
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по изборите во Брвеница оцени дека партијата настапила „сама против сите“ и со изборна програма и концепт, додека, според него, противниците се потпирале на демографијата, националната карта и кандидати кои одвлекувале гласови.
Сами против сите. Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови – напиша тој.
Во објава на социјалните мрежи, Мицкоски посочи дека поддршката за кандидатот Стојанчо Радичевски пораснала од околу 3.000 гласа во првиот круг на околу 4.200 во вториот. Тој наведе и дека во споредба со парламентарните избори поддршката е зголемена за околу 1.300 гласа, но оцени дека тоа не било доволно за победа.
„Благодарам на сите жители на Брвеница што гласаа за нас и на тие што не гласаа. Сите жители на Брвеница ќе ја имаат поддршката од Владата“, порача Мицкоски.
Тој додаде дека „Една Брвеница за сите“ не е само изборен концепт, туку начин на работа.

Македонски


