
Ираклион – Со громогласен аплауз и нескриени емоции, ансамблот на Македонската опера и балет (МОБ) испиша историја на грчкиот остров Крит! На престижната сцена на Културниот и конференциски центар во Ираклион, пред преполна сала, вечерва спектакуларно одекна монументалното ремек-дело „Набуко“ од Џузепе Верди, при што македонските солисти и оркестар предизвикаа вистинска ерупција од воодушевување кај меѓународната публика.
Вистинска магија на сцената создадоа нашите извонредни оперски ѕвезди, кои со своите моќни вокали и длабока драматика ја освоија критската публика. Во насловната улога блесна баритонот Марјан Јованоски како Набуко, рамо до рамо со извонредната Злата Тошевска Димовска како Абигаиле, брилијантниот тенор Ѓорѓи Цуцковски во улогата на Измаеле, впечатливата Николина Јаневска како Фенена и моќниот бас Александар Стефаноски како Закарија.


По завршувањето на претставата, гледачите не ги штедеа комплиментите, особено фалејќи ги маестралните вокални способности на македонските солисти и беспрекорниот звук на оркестарот.
Беше прекрасно, беше едноставно одлично и за нас беше чест што присуствувавме на една ваква претстава. Ви благодариме за убавината, ни изјави видно возбудена млада девојка од публиката веднаш по изведбата.
Силни впечатоци и пофални зборови за носителите на главните улоги пристигнаа и од други посетители од Грција, кои останаа без зборови пред нивниот талент.

Навистина ни се допадна претставата. Искрено, солистката која ја изведуваше улогата на Абигаиле беше неверојатна. Високите тонови ги отпеа толку добро што останавме без зборови. Исто така и солистот кој го изведуваше Захарија ни остави голем впечаток. Имаше воодушевувачки глас и исто толку добра изведба. Ви благодариме за гостувањето, порачаа двајца посетители по спуштањето на завесата.

Зад овој спектакуларен успех стои огромна посветеност на целиот тим, а своите емоции од историскиот настап ги споделија и самите солисти.
Да се застане на оваа величествена сцена и за првпат да се донесе ‘Набуко’ пред публиката на Крит е огромна чест, но и голема одговорност. Енергијата во салата беше неверојатна, а реакцијата на публиката е најдобра потврда дека врвната уметност не познава граници и зборува на универзален јазик, , истакна баритонот Марјан Јованоски.

Својот восхит од меѓународната соработка и врвната изведба го сподели и тенорот Ѓорѓи Цуцковски

Ова гостување е вистински празник за оперската уметност. Соработката со маестро Михаилидис и локалниот хор создаде посебна синергија, а ние како македонски уметници уште еднаш покажавме дека имаме квалитет, страст и традиција со кои гордо можеме да се претставиме на секоја светска сцена, рече Цуцковски.

Раскошната слика ја надополнија хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ, за кои публиката коментираше дека звучеле одлично и понудиле воодушевувачка изведба. Под беспрекорната диригентска палка на маестро Мирон Михаилидис и во впечатливата режија на Италијанецот Ренато Бонајуто (со сценска адаптација на Дејан Прошев), заедно со Хорскиот ансамбл на Ираклион, вечерта се претвори во аудиовизуелен спектакл за паметење и моќен доказ за високите дострели на македонската култура.





Македонски



