Skip to main content

Тијана Митрева пред дуелот со Естонија: Домашниот терен е дополнителен мотив за максимум

По поразот од Романија, во првиот дуел од претквалификациите за ЕП 2029, женската македонска кошаркарска репрезентација ја очекува нов натпревар во сабота во Штип против Естонија. Во македонскиот табор владее оптимизам и верба дека оваа млада селекција има потенцијал за напредок.

Тијана Митрева е задоволна од атмосферата во репрезентативниот табор, а особено од хемијата и заедништвото што, според неа, се чувствуваат и надвор од теренот и за време на натпреварите.

Ваква хемија во репрезентацијата одамна немам почувствувано. Знам дека надвор од теренот сме многу поврзани, но она што најмногу ме радува е што таа поврзаност уште повеќе се чувствува на теренот. Си веруваме, се поддржуваме и се бориме една за друга. Свесни сме дека секој почеток е тежок и дека е потребно време за да се изгради нешто вистински квалитетно. Но токму енергијата, карактерот и заедништвото што ги покажавме се доказ дека оваа репрезентација има светла иднина. Пред нас е уште еден натпревар на домашен терен, што ни дава дополнителна мотивација и желба да се покажеме во најдобро светло. Да се игра пред домашната публика е посебно чувство и дополнителен мотив да го дадеме максимумот. Верувам дека ова е само почеток на нешто убаво и дека најдоброто допрва доаѓа“, истакнува Митрева.

Натпреварот со Естонија, македонската репрезентација го игра во Штип во СЦ „Џексон“, а почетокот на дуелот е во 18 часот. 

Поврзани вести