Skip to main content
ЛИЧНОСТ НА НЕДЕЛАТА

Кој на друг платформа му гради…

Баш симболично е што денес кога го одбележуваме Денот на македонската револуционерна борба, поточно денот кога во Солун била формирана Македонската револуционерна организација на еден напатен народ кому и ден денес некој однадвор сака да му кажува што и како, го одбираме него да ни е личност на неделата. Но, периодов навистина му се случуваат толку многу работи, и некој однадвор му кажува што и како, па може малку и да му се ситиме на

Еди Рама

Албанскиот премиер многу сака да е фраер. Многу сака да го знаат како „онај шемата од Албанија“, со белите патики и маичките под сако, што ем е многу опуштен, ем сериозен политичар што прави чуда во својата земја. Таков е тој, целиот е чешит, особено со нас, неговите соседи. Знам дека не ви текнува, затоа сме тука да ве потсетиме: кога во 2022 година Заев ни го смести Ковачевски да ни е премиер, па на една средба Мицотакис му објаснуваше на Шолц – овој сега е премиер на „Северна“ Македонија, Рама скокна и на „шега“ го поправи – „премиер на идната Западна Бугарија“. Хе хе.

Епа на Рама со месеци му гори под нозе. Почна од протестите против проектот на синот на Трамп, па тоа прерасна во демонстрации и ескалираше неделиве кога и кај него станаа на протест студентите.

И покрај сè тој одбива да даде оставка и вели дека протестите и немирите во земјата се дело на надворешни/странски сили кои сакаат да ја дестабилизираат државата. Реално, кога една модерна „револуција“ добива име – во неговиот случај Фламинго, кај нас Шарена – одма знаеш дека е платена. Нема збор, во право е човекот.

Ама, па, не можеш да не му се наситиш.

Пошто, иако кога зборуваме за „однадвор“ секогаш мислиме на поголемите земји, реално „однадвор“ за Македонија е и Албанија – конкретно Еди Рама.

Ајде пак да ве потсетиме – По терористичките напади во Диво Насеље 2015 година Рама излезе и рече дека Албанија ќе стави вето на членството на Македонија во НАТО доколку „македонските власти целосно не го спроведат Охридскиот рамковен договор и не ги унапредат правата на Албанците“. Ха ха.

Одиме понатаму – јануари 2017 година, веднаш по предвремените парламентарни избори, кога по цели перипетии од Заев, ВМРО ипак тесно водеше, за формирање на Влада гледаше кон албанските партии. Па, Рама зеде и ги собра сите албански лидери и таму ја зготвија „Тиранската платформа“. Рекоа – сакате влада? Прифатете официјален албански на цела територија, Албанци во Устав, промена на знаме, химна и грб, прогласување геноцид(!?) и сменете име ради Грција. И, ви текнува, се најде будалата која прифати.

Рама после се правдаше дека не ја напишал платформата, туку само помогнал во „комуникацијата меѓу партиите“. Епа, фала ти на помошта, ама не ни се мешај.

Кога стигна на ред пописот во Македонија 2021, кој тоа активно мешаше прсти и преку дипломатски канали и изјави инсистираше да се постигнат процентите на албанско население? Истиот што постојано јавно вели дека Рамковен се контролира од Тирана. Фала ти и на таа помош.

Ајде малку и понова историја. Кога лани студенти протестираа за да полагаат правосуден испит на албански јазик (да не навлегуваме во објаснување на оваа небулоза), од каде тоа дојдоа студенти на испомош? Од Албанијата на Еди Рама. Некој тие автобуси ги организираше и ги доведе сред Скопје да протестираат во туѓа држава за туѓи „права“. И за ова фала ти.

Кога му се врати ова и албански студенти и активисти од Македонија и Косово сега одат во Тирана и му ги полнат масовните антивладини протести, нешто престана да ги сака македонските Албанци, поточно ги нарече „хорди на коњи на четири тркала кои доаѓаат во Тирана за да ја соборат албанската влада“.

Епа, не знаеме дали спаѓаме во твоето „однадвор“ Еди, ама некако не може а да не се наситиме. И за тоа, фала ти.

Поврзани вести