Skip to main content

Тројца тинејџери однесени од надојдените води на Треска, екипи и граѓани ги спасуваа

Денеска преку Единствениот број за итни повици 112 беше примена пријава дека три лица, кои се капеле во реката Треска, биле однесени од надојдената вода предизвикана од зголемен испуст од браната „Матка“ за потребите на производство на електрична енергија, соопштија од Центарот за управување со кризи.

Поради надојдената вода, од силниот воден тек беа однесени две малолетни лица на возраст од 15 години и едно 18-годишно лице. Едното малолетно лице веднаш беше извлечено од водата, додека другите две лица беа пронајдени низводно по течението на реката Треска. Сите три лица се спасени, живи се и немаат видливи повреди. По приемот на пријавата, Центарот за управување со кризи веднаш ја координираше интервенцијата и побара ангажирање на Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Општина Сарај, ХЕЦ „Матка“, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и Итната медицинска помош, соопшти ЦУК.

Додаваат дека и директорот Али Мухамет, веднаш се упатил на местото на настанот, каде што ја следел и координирал интервенцијата.

Во акцијата за пребарување и спасување учествувале припадници на Територијалната противпожарна единица, полициски службеници, екипа на Итната медицинска помош и жители на Општина Сарај.

Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да бидат особено внимателни при престој покрај реките и езерата, особено во близина на брани и хидроенергетски објекти, каде што нивото и брзината на водата можат нагло да се променат поради контролирани испусти, велат од ЦУК.

Поврзани вести