
Точно 55 години по премиерната изведба на антологиската песна „Чија си“ од Славе Димитров на Фестивалот на забавни мелодии „Скопје 71“, вчеравечер (12 ноември) во „Литература.мк“ во „Дајмнод мол“ беше промовирана книгата „Чија си“. Авторизираната биографија на еден од најзначајните македонски композитори, пејачи, аранжери и музички продуценти, Славе Димитров, напишана од авторот Максим Ристески, е хроника на животниот и на творечкиот пат на музичарот чии песни со децении се дел од нашата колективна меморија.
Во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, книгата излегува во годината кога се одбележуваат 80 години од раѓањето на Славе Димитров (1 јуни 1946, Битола) и шест децении од почетокот на неговото творештво.
За книгата, за нејзиното значење и за музичкото наследство на Димитров говореа промоторите Сашо Гигов-Гиш и проф. д-р Александар Трајковски, а свои обраќања имаа и авторот Максим Ристески и Славе Димитров.
Сашо Гигов-Гиш се осврна на личната поврзаност со музиката на Димитров, истакнувајќи дека таа ги обележала неговото детство, младоста и зрелите години. Тој ја оцени книгата како значаен документ за македонската култура и посвета на еден од нејзините најголеми творци.

Станува збор за исклучителен талент, дар од Бога, човек кој, следејќи ја својата ѕвезда водилка – љубовта, стигнал таму каде што посакувал. Има ли побајковита приказна за еден животен пат? „Чија си“ е прекрасна книга, вистински документ за македонската култура. Познавајќи го Славе, знам дека има неверојатна дарба да препознае талент и внимателно избира кому ќе му подари песна. А замислете, на некого да му ја довери сета своја животна приказна! Тоа мораше да биде токму Максим. Тој ја создаде оваа книга како своевидна хагиографија – посвета на еден подвижник на македонската култура, уметност и совест. Иако дел од животната приказна на Славе ми беше позната, во книгата е раскажана детално, прецизно и мошне питко. Додека ја читате, ќе посакате повторно да ги слушате неговите песни. Ќе се изненадите колку многу познати композиции од телевизијата, филмот, современата музичка продукција, па дури и од детската музика се негово дело… Во една пригода го прашав неговиот син Оливер: „Добро, кога и како татко ти успеал да ги напише, да ги компонира и да ги испее сите овие песни? Под какво опојно дејство беше?“ А тој ми одговори: „На љубов, Гиш, на љубов!“ – истакна Гиш.
Промоторот проф. д-р Александар Трајковски нагласи дека биографијата претставува значаен придонес во документирањето на македонската забавна музика и во зачувувањето на музичкото и на културното наследство.
Славе Димитров е една од круцијалните алки во развојниот пат на македонската музичка сцена, позициониран во самиот нејзин врв. Неговиот придонес е севкупен – во компонирањето, аранжирањето, изведувањето, организирањето и во продуцирањето, оставајќи длабоки и неизбришливи траги во колективната меморија. Неговиот композиторски потпис ни остави близу 1.000 песни, секоја со своја специфична приказна. Посебно би го издвоил неговиот придонес во македонската филмска музика. Со музиката за филмот „Исправи се, Делфина“ на Александар Ѓурчинов, Димитров остави значајна трага, подарувајќи ни ги извонредните песни „Делфина“ и „Каде песно моја“. Неговата музика не само што ја следи филмската драматургија туку создава хомогена целина со приказната и со ликовите“, истакна Трајковски, посочувајќи дека книгата е драгоцено сведоштво и за генерациите што доаѓаат, кои преку неа ќе можат да го запознаат творештвото на Димитров, но и времето и културниот контекст во кои тоа настанувало.
Авторот Максим Ристески истакна дека идејата за пишување биографија за Славе Димитров постоела со години, а нејзината реализација се совпаднала со значајниот јубилеј – 80 години од раѓањето на музичарот. Материјалите за книгата ги собирал и ги истражувал во изминатите неколку години, додека процесот на пишување траел неколку месеци.

Идејата да напишам биографија на Славе Димитров постоеше со години, а нејзината реализација се совпадна со овој значаен јубилеј. Биографијата ја базирав на долги, снимени разговори со Димитров. Неговото огромно знаење и извонредно паметење, како и способноста настаните и личностите да ги согледува во пошироки општествени, културни и историски рамки, ѝ дадоа посебна вредност на книгата. Неговите размислувања и толкувања имаа значително влијание врз начинот на кој ја градев приказната, но и врз моето разбирање на одредени настани и процеси. Особен впечаток ми оставија и неверојатните коинциденции што го следеле уште од детството и од младоста и му помагале да надмине навидум непремостливи пречки на својот музички пат. Некои од нив, додека работев на биографијата, ги доживував речиси како интервенции на некаква виша сила, како да постоела решеност да не бидеме лишени од она што овој музичар требало да ни го подари со својата извонредна дарба. Славе го познавам повеќе од 35 години и мислев дека добро ги познавам неговиот живот и творештво. Но, истражувањето ми покажа колку многу од неговото музичко богатство останало надвор од поширокото внимание. Преслушав стотици композиции – фестивалски песни, применета музика и други дела – и открив бројни творби што дотогаш не ми биле познати. Можеби токму тоа беше едно од најголемите откритија за мене: колку голем дел од неговото творештво сѐ уште чека да биде откриен. Се надевам дека книгата ќе поттикне нов интерес за музиката на Славе Димитров – повторно слушање на неговите најпознати песни, какви што се: „Чија си“, „Делфина“ и „Каде песно моја“, но и откривање на огромниот, помалку познат дел од неговиот опус, во кој еднакво доаѓа до израз неговата извонредна музичка дарба, рече Ристески.
На крајот од промоцијата се обрати и Славе Димитров, кој со емоции се осврна на почетоците на својата музичка приказна, на соработките со бројни значајни автори и на животниот пат исполнет со музика.

Би сакал да му се заблагодарам на моето семејство за поддршката, на издавачката куќа „Арс Ламина“ и, секако, на Максим Ристески, кој ја напиша оваа книга. Со Максим соработувавме уште во времето на „Нулта позитив“. Во текот на мојата кариера имав можност да соработувам со многу драги и значајни автори, меѓу кои: Гоко Ѓоргиев, Благој Стефановски, Васил Пујовски, Ацо Шопов, Блаже Конески и многу други. Мојата музичка приказна започна кога бев матурант во Битола. Тогаш ја пратив мојата песна „Твоите очи“ на фестивалот во Суботица, со надеж дека ќе допре до некое срце. И навистина, допре. Оттаму започна мојата кариера, која продолжи сè до моето пензионирање… Гледано наназад, мислам дека се остварив како автор, композитор, аранжер и како музички соработник. Успеав да го реализирам она што го замислував и она што го посакував. Во оваа книга се опфатени најзначајните моменти, достигнувања и успеси од мојата кариера…На младите музичари би им порачал да создаваат музика што ќе допре до срцата на луѓето. Да бидат блиски до публиката, да создаваат за сите, а не само за себе – рече Димитров, кој беше поздравен со силен аплауз и овации од публиката.
Во чест на 80-годишнината од раѓањето на Славе Димитров, на 28 ноември во Македонската филхармонија ќе се одржи концертот „Од Евридика до Чија си“, на Националниот џез оркестар, под диригентската палка на Џијан Емин. На концертот ќе бидат изведени дел од најпознатите композиции на Димитров во нови оркестарски аранжмани, со учество на повеќе музички изведувачи.
Книгата „Чија си“ е достапна во книжарниците на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Македонски



