Skip to main content

„Слатки зборови“ од Ријека ја освои Гран-при наградата на фестивалот „Игор Маџиров“

Претставата „Слатки зборови“ на Градскиот куклен театар од Ријека, Хрватска, е добитник на Гран-при наградата за најдобра претстава во целина на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, во организација на Н.У. Театар за деца и младинци – Скопје.

Стручната жири-комисија, во состав Ориол Фере, претседател, и Един Кметаш и Мики Анчевски, членови, ги утврди добитниците на фестивалските награди на седницата одржана на 17 октомври.

Покрај Гран-при наградата, „Слатки зборови“ ја доби и наградата за најдобра режија, доделена на Матеја Бизјак Петит, како и награда за најдобро актерско остварување за актерите во претставата.

Наградата за најдобро актерско остварување ја доби и Гордан Маријановиќ за улогата во „Со балон над Кападокија“, во продукција на Театарот „Бранко Михаљевиќ“ од Осиек, Хрватска.

Претставата „Стара планина“, во изведба на Театарот за деца и младинци од Крагуевац, Србија, е наградена за сценографија, а Лазар Новков ја доби наградата за музика за истата претстава.

Наградата за костимографија ѝ припадна на Олга Зјебинска за „Пилотот и малиот принц“, во продукција на Куклениот театар од Острава, Чешка.

Жирито додели и три специјални награди за уметничка обработка на теми од особено општествено значење, и тоа на:

„Дрвјанковци“ — Театар „Пинклец“, Чаковец, Хрватска;

„Пилотот и малиот принц“ — Куклен театар од Острава, Чешка;

„Стара планина“ — Театар за деца и младинци, Крагуевац, Србија.

Со одлуките на стручната жири-комисија се оддава признание на претставите и уметниците што се истакнаа со своите режисерски, актерски, визуелни и музички остварувања, како и со обработката на значајни теми за детската и младинската публика.

Детското жири во состав:Ведран Маричиќ, Уна Дона Силјановска, Бисера Мојаноска, Исидора Петковски, Леонора Лазаревска, Андреј Лазарев, Калина Ѓорѓиевска за најдобра претстава ја прогласија СО БАЛОН НАД КАПАДОКИЈА од Осијек, Хрватска

Поврзани вести