
Западниот свет е влезен во политички осцилации, во кои двете главни политички страни се радикализираат и ги туркаат своите држави се повеќе час лево, час десно. Ова е очекуван исход на намалувањето на средната класа со губењето на индустриската база на САД и западно-европските држави во полза на Кина и источна Европа, а особено се влошува со моменталниот економски период кој се уште нема официјално име, но се карактеризира со енергетски шокови, висока инфлација и неможност на младите да почнат самостоен живот.
Првичните осцилации во САД беа во мандатот на претседателот Буш помладиот, катастрофалната војна во Ирак и драматичната реакција на левото политичко крило против војната. Ова доведе до избор на лев популист по потекло од Кенија кој отпочна голем број радикални промени во американското општество. Обама тргна да ги разградува американските гранични контроли и рестрикциите за мигрантите, ја напушти политиката на градење заеднички американски идентитет во полза на голем број одделни расни, етнички и сексуални идентитети, делумно го национализираше здравствениот систем и ја запре војната во Ирак (притоа провоцирајќи обоени револуции низ Блискиот Исток и во Украина кои ќе се покажат уште покрвави од Ирак). По ова радикално свртување влево, американската јавност се залета во десно и избра ТВ водител за претседател. Трамп имаше многу амбициозна агенда да ги поништи политиките на Обама, но обидите да го реприватизира здравството и да изгради ѕид на границата со Мексико му беа блокирани во Конгресот, а со надворешната политика никогаш сериозно не завладеа поради отпор во професионалната бирократија – дури и функционерите именувани од неговата партија се противеа на одлуките на овој натрапник во политиката. Ковидот и украдените избори во 2020 година/упадот во Конгресот го запечатија овој период на обидот САД да се свртат во десно.
Фикус администрацијата на Бајден не презема некои радикални политички чекори бидејќи не ни имаше што да разградува од мандатот на Трамп – освен да поништи десетина претседателски извршни одредби кои немаат сила на закон и лесно се менуваат. Но, процесот на осиромашување на младите и нивна политичка радикализација не само што продолжи туку силно се интензивираше, како резултат на обезвреднувањето на валутите низ светот и војната во Украина која еруптираше во мандатот на Бајден и почна да се одразува на снабдувањето со енергенси и храна. Дел од Генерација З младите се радикализираат во националистички подкаст движења кои го обвинуваат напливот на мигранти во САД, Канада и Западна Европа за тоа што не можат да купат стан или најдат пристојна работа. Друг дел од младите се радикализира на лево, и за истите животни проблеми ги обвинуваат милијардерите и постарите кои купиле куќи/станови на време и сега живеат од рента. Првата категорија млади природно се приклучи на вториот популистички бран на Трамп кој им вети затворање на границата, американски патриотизам и царини за остатокот на светот со цел да се реиндустријализира Америка, Втората категорија млади почна да гласа за кандидати кои отворено се декларираат како социјалисти, дополнително се радикализираше околу војната во Газа, и сурово ја казни Демократската Партија на изборите во 2024 година поради високата инфлација и неможноста на Бајден да го заузда Нетанјаху.
Така го добивме вториот мандат на Трамп, во кој администрацијата е составена од доста посериозни и лојални луѓе, кои почнаа да спроведуваат конкретни политики на планот на затворање на границата како за мигранти така и за ефтина роба од целиот свет. Во првата година од мандатот, Републиканците посочуваа на завидниот раст на економијата и на бројот на новоотворени работни места за американските државјани (а затворени работни места за илегалците), на значителниот пад на бројот на смртни случаи од дрога и на враќањето на чувството на национална гордост. Повторно, поради противење во Конгресот, Трамп не успеа да донесе скоро ниту еден позначаен закон, и администрацијата функционира единствено на волјата на бирократите да ги следат неговите наредби да апсат мигранти, вршат контроли во компаниите кои вработуваат мигранти, и да ракетираат глисери со кои картелите носат дрога кон САД. Со евентуална смена во Белата Куќа, овие политики преку ноќ може да бидат поништени.
Но, како што Нетанјаху го потопи Бајден во 2024 година, кога демократите ги загубија младите гласачи изложени на Тикток видеа со бомбардирани згради и осакатени деца во Газа, така сега го потопи и Трамп, со провоцирање на војната во Иран. Десниот дел од Генерацијата З е многу чувствителен кон мигрантите што им ги земаат работните места, школарините за универзитет и становите кои се на продажба, но исто така се многу чувствителни и за обвинувањата дека израелското лоби има огромно влијание врз американската политика, финансии и медиумите. Десницата во САД има аверзија кон војната што нејзината партија ја започна во Ирак, во која загинаа илјадници американски војници и стотици илјади Ирачани, а исто така е чувствителна на влијанието на милијардерите како Џорџ Сорос врз американската домашна и надворешна политика. Војната во Иран ги разгоре двете овие болни точки за американската десница. Видеата на Ник Фуентес од 2024 година во кои тој обвинува дека републиканците се под контрола на израелското лоби и прецизно предвидува како Трамп ќе почне војна со Израел под влијание на членови на неговиот кабинет кои се координираат со Нетанјаху ја одиграа истата улога кај младите гласачи на десницата која што Тикток видеата од Газа ја имаа врз лево ориентираните млади. Во пресрет на конгресните избори неделава Фуентес ги повикуваше младите „гројпери“ не само да го казнат Трамп така што нема да гласаат за неговите кандидати, туку да гласаат за демократите, и голем дел од нив очигледно го послушаа.
Трамп претрпе страшен пораз, и републиканците загубија во држави кои се нивни традиционални бастиони. Таканаречените „мидтермс“ избори традиционално се тешки за партијата на власт, бидејќи гласачите на опозициската партија се чувствуваат особено мотивирани да гласаат против претседателот, и се случувало и Обама и Клинтон да загубат огромен број места во Конгресот. Но, поразот на Трамп е особено тежок бидејќи тој е уникатна личност која се обидува да наметне низа политики на Републиканската Партија, а има само уште две години на власт да го стори тоа. Нема никаква гаранција дека републиканците по Трамп ќе продолжат на патот на затворање на границата, реиндустријализација на земјата и запирање на војните што ги почнаа неговите претходници (ова последното барем беше декларативно ветено од Трамп, иако не само што не го исполни туку, како да кажам.. уринираше врз ветеното). Демократите сега имаат можност да ги спроведуваат своите политики во држави како што е Тексас, како и да почнат сослушувања на функционери на Трамп во Конгресот, поставувајќи им прашања од катастрофата во Иран до нивната лична корумпираност. Поразот е дополнително тежок што (случајно?) се совпадна со серија порази на трампистични лидери низ светот – местените избори во Бразил, судскиот пуч на премиерот против претседателот на Полска, поразот на Вучиќ во Србија, претходно поразот на Орбан, кој беше јавно поддржан од Трамп. Неговите политички противници во Вашингтон и Брисел ги прославија сите овие порази на глобалното движење кое се собра околу Трамп, а некои конгресмени дури се пофалија дека биле во Унгарија да ги следат политички мотивираните апсења, за наскоро да го спроведат наученото во САД. Состојбата може накусо да се опише како „империјата го возвраќа ударот“.
Од друга страна, Трамп се уште е претседател. Шансите да биде сменет во Конгресот се мали. Тој се уште има огромен број алатки кои може да ги примени, од контрола врз администрацијата, истраги за масовната корупција на левичарските политичари (која е со драматично поголеми размери од корупцијата на семејството Трамп кое сепак релативно кратко време е во политиката), до воени чекори. Следната година во Европа следува серија на исклучително значајни избори, на кои трамповските кандидати се во предност, некаде и доминантни на анкетите. Нема да биде голема утеха за левицата што ги добиле Србија или Унгарија ако ги загубат Полска, Шпанија или, најважно од се – Франција, или ако Трамп реши да стави крај на војната во Европа така што ќе предизвика колапс на украинската армија. Најважно од се, реалноста секогаш била и останува на страната на десницата. Западот не може да продолжи вака, со отворени граници, со поттикнување на масовни демографски промени на сопствените држави, со економија заснована на финансии, услуги и заеми, а не на производство. Колку и да не можете да го смислите Трамп, политиките што ги застапува (иако не секогаш ги спроведува) се засновани на реалноста,
Првиот потег на Трамп по изборниот пораз беше да ја смени шефицата на кабинетот, и на нејзино место да го именува Стивен Милер. Се работи за човек кој е манијакално фокусиран само на една цел – масовно депортирање на илегалните мигранти од САД. Човекот најдобро може да се опише со филмската сцена во која Оскар Шиндлер плаче кога ќе се сети дека можел да спаси барем уште еден затвореник од концентрационите кампови, со таа разлика што Милер на крајот на мандатот ќе плаче затоа што можел да депортира барем уште еден илегалец. Иако самиот е Евреин, Милер почна да го обвинува Израел за војната во Иран, која го дефокусирала Трамп од домашната агенда – пред се депортирањето на илегалците, кои меѓу другото се значајно гласачко тело на левицата и секако придонеле кон изборниот пораз на републиканците. Оваа тема е и доста популарна кај десницата и е нешто што би можело да ги врати младите, националистички ориентирани гласачи кон Трамп со ветување дека без илегалците, ќе може да купат поефтини домови, да добијат повисоки плати и да основаат семејства. Тука ќе биде и конфликтот во кабинетот на Трамп во преостанатите две години на власт – дали републиканците ќе се повлечат од војната во Иран – со сите последици што ги повлекува воен пораз по угледот на една суперсила – и да почнат да се занимаваат самите со себе. Во таа насока, Трамп може да повлече уште еден кадровски потег кој би и помогнал на својата партија. Звучи неверојатно знаејќи дека човекот има суета голема како Америка, но тој може да се повлече од функцијата, и да го постави Џеј Ди Венс за претседател. Венс исто така се позиционираше како критичар на војната во Иран и поборник на заштита на интересите на работничката класа во САД, а е близок и до моќната групација која ја развива програмата за вештачка интелигенција во САД (која може да биде алатка за реиндустријализација и редемократијзација на Западот, исто како што може да биде и средстгво за губење на многу работни места и воведување тоталитарни системи). Иако состојбата делува критична, тимот на Трамп може да реализира сценарио во кое ќе запрат две војни, ќе ги охрабрат младите Американци дека државата сепак им припаѓа на нив, ќе спроведат истраги за корупцијата и екстремизмот на левицата (што требаше да го направат по убиството на Чарли Кирк), да стекнат идеолошки сојузници во Европа (покрај Јапонија и Јужна Америка), и да излезат на претседателските избори во 2028 година со млад, неизвалкан кандидат кој веќе една година е претседател на САД и може да земе заслуга за корегирање на ексцесите на Трамп, а ќе се бори против забеган левичарски кандидат. Знам дека ова сценарио изгледа неверојатно во моментов кога сите веќе се решени дека десниот популизам е поразен и никогаш повеќе нема да се врати. Но, алтернативното сценарио – Запад со отворени граници, со натамошна балканизација, со економија заснована на шарени лаги, со „безбедносни“ служби чија главна работа е да потпалуваат обоени револуции и провоцираат војни, е рецепт за ново мрачно доба кое е поблиску отколку што мислиме.

Македонски




