Skip to main content

Нови научни погледи за Мисирков претставени преку промоција на две монографии на проф. д-р Ганка Цветанова и проф. д-р Димитар Пандев

МИА

Два монографски труда беа промовирани попладнево на затворањето на дводневната манифестација Мисиркови денови во МАНУ. „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: За македонскиот идентитет и за нацијата“ е насловот на публикацијата на проф. д-р Ганка Цветанова, која ја промовираше академик Катица Ќулавкова. Проф. д-р Димитар Пандев е автор на изданието „Окружението на Мисирков“, кое го претстави проф. д-р Лилјана Гушевска.

Ослободена од сувопарност, како што впрочем и самата Ганка е инвентивна и креативна, оваа книга го претставува Мисирков како основоположник на современиот македонски социолошки дискурс, а неговите теориски концепции добиваат централно место во обликувањето на критичкото толкување на националните, културните и политичките феномени во рамки на македонската научна мисла – нагласи академик Ќулавкова. 

Таа додаде дека градејќи го својот профил на теоретичар на нацијата, протонационализмот и национализмот вклучувајќи ги модерните теории на нацијата во светот, професор Цветанова стекна научен легитимитет да ја проучува историјата на македонската нација и во тој контекст беше очекувано таа во еден миг да се зафати со толкување на опусот на Мисирков, кој е првиот култен теоретичар на македонскиот културен и јазичен идентитет. 

Мисирков, посочи Ќулавкова, не е тема на македонскиот идентитет, иако обично се истакнува така и станува како еден вид стереотип, туку основоположник на македонската модерна политичка теорија и филозофија на идентитетот и на нацијата. 

Македонскиот идентитет постои векови наназад, значи не може да го создаде некој во 19-от или 20-от век, иако неговата научна концептуализација и политичка автономија се артикулираат, доста широко со оглед и кодекс во општословенската и европската јавност, дури во втората половина на 19-от и на самиот почеток на 20-от век, ете најпрецизно артикулирана кај Крсте Петков Мисирков – рече Ќулавкова. 

Дефинирајќи го македонскиот историски, етнички, јазичен и културен идентитет, додаде Ќулавкова, тој ја скицира политичката концепција на македонската нација, не само врз основа на етничките постулати, туку и врз основа на социјалните и политичките фактори, политичката автономија, граѓанската еднаквост, чувството за припадност на заедничката држава, културата, научната и политичката елита, јавниот дискурс, што го подвлекува професорката Цветанова. 

Во клучните документи на Македонското научно и литературно другарство во Санкт Петербург, од самиот почеток на 20-от век, македонската нација е концептуализирана согласно тогашните релевантни европски модели и затоа јас ја препорачувам и книгата која произлезе од проектот што го правевме заедно со професорката Цветанова за Македонското научно и литературно другарство, каде што покажуваме дека сфаќањата на нашите тогашни интелектуалци од самиот врв, кои живееле, работеле, се школувале ширум Европа, е во согласност со важечките теориски научни начела кои доаѓаат дури и малку подоцна, ама и се во согласност со дадената тогашна ситуација – рече таа.

Ќулавкова рече дека во книгата Цветанова ги вркстува сознанијата и методите на неколку дисциплини: социологијата, политикологијата, историјата, лингвистиката, теоријата на нацијата и културологијата и предочува дека и денес, по 123 години од објавувањето на книгата на Мисирков „За македонцките работи“, актуелни се неговите сфаќања за односот меѓу поединците и заедницата, за народот како носител на културната традиција и политичката волја, за историската, социјалната, културната, етнографската и сродствената заснованост на етничкиот идентитет, свеста за етничкиот идентитет, значи тоа е врзано со категоријата народ, наспрема категоријата нација, која вклучува и други, некогаш и варијабилни фактори на политички договор и политички концептуализиран идентитет на уставни, државни, институционални, федерални или други конвенции на севкупната граѓанска заедница. 

Цветанова, од своја страна, посочи дека Мисирков претставува еден од најсветлите ликови во македонската национална историја – тој бил истакнат славист, публицист, историчар, бил етнограф, истражувач и реформатор на македонскиот литературен јазик и не случајно, најчесто кога се говори за творештвото на Мисирков, научниот фокус е ставен пред сѐ на неговата реформа на македонскиот литературен јазик, на стандардизацијата на јазикот и на процесите на културната и на националната еманципација. 

Оваа студија нуди едно поинакво читање на делото на Мисирков, читање во кое јас се обидов да ја осветлам социолошката димензија, бидејќи Мисирков во своето научно и публицистичко творештво отвора исклучително значајни и релевантни социолошки прашања, битни за социолошката мисла. На пример, односот помеѓу поединецот и заедницата. Што е тоа што народот го прави едно цело? За чувството на заедничка припадност и кои се тие елементи кои го создаваат тоа чувство, како на пример, културата, јазикот, социјалните врски, колективната меморија, културната традиција. 

Во анализата на социолошкиот дискурс на Мисирков, додаде Цветанова, како аналитичка и концептуална рамка ми послужија модернистичките теории за нацијата и национализмот и оваа теориска школа се развива, се артикулира некаде во 80-тите години на 20-от век и според оваа парадигма, нацијата не е ентитет кој постоел секогаш, таа е феномен на модерноста и тие ја толкуваат како историска и социјална конструкција која настанала како резултат на културните, политичките процеси, но и технолошките промени. 

Во студијата водам дијалог со модернистичките теории за нацијата и национализмот и делото на Мисирков, концепциите на Мисирков, но не за тие однапред да ги сместам во едни теориски граници, во границите на модернистичката теорија, бидејќи тоа методолошки не би било правилно и коректно, туку напротив, да ја осветлам не само нивната теориска далегусежност, туку и да укажам дека тие комуницираат и денес со современите теории за нацијата, но и одредени други современи социолошки теории. 

Ако постои една константа во мисловниот корпус на Мисирков, тоа е автономијата на Македонија, но не автономијата како политичка цел самата за себе, туку како императив за сочувување на самобитноста на македонскиот народ. И тука ќе се навратам на една од централните теми кои ги обработуваат модернистичките теории за да направиме една концептуална паралела, а тоа е врската помеѓу современата држава и нацијата, бидејќи државата преку своите општествени, политички институции, преку културните, научните, образовните, ја обликува нацијата. Таа ја отелотворува нацијата, од една страна, и овозможува развој, од друга страна, ја воведува во меѓународниот систем. 

Во таа смисла треба да се гледа и барањето и инсистирањето на Мисирков и во тој контекст неговото инсистирање на автономија на Македонија. Значи, првенствено како предуслов за севкупниот развој, и културен и економски и научен, на Македонија и на македонскиот народ. 

Таа се осврна и на реформата на македонскиот литературен јазик и Мисирковиот, а воедно прв историски научно-аргументиран обид за стандардизација на македонскиот јазик. 

За него, овој процес ги надминува филолошките граници и има многу пошироко и поголемо политичко значење. А бидејќи, како што се тврди според двете највлијателни модернистички теории за нацијата и национализмот, културите на национализмот и модерната нација започнале да се испишуваат оној момент кога започнала и стандардизацијата на колоквијалните говори и развојот на високите стандардизирани култури базирани на писменост и образование. Па така, Мисирков ќе рече дека со разрешување на јазичното прашање се разрешува целокупното македонско прашање. И дека, создавањето на македонски литературен јазик е всушност рамносилен чин на одвојувањето на македонската народност од групата на Јужни Словени – рече Цветанова.

Таа посочи дека во анализата на македонското прашање, Мисирков употребува историски, компаративен и интердисциплинарен пристап и тој културните процеси, политичките и општествените не ги третира, не ги разгледува како изолирани општествени појави, туку ги разгледува во нивната историска условеност и во нивната меѓусебна поврзаност. 

И во таа смисла, на самиот крај би сакала да кажам дека делото на Мисирков несомнено зрачи со социолошка димензија. Во таа смисла ние можеме со чиста совест да кажеме дека Мисирков не само што е основоположник на македонскиот социолошки дискурс, туку тој е и еден од основоположниците на македонската општествена научна мисла. Мисирков не бил само нем сведок на времето во коешто живеел, тој бил негов временски, надвременски гласник. Мисирков бил теоретичар пред појавата на модерните теории за нацијата и национализмот и визионер за државноста пред создавањето на македонската држава – заклчучи Цветанова.

Втората монографија на проф. д-р Димитар Пандев „Окружението на Мисирков“, го претстави проф. д-р Гушевска, која рече дека книгата, иако е објавена во годината кога се славеше големиот јубилеј 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков, таа не е напишана специјално за Мисирков, туку за да се претстават неговите опкруженија кои ги сочинуваат неговите закрилници, ментори, професори, неговите соученици, современици и сомисленици, но и неговите противници.

Тие опкруженија ги подразбираат и македонските ученички и студентски здруженија, а како што е познато, во работата на дел од нив учествувал и самиот Мисирков, физички присутен или преку своето дело, дури и по својата смрт. Во опкруженијата ќе ги сретнеме и собеседниците на Мисирков на различни теми, не само на научни. Професорите на неговите професори, професорите на нашите професори. Опкруженијата на неговите претходници, на пример на Прличев, но и на неговите наследници, може да се каже и следбеници, на пример Конески, а во тие рамки и на оние што го откриваат и го истражуваат неговото дело, во прв ред Блаже Ристовски, но повторно и Конески, и Гане Тодоровски и други. Тука ќе сретнеме многумина што биле дел од славистичкото, македонистичкото и од дворјанското опкружување на Мисирков – рече Гушевска.

Таа посочи дека оваа книга го поставува Мисирков во една просторна и временска, македонска, балканска и европска хоризонтала и вертикала, во еден широк историски, општествено-политички, национално-културен и идејно-научен контекст. 

Авторот нагласува дека времето во кое живее и дејствува Мисирков е несомнено исклучително турбулентно и пресвртно. Сепак, тоа е и време на раздвижување и на револуционерен и на културен план, со што се разоткрива македонистичкото опкружување на Мисирков, и тоа низ панорамата на училишните бунтови во Солунската егзархиска гимназија, на учениците, како што вели авторот, што ги учел Григор Прличев, а ги воспитувал Темко Попов, економот во гимназијата, инаку еден од основачите на Тајниот македонски комитет, кој ги поставува и основите на македонскиот национален сепаратизам. Но тоа е време и на програмски книги и устави кои излегуваат благовремено, вели авторот, а во тие рамки тој ја спомнува програмската книга на Петар Поп Арсов „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, како и Уставот на Младата македонска книжовна дружина, објавен во првиот број на списанието „Лоза“ во јануари 1892-та година – рече Гушевска.

Но за да ја напише оваа книга, посочи таа, на Мисирков му била потребна солидна академска подготовка и тоа филолошка, пред сè лингвистичка, но и историографска, за да може експлицитно и аргументирано да ја образложи македонската општествена, етничка, културна и особено јазична посебност од аспект на еден македонски интелектуалец.

Во таа смисла, додаде Гушевска, авторот го истакнува влијанието пред сè на петроградските професори на Мисирков, особено она на Бодуен де Куртене, Петар Лавров и на Тимофеј Флорински, иако со последниов Мисирков не можел да се согласи околу многу прашања, а пред сè околу најважното: статусот на македонскиот јазик и не само на македонскиот јазик. Исто така, нагласува авторот, тоа е време на нови идеи во науката, вклучувајќи ја и лингвистиката, нови сфаќања за нацијата и за јазикот, за општеството и за културата.

Осврнувајќи се и на времето по Мисирков, односно во македонски контекст на времето на Манапов, на Рацин и на Коле Неделковски, на Македонскиот книжевен кружок во Софија, на „Белите мугри“, а потоа и на АСНОМ, авторот размислува и за тоа како ќе биле прифатени македонистичките идеи на Мисирков од страна на социјалистите на Влахов. Но и самиот нагласува дека тоа време повторно не може да помине без книгата „За македонцките работи“, зашто таа им е позната како на членовите на Македонскиот литературен кружок во Софија, така и на Рацина, така што не можела да им биде непозната и на барем неколкумина од членовите на јазичните комисии кои работат на кодификацијата на македонскиот јазик, а Венко Марковски и директно ги споделувал Мисирковите ставови во рамките на работата на јазичните комисии – рече проф. д-р Гушевска.

Авторот на книгата, проф. д-р Пандев, посочи дека Мисирков првото што го научил од својот професор ментор, кого што воопшто не го сакал, бидејќи имале различни ставови, тоа е Тимофеј Флорински. 

Флорински истакнува една теза, а тоа е тезата за разговорноста во јазикот. Еден јазик го доживува својот врв кога на него може слободно да се зборува на научни теми. Ѕвоното за узбуна за украинскиот јазик кај Тимофеј Флорински заѕвонило кога на еден собир се зборувало за археологија, со сета онаа би рекле тешка археолошка терминологија што тогаш се јавила одеднаш на украински јазик. Но да го оставиме тоа настрана. Што направил Мисирков? Сето тоа го пренасочил во лингвистиката, една наука што тогаш уште не била зацврстена, бидејќи ќе требаат уште минимум пет години таа да се јави кај Фердинанд де Сосир и уште можеби 25 да се зацврсти во Прашката лингвистичка школа – рече Пандев.

Според професорот Пандев, денес слободно можеме да кажеме дека она што го направи Мисирков навистина беше врв во тоа време. 

Можеби кај него ќе најдеме идеи што можеби по некоја година ќе се најдат во текстовите на Бодуен де Куртене. Но истото се случува и со Шчерба, Лев Шчерба, со кого што Мисирков веројатно седел во иста клупа. Тоа исто се случува и со Љапунов, негов професор. Љапунов имал само двајца студенти по старословенски јазик, од кои што едниот бил Мисирков. Доаѓам до заклучок дека Мисирков подобро го знаел старословенскиот од својот професор, бидејќи неколку пати ја повторувал богословијата и меѓу другото, како што дојдов до еден податок, учествувал во тие таканаречени бесконечни псалмични ноќи кога по цела ноќ се пееле псалмите во Полтава. Што значи тоа? Мисирков одлично ја знаел Кирилометодиевстиката- посочи Пандев .

Третото издание на Мисирковите денови го организираат пет национални институти. Манифестацијата годинава е посветена на еден век од смртта на Крсте Петков Мисирков (1874 – 1926) – прв кодификатор на македонскиот јазик, славист, иторичар, публицист, етнограф, преведувач. 

Третите Мисиркови денови беа заокружени со изложба на најновите изданија на петте национални инстутути организатори на манифестацијата: за национална историја, за македонски јазик, за фолклор, за македонска литература и за старословенска култура.

Фото: МИА

Поврзани вести