
Министерството за внатрешни работи повеќе од две години работи на дигитализација на процесите, а во наредните три до четири месеци се очекува премин од рачно водење евиденции во тефтери кон дигитално внесување и обработка на податоци, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на брифинг со новинарите.
Тој истакна дека во моментов голем дел од полициските евиденции сè уште се водат рачно, оценувајќи дека таквиот начин на работа е несоодветен за 2026 година.
Дали знаете како се запишува и се евидентира кривично-правен настан во Македонија во 2026 година? Со тефтер. Во моментот имаме 36 евиденции, односно книги, а претходно биле околу 70 евиденции, рече Тошковски.
Министерот преку пример објасни дека при пријавување на кривично дело, истите податоци за едно лице се внесуваат повеќепати во различни книги и евиденции, зависно од видот на настанот, што според него создава неефикасност во работата на полицијата.
Ќе зборувам во мое име. Оди човек во полициска станица и вика добар ден, Панче Тошковски. Сакам да пријавам кривично правен настан и кажувам: Дома со сопругата се скаравме, она зема дикелот (мотика со два крака) ме учука. Сопругата ве удри?! – Да, сопргата. – Со дикел? Во ред и отвора книга број 1 и вика чекајте господине „кривично правен настан“. И повторно име и презиме, матичен број. Рековте сопругата? – Да. Добро, значи семејно насилство, само момент и ја отвора книга број 2. И повторно име и презиме и матичен број. И што ви рече дека ви направи? – Па, ме удри со дикелот. И како? – Окото потечено. Скршеница? – Да. А, значи тешка телесна повреда и зема книга број 3. И повторно име и презиме и матичен број. И друго што се случи? – Па сопругата вика, а децата беа тука. И малолетници имаше? – Да. Отвора книга за малолетници. – Ќути, викам, среќа пиштолот што не го зема… А пиштол имате на лице место? Отвора седми тефтер и запишува…
Е, тоа е 2026 година 11 месец. Реално тоа. Ова што го зборувам. Во моментот имаме 36 евиденции (книги), а претходно беа околу 70 евиденции. Ова го видов точно пред две години и три месеци – изјави Тошковски.
Тој посочи дека при неговото доаѓање во Министерството бил затекнат систем во кој податоците се чувале во архивски ормари, а не во дигитална форма.
– На моето прашање што правите со евиденцијата, ми покажаа плакар во кој се чуваат книгите. Ако треба некои податоци да земат, службениците ги бараат во тие евиденции, изјави тој.
Според министерот, процесот на дигитализација трае две години и два месеци и е во завршна фаза.
– Сосема е легитимно прашањето што правевте последните две години? Ќе кажам: Работевме на дигитализација. И сè уште работиме. Да работеле претходно и тие три години, ќе сме имале. А за кратко, за три до четири месеци најмногу, се надевам и побрзо, ќе видиме до кај стигнало Министерството за внатрешни работи во 2027 година, рече Тошковски.
Според него, со дигитализацијата полициските службеници ќе можат електронски да ги внесуваат и обработуваат податоците, наместо тие да се запишуваат во повеќе различни тефтери и книги.
Како што најави во рок од три до четири месеци, се очекува видлив напредок и имплементација на нови решенија, со цел целосна модернизација на системот и подобрување на ефикасноста на МВР до 2027 година.

Македонски



