
Илијана Јотова ќе биде новата претседателка на Бугарија, откако го победи Андреј Ѓуров во вториот круг од претседателските избори, одржан денеска.
Според податоците од паралелното пребројување на социолошките агенции, Јотова освоила значително поголема поддршка од својот противкандидат.
„Маркет ЛИНКС“, при 100 отсто паралелно пребројување, ѝ дава 57,4 проценти од гласовите на Јотова, наспроти 39,6 проценти за Ѓуров. Слични резултати објавија и другите агенции: „Алфа рисрч“ измери 57,1 отсто за Јотова и 39,3 отсто за Ѓуров, додека „Тренд“ објави 58,1 наспроти 38,9 проценти.
Изборите, сепак, беа одбележани со исклучително ниска излезност. Според проценките на агенциите, на гласање излегле помалку од 30 проценти од запишаните избирачи, што отвори прашања за политичката тежина на новиот претседателски мандат.
Според анализата на БГНЕС, новиот претседател би можел да биде избран со околу еден до 1,1 милион гласови, значително помалку од поддршката што ја добивале претходните бугарски претседатели.
Од таборот на Јотова, пак, ја оценија победата како целосно легитимна, посочувајќи дека успеале да ги мобилизираат гласачите и дека излезноста во вториот круг била повисока за околу десет процентни поени.
Резултатите од изборите ги коментираше и лидерот на „Продолжуваме со промената“, Асен Василев, кој оцени дека претседателскиот резултат претставува „црвен картон“ за владата на „Прогресивна Бугарија“.

Македонски


