Skip to main content
Oтворање на обука за истраги за дроги

Целта не ни е само заплена, туку откривање на лицата и финансиските текови зад трговијата со дрога, вели Тошковски

МВР

Нашата цел е овие активности да продолжат со уште поголема ефикасност и да бидат насочени не само кон заплената на дрогата, туку и кон откривање на лицата, структурите и финансиските текови што стојат зад нејзината трговија – порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на отворањето на обуката за истраги и кривично гонење на кривични дела поврзани со дроги во Полициската академија во Скопје.

Обуката, организирана од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) со поддршка на Амбасадата на Соединетите Американски Држави, е дел од проектот за поддршка на спроведувањето на Националната стратегија за дроги и е насочена кон унапредување на капацитетите за водење сложени истраги преку поврзување на криминалистичките и финансиските истраги, одземањето имот и примената на посебни истражни техники.

Тошковски истакна дека борбата против недозволената трговија со дрога останува еден од приоритетите на Министерството за внатрешни работи и потсети на резултатите постигнати во текот на годинава.

Годината ја започнавме со откривање на над 10 килограми кокаин, продолживме со една од најголемите акции во која беа одземени над 40 тони марихуана и канабис-биомаса, а реализирани беа и повеќе заплени на марихуана, хероин и синтетички дроги, меѓу кои амфетамин, метамфетамин и МДМА-информираше министерот.

Тој нагласи дека следната фаза во борбата против нарко-криминалот подразбира поголем фокус на откривање и разбивање на криминалните структури и нивната финансиска моќ.

Нашата цел е овие активности да продолжат со уште поголема ефикасност и да бидат насочени не само кон заплената на дрогата, туку и кон откривање на лицата, структурите и финансиските текови што стојат зад нејзината трговија. Тоа бара силна меѓународна соработка, навремена размена на информации и заедничко дејствување – потенцираше министерот Тошковски.

На полициските службеници и истражители кои ќе ја посетуваат обуката, министерот им порача дека ќе ја имаат целосната поддршка од раководството на Министерството во спроведувањето на сложени истраги и кривични постапки поврзани со овој вид криминал.

На отворањето на обуката присуствуваа и Каролајн Р. Боденхеген од Бирото за меѓународни прашања поврзани со наркотици и спроведување на законот (INL) и Данило Рици, регионален претставник на UNODC за Југоисточна Европа.

Министерот изрази благодарност за поддршката што САД и UNODC континуирано ја обезбедуваат во јакнењето на институционалните и оперативните капацитети на МВР во справувањето со организираниот криминал и трговијата со дрога.

Поврзани вести