Skip to main content

Два нови моста ќе се градат во Скопје

Забрзано работиме на булеварот „Македонија“. Тоа е првата подземна сообраќајница во Градот Скопје. Иако не го ветив во мојата програма: до крајот на мојот мандат Скопје ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница. Улиците што ќе се слеваат кон неа ги проширивме и приспособивме за зголемениот сообраќај и продолжуваме со следните градежни фази, истакна вечерва градонаќалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој го презентираше едногодишниот отчет за сработеното оценувајќи дека во изминатите 12 месеци градската администрација успеала да ја стабилизира финансиската состојба, да ги деблокира клучните проекти и да започне нов инвестициски циклус во инфраструктурата, јавниот превоз и животната средина.

Тој рече дека булеварот „Борис Трајковски“, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево, влегува во својата завршница, до крајот на годината, а можно е и пред зададениот рок, 100.000 граѓани ќе добијат целосно проширен, модерен и безбеден булевар за кој се чекаше повеќе од 30 години, а привршува и сложената клучка кај Момин Поток, значајна за развој на три наши општини. Во Карпош, преку новиот мост на Вардар, посочи тој, ги поврзуваме „Љубљанска“ и „Скупи“ – врска што ќе биде исто така готова до крајот на оваа календарска година; ја расчистивме и трасата и веќе се асфалтираат пристапните улици на булеварот „АСНОМ“ низ Керамидница, за конечно ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“.

Со овие проекти, почитувани, ќе го растовариме сообраќајот и за првпат ќе преземеме, односно ќе поврземе досега неповрзани делови од нашиот град. Го подготвуваме капиталниот проект за мост и улица што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај и ќе создадат нов влез во Градот Скопје. Работиме на проектите за булеварот „Хасан Приштина“ и за новиот мост преку Вардар меѓу Ново Лисиче и Маџари. Тоа е нешто што граѓаните најмногу ми го бараат изминатиов период, така што од наредната година ќе започнеме и со реализација на тој мост, рече Ѓорѓиевски.

Во моментов, нагласи, подигнуваме 200.000 квадратни метри ново зеленило, мегапаркови и зелени коридори, во тек е и изградба на парк покрај Вардар во Сарај, а во Ново Лисиче, кај последната станица на автобусот со број 5, исто така со градоначалникот од Аеродром започнавме проект за подигнување ново зеленило. 

По физибилити студија забрзано се одвива одгасувањето на „Вардариште“ и безбедното отстранување на површинскиот мешан и градежен отпад. Таму ќе подигнеме современ мегапарк од околу 600.000 метри квадратни – простор за рекреација и чист воздух. Тоа ќе бидат новите бели дробови на Градот Скопје. Привршува и јавната набавка за проектирање и изведба на две монтажни катни гаражи во Клиничкиот центар со повеќе од 500 паркинг места, значајни за пациентите, медицинскиот персонал, како и за студентите коишто таму студираат. Верувам дека следната година, по планираната реконструкција, повторно ќе го ставиме во функција и нашето градско кино „Милениум“. Сите овие проекти имаат една цел, а тоа е подобар живот за нашите скопјани – град што функционира денес и што се подготвува за децениите коишто доаѓаат, додаде Ѓорѓиевски. 

Поврзани вести