
На 8 март, Македонската опера и балет ќе биде домаќин на ексклузивен концерт на една од најпочитуваните музички ѕвезди на Балканот – Јелена Томашевиќ. Со овој настан, таа ќе го одбележи својот 20-годишен јубилеј на музичката сцена, прославувајќи две децении посветеност, уметност и искрени емоции што го освојуваат регионот.
– Во интимната и елегантна атмосфера на Македонската опера и балет, Јелена ќе им подари на присутните ноќ која ќе биде повеќе од концерт – ќе биде музичка приказна што ги поврзува срцата на сите генерации. Со нејзиниот извонреден вокал, кој е симбол на сила и нежност, Јелена ќе ги оживее своите најголеми хитови, како и песни кои оставија длабок печат на музичката сцена, велат организаторите.
Во изминатите две децении, Јелена Томашевиќ се издвои како музички феномен кој го спојува традиционалното и современото. Нејзиниот глас допира до сите, а нејзините песни се химни на љубовта, вербата и животот. Од незаборавната „Оро“, која го освои целиот континент, до емотивните балади како „Име моје“ и „Да ми је да ми се врати“, секоја песна носи дел од нејзината душа и приказна.