
Победата на Илијана Јотова на претседателските избори во Бугарија не навестува промена во односите меѓу Софија и Скопје, ниту, пак, отвора простор за очекување дека Бугарија ќе ја промени својата позиција во однос на македонските евроинтеграции. Напротив, нејзините досегашни изјави покажуваат дека Софија ќе продолжи да инсистира на исполнување на условите од францускиот предлог, вклучително и внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.
Јотова уште пред вториот круг од изборите испрати јасна порака дека бугарската стратегија кон Македонија треба да продолжи како досега и дека таа нема намера да отстапи од веќе договорените позиции.
„Во мое лице гледате човек кој нема да отстапи ниту сантиметар од она што веќе е договорено“, изјави Јотова во телевизиската дебата со противкандидатот Андреј Ѓуров, одржана на Бугарската национална телевизија.
Таа оцени дека од потпишувањето на Договорот за добрососедство нема подобрување во односите меѓу двете земји, посочувајќи ги како проблеми говорот на омраза и, како што тврди, односот кон лицата со бугарско потекло во Македонија. Како пример го наведе и случајот со Христијан Пендиков.
Особено значајно е што Јотова инсистира прашањето за македонските евроинтеграции да не се третира како билатерален спор, туку како дел од европската политика на проширување. Според неа, Бугарија не поставува дополнителни национални услови, туку бара исполнување на европските критериуми и обврските преземени во 2022 година.
Нејзината позиција беше потврдена и во јуни годинава, на средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Софија. Тогаш Јотова повтори дека Македонија треба да го исполни францускиот предлог и да ги внесе Бугарите во Уставот како услов за почеток на преговорите со Европската Унија.
Од македонска страна, по средбата беше посочено дека прашањата не се исцрпуваат само со уставните измени, туку постојат и дополнителни барања поврзани со протоколите и работата на историската комисија.
Токму ова ја прави позицијата на Софија особено важна за понатамошниот тек на македонските евроинтеграции. Дури и евентуалното исполнување на уставниот услов не значи дека автоматски ќе исчезнат сите разлики меѓу двете држави, имајќи предвид дека во разговорите се отвораат и други прашања.
Јотова, која претходно беше потпретседателка на Румен Радев, ја продолжува политичката линија на претседателската институција во однос на Македонија. Нејзината изборна победа, со поддршка од политичкиот блок на Радев, дополнително ја потврдува континуираноста на бугарската позиција.
Сепак, треба да се има предвид дека претседателот во Бугарија нема целосни извршни надлежности. За конкретните потези во односите со Македонија значајна улога ќе има и владата во Софија, како и бугарското Министерство за надворешни работи.
За Скопје, главното прашање по изборната победа на Јотова останува дали ќе има подготвеност за суштински политички дијалог и надминување на недоразбирањата или евроинтегративниот процес и понатаму ќе биде условен од исполнување на веќе утврдената рамка.
Засега, изјавите на новата бугарска претседателка не даваат сигнали за промена на курсот. Напротив, пораката од Софија е дека договорената позиција останува непроменета.

Македонски


