
Еден од најфрапантните податоци во тековната општествена трансформација на светот е што, во САД, од сите зделки на купување недвижности, процентот на купувачи кои за првпат купуваат куќа или стан паднал на само 21 процент. Тоа значи дека четири петтини од сите зделки ги прават луѓе кои веќе имаат некаков недвижен имот. Уште пострашно, просечната старост на овие 21 процент од купувачите кои за првпат стекнуваат недвижен имот (или, како што е случај во САД, за првпат го почнуваат 30 годишниот процес на отплаќање на некаков имот) пораснала на 40 години. Просечниот годишен приход на овие купувачи е 94 илјади долари.
Не знам дали во Македонија се собираат слични статистички податоци, но податоците од САД ни го потврдува тоа што сите го знаеме преку секојдневни практични примери- дека младите луѓе кои припаѓаат на пониската работничка класа не ни помислуваат да купат имот. Становите и куќите ги купуваат луѓе во средни години и постари, кои веќе имаат неколку имоти. Младите ќе си живеат со мама и тато, под кирија или ќе чекаат да наследат нешто.
Од Ковидот, преку Украина до Иран, светот се соочи со неколку сериозни потреси кои ги напумпаа цените на сите производи, енергенси и недвижностите. Платите растат паралелно со овој инфлаторен бран, но најчесто не доволно брзо – особено не доволно брзо за да држат чекор со цената на недвижностите. Проблемот е реален, а бумерите, место да се загрижат за тоа што се случува, честопати одговараат така што ги обвинуваат младите дека не се трудат доволно –
Ова е изворот на гневот кај најмладите – кај многу чеканата генерација З (децата на Генерацијата Х, родени меѓу 1997 и 2012 година). Велам многу чеканата генерација бидејќи генерацијата меѓу нив и Џен Х – нарекувани Милениумската Генерација – не се прославија многу.
Миленијалците, како деца на бумерите (што само по себе е хендикеп) први се соочија со целосната сила на интернетот и социјалните мрежи, и не се справија баш најдобро со овој феномен. Главни забелешки за миленијалците се дека се политички конформисти, дури и кога се работи за погубните мигрантски и еко-политики, и кревки и ранливи на работното место. Ако Џен Х го измисли интернетот и софтвер компаниите, миленијалците го измислија одделението за ејч-ар. Милениумските протести беа безбедни и одобрени од доминантните политички кругови, медиумите и безбедносните служби – Грета, протестите против Трамп во првиот мандат, БЛМ…
Шарената револуција во Македонија е добар пример, на божем бунтовна младина со поткрепа од УСАИД, амбасадите и странски тајни служби.
Но, Џен З младината е првата генерација која е израсната со интернетот од најмалите години, и првичното искуство со нив, со нивните први чекори во јавниот живот и бизнисот, беше многу охрабрувачко – се покажаа скептични кон политичарите и традиционалните медиумите (кои не ги ни гледаат), подготвени да кршат табуа, да се бунтуваат против конформизмот и да не трпат ништо од никого. Генерацијата Х дефинитивно ги надмина бумерите во воспитувањето на своите деца. Како пример за ова може да се земат изборите во САД во 2024 година, кога Трамп доби скоро половина од гласовите на младите од 19 до 29 години (постарите Џен З и помладите миленијалци) – што нели, не би требало да се случи бидејќи само бумерите гласаат за десницата. Трамп доминираше на подкастите – додека Камала Харис со денови се премислуваше дали да оди или не на емисијата на Џо Роган, Трамп седна со Тео Вон да дискутира за ефектите на кокаинот, придоби комичари кои ја критикуваа војната во Газа како Ендрју Шулц, се зезаше со екипата на Нелк Бојс и Логан Пол. Зад десниот апел кон младите гласачи стоеше политичкиот маченик Чарли Кирк, кој се обиде да ја пренесе пораката на семејните вредности во жариштето на левичарскиот активизам – американките факултети – за што беше и убиен.
Како што видовме на почетокот на оваа колумна, неспорно е дека Џен З ги прави своите први чекори во светот на возрасните во исклучително тешки економски околности. Кога се жалат, тоа не е ранливост туку мерлив, опиплив факт. Нервозата веројатно е по-присутна кај миленијалците, од кои голем дел сфаќа дека го пропуштаат моментот да стекнат имот и основаат семејство, математиката едноставно не математикува (што би рекле младите) и оправдано ги фаќа паника. Џен З е сеуште на почетокот на својот пат – но деновиве стана популарно политичари да почнат да зборуваат за проблемите на младите, и да ги припишуваат на бунтот на Генерацијата З.
Трамп не беше само интересен подкаст гостин – тој вети конкретни решенија кои на прва рака не би требало да бидат дел од светогледот на младите. Тој ги обвини мигрантите за проблемите на младите – за скапите станови, за прескапите факултети, за лошиот пазар на трудот. Левицата вели дека становите се скапи затоа што милијардерите и компании како Блекрок купуваат се што ќе излезе на пазар. Десницата им ветува на младите дека ќе депортира милиони илегалци и криминалци, со што домашните млади ќе добијат шанса да уплатат за стан и да најдат работа и дека нема да излезат од факултет со долгови од 50 до 150 илјади долари. Повеќето млади луѓе (освен публиката на Ник Фуентес) можеби нема да се чувствува пријатно да гласа за масовни депортации, но во полза на Трамп одеше и тоа што администрацијата на Бајден и Камала Харис не можеше да го заузда Израел и да ги спречи нападите врз Газа. Тоа им даде изговор на младите да гласаат во полза на својот економски интерес – за депортирање на илегалците – а сепак тоа да биде претставено како високо морален чин на гласање да се запре војната во Газа. Добар дел не мораа ни да гласаат за Трамп, доволно беше да не гласаат за Харис или да гласаат за кандидатката на Зелената Партија.
Е сега, не знам што половината од младите кои гласаа за Трамп мислеа дека се подразбира под „масовни депортации на илегални мигранти“ – дека тоа во некои случаи ќе значи влечкање на човек по улица додека неговата жена и деца врескаат по полицајците. Јасно е дека повеќето млади луѓе немаат стомак да гледаат такво нешто, иако се свесни дека повеќето од депортираните се криминалци и дека сериозна држава мора да има граница, а заштита на границата подразбира одредена доза на насилство (некои работи мора да им се објаснат на младите како на деца).
На крај, Трамп ги загуби гласовите на младите на истите прашања на кои и демократите загубија половина од младите во 2024 година. Проблемот почна со несмасниот начин на кој се обиде да ја прикрие листата на Епстин, за што беше обвинет дека е под контрола на израелското разузнавање, а дефинитиво ги загуби со војната против Иран. Сепак, тој покажа дека е можно десничарски кандидат да ги придобие Џен З, особено машките гласачи, со пораки кои без пардон ќе апелираат на нивните интереси. Изборите во Канада покажаа нешто слично – десницата застана на страната на младите, со ветување на депортации и поефтинување на недвижностите, но е соочи со проблемот дека младите не гласаат во голем број, па така постарите, кои гласаа за левицата која носи повеќе мигранти што значи дека цената на нивните станови и куќи ќе продолжи да расте, извојуваа лесна победа (по што цените на недвижностите сепак почнаа да колабираат).
И каде ќе одат сега младите? Може да се очекува дека економски потиснатиот дел на младите, кои се честопати повисоко образувани но со се полоши перспективи во животот од нивните родители (за кои во САД почнуваат да го користат изразот „downwardly mobile”) ќе гласа пред се против тие што се на власт – против тој што младите ќе проценат дека е виновен за нивната влошена положба во општеството. Во САД тоа беа демократите во 2024 година, а Трамп во 2026. Во Франција, наскоро, тоа веројатно ќе биде естаблишментот на Макрон. Изразот „Џен З бунт“ првпат го слушнавме во неодамнешните безредија во Франција – иако тоа беше повеќе очаен обид на француските власти да го претстават дивеењето на слабо асимилираните мигранти како божемен оправдан бунт на млади Французи гневни поради условите во училиштата. Поправилно е да се каже дека Џен З политички пресуди при изборите во Унгарија, каде неспорно имаше голема мобилизација на младите, како и при протестите во Србија, иако таму место Џен З се користеше брендот „студенти“, а нивната вистинска заднина ќе ја дознаеме наскоро. Значи, засега, кога ќе има поголема излезност на младите, некогаш ќе настрада левицата, а некогаш десницата – зависно кој ќе се затече на власт.
Пораката на десницата до младите е едноставна – се е скапо и се соочуваме со криминал во градовите затоа што во земјата имаме луѓе кои не треба да се тука, плус целото фабричко производство го испративме во Кина. Потребно е да се реиндустријализираме и да градиме повеќе живеалишта (две политики кои се на сила и во Македонија). Пораката на левицата е дека треба да се отворат границите затоа што домородните жители се расисти, а со скапотијата ќе се справуваме на стариот добар левичарски начин – со национализирање на недвижностите. Тоа е предлогот на двајцата моментално водечки левичарски политичари, на кои се угледува и левицата во Македонија – шпанскиот премиер Педро Санчез и градоначалникот на Њујорк Зохран Мамдани. Ако решението на десницата е дека недостигот на недвижности треба да се решава со повеќе градба и помалку бирократија, и секако, нешто што се подразбира – слободно формирање на пазарните цени на становите и кириите – кај Мамдани и Санчез гледаме како левицата ќе го решава проблемот на цената на недвижностите. Тие носат или прошируваат постоечки регулативи за замрзнување на кириите или нивно вештачко држење на ниско ниво – особено ако кираџиите се припадници на обесправена група, сиромашни, невработени, самохрани мајки.. Мамдани од една страна бара сопствениците на станови да мора да вршат зачестени поправки во становите, а од друга страна, ги замрзнува кириите за да ги притисне во банкрот и да ги натера на продажба. Притоа, дел од становите во Њујорк воопшто не можат да бидат понудени на продажба од нивните сопственици ако претходно не бидат понудени на невладини организации политички блиски до градоначалникот (се работи за организации кои работат со бездомниците и поради тоа добиваат право први да дадат понуда за недвижност што е на продажба). Санчез имаше гласно најавувана средба со Мамдани во Њујорк за време на Генералното Собрание на Обединетите Нации, по што се врати во Шпанија и распиша предвремени избори велејќи дека е крајно време некој да го реши проблемот со прескапите станови (Санчез е на власт од 2018 година). Користејќи ја смртта на пензионерка која беше присилно исселена од станот кој живеела цел живот под замрзната кирија, Санчез побара промени на законите со што ќе се забрани бркањето на кираџии, ќе се воведе автоматско обновување на договорите за наем, замрзнување на кириите и други мерки кои ги претставува како поволни за сиромашните и младите (тоа што во меѓувреме го легализираше престојот на неколку милиони илегалци со владин декрет веројатно нема толку големо влијание на цените на недвижностите во Шпанија).
Ова се моменталната левичарска политичка понуда за младите – да ги обвинат постарите генерации и алчните корпорации дека натрупале премногу недвижности и да ветат прераспределба на имотот. Не е претерано да се каже дека предложените политики претставуваат делумна национализација на недвижностите, ќе доведат до проширување на проблемот со гетоизацијата (особено ако се проследени со политика на отворени граници) и ќе натераат дел од сопствениците на становите да ги повлечат становите од пазарот или да ги остават руинирани. Како што видовме во Канада, а ќе видиме наскоро и во Шпанија, овие политики генерираат меѓугенерациски конфликт. Симпатиите на секој здраворазумски човек секако треба да се страната на младите, но постарите генерации, кои гласаат во рекорден број, имаат обврска да ги отфрлат старите погрешни политики кои левицата ги нуди под превез на помош на младите.
Овој политички циркуз веќе почнуваме да го гледаме и дома, и допрва ќе го гледаме. СДСМ се убедија дека гневот на младите политички ќе се артикулира во полза на левицата, и сериозно ги сфаќаат советите на политичките консултанти кои ги ангажираа од Србија (кои, како и сите консултанти, знаат на газдата да му кажат тоа што сака да чуе). Затоа деновиве и на Филипче и на неговите медиумски потрчковци како Забрчанец устите им се полни со додворување на Генерацијата З. Филипче веќе почна да најавува и економски мерки од арсеналот на крајната левица како што е прогресивното оданочување на богатите (што на крајот секогаш значи оданочување на средната класа). Знаејќи ги како партија без свои оригинални идеи, можеме да очекуваме дека СДСМ ќе копира се што ќе види од Белград, а сега и од Мадрид и Њујорк. Но ова е меч со две острици. Натамошната политичка радикализација по теркот на Санчез, кој е единствениот посериозен европски политичар со кој Филипче се сретна годинава, неминовно ќе ги разбуди и загрижи постарите гласачи, кои се приврзаа за сумите што ги гледаат на Пазар 3 и Реклама 5 и будно ќе ги следат сите најави за оданочување на нивните недвижности или ограничување на слободата на пазарот, правото на продажба или определување на кириите. Популистички политики кои им ветуваат брзи решенија на младите гласачи се можеби добри за партија како Левица, која не претендира да владее и ќе биде задоволна со младиот протестен глас за да добие неколку пратенички места, но партија која сака да биде стожерна не смее да си дозволи да ги раскара своите млади и постари поддржувачи (а СДСМ веќе нема многу останати ниту од едните ниту од другите).
СДСМ еднаш, не толку одамна, ги извозе миленијалците – кои беа нивната Генерација ЗЗ. Ветувањата дека „младите ќе се вратат дома“, за брзо и безболно членство во Европската Унија, за борба против криминалот.. завршија со економски модел заснован на кладилници и фарми за марихуана, продлабочени идентитетски конфликти со соседите и носење на Али Ахмети на власт. СДСМ деновиве очајно се обидуваат да испровоцираат конфликт со некој медиум или да се налепат на разни настани од црната хроника, во обид да ги рекреираат деновите кога младите навистина им поверуваа во искреноста на „бомбите“ и „вистината за Македонија“. Целта им е, без никакви внатрешни реформи, дури и без кадровски промени (освен што Заев се скри зад Филипче) да и ја продадат истата приказна и на многу пософистицираната Генерација З. Мислам дека е навреда на интелигенцијата очекувањето дека повторно ќе им помине.

Македонски



