во висините и се надева на вечните рајски населби.
Возљубени мои Македонци и Македонки!
Во тага и со тешка скрб на душата влегуваме во овој празник. Нашите мисли и понатаму се обременети со страшната несреќа и трагедија во Кочани. Молитвите наши се упатени кон Бога со надеж и уверение дека Он ќе ја прегрне и упокои секоја невина душа. На секој родител нека му биде дадена делотворна утеха. На секој повреден нека му биде дарувано брзо и успешно исцеление. Кога Христос бил предаден во рацете на непријателите, неправедно бил суден, исмејуван, измачуван и на крајот убиен, покрај Него останале малкумина Негови верни следбеници, кои во ужас биле принудени да гледаат како пред нив бива згазена и поразена невиноста. Тешко било во тие моменти да бидеш пријател Христов. Но колку подлабока и помрачна била оваа тага, толку поторжествено блеснала над неа радоста. Господ Бог, повторно и повторно, ќе го земе во своите пазуви секое натажено срце што посредно или непосредно зело учество во Неговите крстни страдања. Секој што на Него се надева и потпира ќе биде соучесник во Неговото славно воскресение. Верните чеда на Црквата Христова се Негови наследници. Секој што со Христа страда, со Христа и ќе се прослави. Несреќата во Кочани сите нè обедини, без разлика на нашето потекло, вера или убедување. Надлежните државни институции, обвинителството, полицијата, здравството успешно и брзо реагираа во справувањето со оваа страшна криза. Решителноста на Владата и на комплетното раководство на државата да воспостави ред во општествените односи и да спроведе неселективно господарење на законот, од секој добронамерен граѓанин доби отворена поддршка и разбирање.

Извршната власт, на чело со премиерот г. Христијан Мицкоски, мора да ги покрене сите лостови што ѝ се на располагање за да ги совлада со години напластените отпори што насилно го оптоваруваа системот и постепено породуваа секакви нелогични аномалии што нашата Македонија ја водеа во хаос и безредие. При овој тежок настан сите ние посведочивме колку може нашиот народ да биде солидарен и човечен. Овој бран на добрина и милосрдие нека се рашири во сите пори на општеството. Во иднина, избраните народни претставници нека му служат на народот предадено, бизнисот и неговите чинители нека вложуваат и инвестираат во човечки ресурси, но и на други општокорисни полиња, работникот нека си ја сака работата, нека се однесува кон неа чесно и одговорно. Нека ни даде Господ сили да истраеме во секое добро дело. Сите ние како православни христијани ќе треба да научиме правилно да ја ползуваме светлината, која на Велигден ни ја дава Воскреснатиот Господ Исус Христос. Да внимаваме на себе, во правда да постапуваме, нашето празнување нека биде облечено во дух, во мир и во секоја чистота. Само така ќе бидат возвишени нашите души. Од нас зависи дали себеси ќе се победиме и дали своите слабости ќе ги надминеме. Заедницата се гради од секој поединец, од секоја личност. Одвнатре се уредува и општеството, но и нашата непосредна околина. Не постои сила, па колку и да е таа добронамерна, која однадвор ќе ја присили волјата на поединецот за поинаку да постапува. Секој родител ќе треба посебно да се устреми во грижата за своите деца. Нивната добробит и нивната светла иднина во голема мера зависат од нашата цврста убеденост во редот, поредокот и во секоја лична дисциплина. Само така ќе бидеме пример за нашите потомци, само така во добро наследство ќе им ја оставиме нашата татковина Македонија, која за секого од нас е нашето топло родно огниште. Нашето славно и величествено минато и историја се сеопшто народно завештание за нашата македонска светла и благочестива иднина. Пред злото што демне со сите свои лажни наслади, не смееме да покажеме слабост, страв и нерешителност. Бог ќе нè поткрепи да истраеме во оваа битка, зашто Он ги наградува секоја трудољубивост, секоја добра намера и секоја благородна мисла.

Драги празникољупци, мили Македонци!
Кој празнува со чисто срце, тој празнува со ангелите. Кој празнува со љубов кон Христа и кон својот ближен, тој празнува и со Небесната Црква. Кој пребива во љубовта, тој пребива во Бога, а и Бог пребива во него. На Велигден широко се отворени царските двери на небесното светилиште, низ кои влегуваат сите оние што чинеле смирени дела на покајание. Да се удостоиме и ние како народ Божји за оваа чест и за оваа неизмерна радост. Христос воскресна од мртвите и низ целиот свет се разлеа бесмртноста, Христос воскресна од мртвите и засекогаш му се одзеде силата на исчезнувањето, Христос воскресна од мртвите и се зацари мирот и спокојот во секоја повредена и натажена душа. Христе – Победителу, во искрена молитва Ти се обраќа нашиот дух! Посеј го семето на Твојата евангелска вистина, испрати ни обилен дожд од Твојата божествена благодат, порасни го во нас дрвото на Твоето спасение! Прими ги овие наши зборови како бескрвна жртва пред Престолот на Твојата возвишена слава. Разлеј ја засекогаш во нашата утроба светлината на Твоето воскресение. Дверите на нашето срце стојат отворени во очекување на Твојата посета. Вдахни ја благодатта на Твојот Свет Дух и посади го во нас Твојот вечен и божествен мир. Чувај ја нашата татковина Македонија од секоја напаст, поделба и несреќа. Овој Велигден нека биде радост за нашиот македонски народ и за сите други народи што се надеваат на Бога и на Неговиот Воскреснат Син. Вечно насели го во нас Господи дарот на Твоето неизмерно човекољубие!

Христос воскресе! Навистина воскресе!

Митрополит повардарски †Агатангел (Станковски)

Поврзани вести