Поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска преку објава на Фејсбук ги демантира наводите што изминатите денови беа пласирани во јавноста за нејзина поврзаност во случајот со возачот кој ја прегази Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“.
Шеќеринска вели дека со ниту едно од споменатите лица немала никаков контакт ниту познанство – ниту со возачот, ниту со неговиот татко, ниту со судијката.
– Длабоко сочувство до семејството и блиските на Фросина Кулакова. Од почит кон нивната болка и загуба не сакав јавно да реагирам, но гледам дека некои нелуѓе и криминални структури продолжуваат да лажат и да ловат во матно дури и при вакви лични, семејни и општествени трагедии и на необјаснив начин да ме ставаат во контекст на сообраќајката во која е убиена Фросина Кулакова. Најдиректно сакам да ги демантирам СИТЕ такви наводи – тие се целосна, безобразна и исконструирана лага за која не постои НИКАКВА ОСНОВА. Одговорно тврдам дека со НИТУ ЕДНО од споменатите лица немам никаков контакт, познанство ниту пријателство: ниту со сторителот ниту со неговиот родител, а уште помалку со судијката што одлучувала за неговите предмети. Со ниту едно, наведува Шекеринска.
Нагласува дека никогаш не се јавила кај никој за да побара ургенција за каква било сообраќајна грешка.
– Некои пријатели ми замериле поради тоа (што не сум “им завршила работа”), но сум стоела зад мојот став, бидејќи искрено верувам дека неказнивоста води кон повторување на делата, а тоа значи само чекор до трагедија. НИКОГАШ за НИКОГО не сум се јавила за да побарам ваква ургенција и затоа бев шокирана кога видов дека некој почнал да шири вакви обвинувања за мене без НИКАКВА причина, ниту доказ. Неточни се, но и нелогични бидејќи во годината во која биле носени тие судски одлуки, јас не сум имала никаква функција ниту позиција на моќ од која би можела да вршам такво влијание. За жал, очигледно е дека некои структури можат да продуцираат и најнелогични и целосно исконструирани лаги – доволно им е да имаат интерес и наредбодавател. Токму поради трагедијата и потребата сите ИНВОЛВИРАНИ да одговараат – се надевам дека ширењето невистини и обвинувања без основа нема да бидат искористени за да се кријат ВИСТИНСКИТЕ сторители и соучесници, вели Шекеринска во објавата на Фејсбук.