
Имам чувство дека истата оваа колумна ја пишувам на секои два-три месеcи, за што се извинувам на читателите, ама што да прави човек кога на секои два-три месеци се соочуваме со истата ситуација. Малку – малку СДСМ ќе се израдуваат дека дошло до некаков пресврт во меѓународната заедница, и дека повторно во светските престолнини има интерес да ги донесат на власт за да одработат нешто, што веќе ни се случи двапати во нашата куса историја како независна држава.
Најкомичниот таков случај беше некаде на почетокот на годинава кога СДСМ се убедија дека САД донеле закон според кој ќе ја апселе македонската Влада поради непочитување на договорот од Оҳрид ли беше, од Преспа, не се сеќавам веќе прецизно. Па од СДСМ почнаа здушно да собираат примери кога за тоа како некој владин претставник не го употребил зборот на “с” и да ги праќаат до збунетиот персонал на амбасадата. Звучи како сон, но ова навистина се случуваше и траеше со недели, додека во СДСМ не сфатија дека некој ги извозил.
Тоталниот колапс на овој Изногудски план за враќање на власт можеби малку ги обесхабри, но не ги натера да се откажат од генералната замисла – повторно доаѓање на власт со помош на странците. А и немаат како да се откажат бидејќи очигледно немаат или не гледаат друг пат за политичка релевантност и евентуално враќање на власт. Според нивното искуство, власта се добива и губи со интервенција на странците – како што видовме во 2000-2002 или во 2015-2017та, двете катаклизми за Македонија кои (единствено) СДСМ ги помни како многу успешен период на реставрација на нивниот режим.
И бидејќи само мислењето на странците е важно, деновиве во нивниот штаб затоа по цел ден седат пред компјутер, ги гледаат и преразгледуваат снимките од посетите на премиерот Мицкоски и други владини претставници на западните престолнини, мерат и премеруваат колку долго се поздравил со некого, дали соговорникот е насмеан или намуртен, кој како бил облечен.. Страшно.
Деновиве премиерот Мицкоски е на подолга посета на САД. Во Вашингтон се сретна со конгресмени ангажирани на Балканот, конкретно одбрани претставници на администрацијата кои можат да помогнат во развој на енергетски и други стратешки проекти во Македонија, и се одважи и да помине еден час соочен со прилично критички прашања во Атланскиот Совет (каде соговорничката, инаку Албанка, упорно прашуваше зошто Македонија не ги исполнува ветувањата дадени од Заев и Бујар Османи кон Бугарија). Ова нè потсети дека Владата се уште мора да ги чисти смутовите и забуните оставени од претҳодната Влада, чии политики беа категорично отфрлени од граѓаните на избори, но ете кои се уште живеат во главите на странски аналитичари и коментатори од пред-Трамп ерата, кои мислат дека проблемите можат да се решаваат по линија на помал отпор и попуштање на послабиот. Во минатото вакви дискусии за историјата, името, потеклото.. одземаа и до 90 проценти од времето издвоено за странски посети. Сепак, добро е што оваа Влада има продуктивна агенда во САД, е посветена на конкретни инвестиции и развојни проекти, наместо бесконечно објаснување и правдање за тоа кои сме и што сме.
Значи, се работеше за типична посета на (прилично празниот и спарен) Вашингтон, ред политички, ред развојни/економски средби, и ред објаснување за проблемите што СДСМ се обидуваат да ги накалемат на друг. Конечно, на крајот на посетата на Вашингтон, премиерот имаше половина ден резервиран за средби, а половина за патување од Вашингтон до Њујорк, каде што веќе се собираше американската и светската елита. Во текот на овој ден тој успеа да најде време неколку средби во еден историски ҳотел во Вашингтон, за интервју со мојата маленкост и делегацијата замина кон Големото Јаболко. Без да знае дека во некој штаб во Скопје будно се следи посетата и се мери колку средби имало во секој ден. Тоа што делегацијата во текот на еден ден посетата можеше да одвои само половина од вообичаеното време за средби беше прочитано како сигнал дека посетата е неуспешна и дека премиерот нема соодветно ниво на средби во САД.
Ок.
Радоста на опозицијата продолжи следниот ден, во неделата, кога наместо средби со светски бизнисмени, политичари и аналитичари, владината делегација издвои повторно половина ден за присуство на традиционалниот собир на Македонците во црквата Свети Кирил и Методиј во Сидар Гроув, во надворешните предградија на Њујорк. Присуството на богослужбата и разговорите со Македонците од овој крај, кои многу придонесуваат за Македонија, според опозицијата беше дополнителен доказ дека посетата е неуспешна, па нивните ботови почнаа радосно да шират мемиња и фотомонтажи. Но радоста траеше кратко, бидејќи по оваа пауза од еден ден за патување и средби со дијаспората, продолжи темпото на официјални и неофицијални средби, во рамките на очигледно добро подготвената посета. Уште не беа објавени сите нарачани фотомонтажи за исмевање на премиерот кога почнаа да излегуваат снимките од средбата на Мицкоски со Марко Рубио – практично третиот човек на администрацијата на Трамп. Следеше официјалната средба со вториот човек на Стејт Департментот Кристофер Лендау и целиот тим задолжен за Европа и Балканот. Следеше обраќањето на престижниот форум Конкордија каде што присуствуваа десетици американски конгресмени и владини претставници и стотици светски политичари, лидери и бизнисмени. Па присуство на отворањето на собранието на Обединетите Нации на конференција организирана од претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта. И повеќе средби со бизнисмени од разни индустриски гранки. А средбите допрва почнуваат, допрва следи обраќањето пред Обединетите Нации и учеството на приемот на претседателот Трамп (се сеќавате на смутот минатата година кога опозиционерите се убедија дека претседателката Силјановска се сликала со восочна фигура – баш да видиме што ќе измислат годинава).
Луѓе од СДСМ и нивните ботови мртви сериозни коментираа дека средбата со Рубио се случила така што нашата страна некако го ставила во тесно – иако на снимката се гледа како Рубио го прегрнува министерот Муцунски, што го пренесуваат и балкански медиуми како доказ дека тука очигледно постојат изградени лични односи. Очигледно е одбивањето на СДСМ да се соочат со реалноста дека ВМРО ги има надиграно на терен кој сметаат дека им припаѓа само на нив. Бидејќи нели, само тие смеат да се шетаат по Брисел, Њујорк и Вашингтон. А реалноста е дека премиерот Мицкоски веќе со години гради соработка со членови на американската администрација, има директен контакт со нив, што се гледа и во постигнати резултати, како на пример на планот на трговијата. Министерот Муцунски повеќе пати годишно престојува во САД и има средби со Рубио и високи претставници на американската дипломатија, а тука е и дипломатијата на претседателката Силјановска.
Реалноста што СДСМ ја игнорираат се гледа и на друг план. Каде ви е УСАИД? Каде се парите се нови шарени револуции? Каде ви е Калето да бара, не знам, широка коалиција или барем влез на ДУИ во Владата? Каде се нарачаните пропагандни кампањи за оцрнување на Владата? (мислам, во ред, тие кампањи си течат по некоја инерција, но се на аматерско ниво во споредба со скапо платените операции за “менување на режимот” на кои сме навикнати од амбасадите). СДСМ упорно зајадливо коментира дека Владата се гледа себеси во периметарот на Трамп, како да нема резултати од таа стратегија, а не сфаќаат дека нивното дремење во опозиција, без надеж во догледно време да се смени нивниот статус, и веќе најавеното пензионирање на Али Ахмети – тоа се резултатите од периметарот. Македонија конечно има влада формирана како резултат на суверената волја на граѓаните, без интервенции од надвор, и без обврски да испорачува некои нови охридски или преспански компромиси.
И што друго човек да каже за оваа опседнатост со странските лидери од страна на опозицијата? Не е здраво за политичари кои воделе и пак претендираат да водат независна, суверена држава до толку да се опседнати од пораките на странските политичари, па уште да измислуваат или да припишуваат пораки кои не постојат мерејќи средби со штоперица или врз основа на нечиј израз на лицето. Двапати се случи странска интервенција да ги донесе на власт, и очигледно, наместо тоа да го сфатат како шанса да се докажат како достојни за власта и да ја добијат довербата на граѓаните, во СДСМ сметаа дека меѓународната поддршка им дава дозвола за корупција, плантажи со мариҳуана, раскрчмување на се што е наследено, а дека кога народот ќе им каже доста, тие само треба да се свртат кон своите странски спонзори, и тие за кратко време пак ќе ги донесат на власт. Но сега, по неколку години оставени сами на себе, напуштени од пријателите од надвор, СДСМ покажуваат знаци на крајна нервоза. Не можат смирено да изреагираат на фактот што сега некој друг се среќава на високо ниво по светските престолнини, гради соработка со идеолошки блиски политички движења кои се во подем низ западниот свет, и добива конкретни резултати и поддршка (а без притоа да прави понижувачки отстапки). Излезот од оваа ситуација за секоја сериозна партија е едноставен – треба да се свртат кон гласачите, да се обидат да ги придобијат или барем задржат тие што некогаш ги имале, и да ги признаат нив, а не странците, како извор на суверенитетот. Но, тоа бара и многу работа. Покусиот пат до власт, преку странска интервенција, им е очигледно затворен. Да видиме дали ќе тргнат по подолгиот пат, или ќе останат пред компјутер, да гледаат како некој друг работи и ја претставува Македонија низ светот.

Македонски


