Skip to main content

Јаневска: Над 650 ученички идеи покажуваат дека кај младите постои силен претприемачки дух

Повеќе од 650 бизнис-идеи пријавени на натпреварот на Brainster Next покажуваат дека образовниот систем ги поттикнува младите да размислуваат претприемачки, оцени министерката за образование и наука Весна Јаневска при посетата на натпреварот за бизнис-идеи на средношколци.

Јаневска истакна дека натпреварот ги обединил учениците од јавните и приватните средни училишта во земјава и претставува можност младите да ги покажат своите знаења, креативност и иновативност.

-Станува збор за натпревар на кој младите луѓе покажуваат креативност, логично и критичко размислување, иновативност, но и желба за натпреварување. Особено ме радува нивната самодоверба и храброст да застанат зад своите идеи – истакна Јаневска.

Според неа, ваквите настани се значајни бидејќи помагаат во препознавање и промоција на младите таленти и нивниот претприемачки потенцијал.

Министерката изрази задоволство што организаторите, заедно со други инвеститори, обезбедуваат поддршка за најдобрите идеи и можност тие да прераснат во мали бизниси, сопствени брендови или да најдат примена во постојни компании.

Осврнувајќи се на улогата на образовниот систем во развојот на претприемачкиот дух кај младите, Јаневска оцени дека интересот за натпреварот е доказ дека учениците се охрабруваат да размислуваат иновативно и да бараат решенија за реални предизвици.

-Самото присуство на повеќе од 650 идеи кои аплицирале на овој натпревар кажува дека системот сепак ги насочува во тој правец – нагласи Јаневска.

Таа им посака успех на финалистите и изрази уверување дека младите и во иднина ќе продолжат да развиваат претприемачки идеи кои ќе придонесат и за нивниот личен развој и за развојот на општеството и државата.

Петар Ниновски од Brainster оцени дека интересот за годинашниот натпревар е значително поголем во однос на лани и оти бројот на пријавени проекти е зголемен за околу 40 проценти.

Тој посочи дека од над 600 пристигнати идеи бил направен повеќестепен процес на селекција за избор на 60-те најдобри тимови, при што проектите опфаќале различни области, меѓу кои здравство, образование, финансии и технолошки решенија за компании.

Според Ниновски, минатогодишниот победнички тим од Битола, составен од ученици од три различни средни училишта, денес има функционален бизнис и остварува приходи од идејата во која беше инвестирано.

-Идејата што ја поддржавме минатата година денес е претворена во бизнис. Учениците сè уште се средношколци, а веќе генерираат приходи и го развиваат својот проект – истакна Ниновски.

Тој додаде дека Brainster и годинава ќе инвестира во најдобрата бизнис-идеја, а дали изборот бил успешен ќе се види во периодот што следува преку развојот на проектот и неговата примена на пазарот.

Поврзани вести