Skip to main content

Собранието го усвои Законот за органодарителството: Секој полнолетен граѓанин може да биде дарител на органи со изјава кај матичен лекар

Министерство за здравство

Со 58 гласа „за“ и шест „против“ Собранието, по скратена постапка го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување. Со новите законски измени се воведуваат реформи кои се однесуваат на проширување на кругот на живи дарители.

Со усвојувањето на овој закон се унапредува правната и институционалната рамка за органодарителство и трансплантација, преку појасно изразување и евидентирање на личната волја на граѓаните, проширување на можностите за лекување и отстранување на дел од административните пречки во системот.

Законот претставува значаен чекор кон пофункционален, поефикасен и подостоинствен систем на органодарителство и трансплантација, во интерес на пациентите и на јавното здравје. Министерството за здравство останува посветено на понатамошно зајакнување на трансплантацискиот систем, подигнување на јавната свест и градење доверба, затоа што органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста, соопштија од Министерството за здравство.

Со законските измени, секој полнолетен граѓанин ќе може кај својот матичен лекар јасно да се произнесе дали сака да биде органодарител, со што ќе се овозможи создавање појасна слика за ставовите на граѓаните и дополнително ќе се зајакнат довербата и информираноста за органодарителството. Измените предвидуваат и зголемување на можностите за лекување преку проширување на кругот на живи дарители до четвртиот степен на сродство, при целосно почитување на сите етички, медицински и законски стандарди.

Министерот за здравство Азир Алиу на јавна панел-дискусија посветена на органодарителството во Гостивар, ги презентираше системските мерки и политики за унапредување на органодарителството, нагласувајќи дека станува збор за прашање кое бара доверба, човечност и зрелост на општеството и кажа дека ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител преку „Мој термин“.

Особено ми значи што денес за органодарителството зборуваме токму во Гостивар, во мојот роден град. Постојат теми кои не бараат само политика, туку и човечност, доверба и морална зрелост на општеството. Органодарителството е токму таква тема, која го отвора едно од најдлабоките прашања што нашето општество може да си го постави: дали во најтешкиот момент можеме да создадеме надеж за некој друг? Нашата задача е да градиме доверба и да создадеме систем во кој семејството однапред ќе ја знае волјата на својот близок. Органодарителството не смее да биде тема за која првпат разговараме во болнички ходник, во мигови исполнети со трагедија. Треба да зборуваме дома, во семејствата, во училиштата, на факултетите, меѓу лекарите и пациентите – јавно и без предрасуди- истакна во своето обраќање министерот Алиу.

Изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во „Мој термин“, безбедно и со двојна верификација.

Секој граѓанин ќе може во секое време да ја промени или да ја повлече својата одлука. Ова е важно од два аспекта. Прво, ќе ја почитуваме личната слобода и волја на секој човек. Второ, конечно како држава ќе знаеме колку граѓани сакаат да бидат органодарители. Ќе знаеме каде има поголема информираност, а каде постојат страв, недоверба или недоволно знаење за органодарителството. Кога системот ќе започне со примена, јас ќе бидам првиот што ќе се регистрира како органодарител- порача министерот Алиу.

Нема повисок, похуман и поблагороден чин после смртта да се даруваат органи кои ќе спасат животи. Во Македонија состојбата со трансплантација на органи е состојба на земји кои се наоѓаат во фаза на развој на системот на трансплантација. Проблемот со малиот број трансплантации е културолошки, социолошки и делумно информативен, изјави во интервју за „Република“ националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска. Како најпозитивен пример во последната година во развој на трансплантацијата во Македонија проф. д-р Кузмановска ја издвојува соработката со реномираниот Универзитет „Дјук“ од САД. Благодарејќи на нивната експертиза, нашите офталмолози започнаа со трансплантација на рожница, нешто што е работено во Македонија пред неколку децении, но запрено. Од ноември минатата година до март иведени се 25 трансплантации.

Министерството за здравство спроведе националната кампања која опфати професори на Медицинскиот факултет, хирурзи, медицински сестри, сите кои се вклучени во обемниот процес на трансплантација на органи.

Во рамки на националната кампања под мотото „Органдонорството ѝ дава највисока смисла на човечноста!”, д-р Никола Ѓорѓиевски, директор на Универзитетската клиника за нефрологија потстетува на важноста на солидарноста при чинот на дарување органи.

Сите заедно треба да бидеме солидарни и хумани и да го поддржиме органдонорството како најхуман чин што помага на многу животи и на многу пациенти, коишто имаат потреба од донирање органи. Затоа, апелирам до сите граѓани на Република Македонија да ја зголемат свесноста за органодарителството, бидејќи само на таков начин ние можеме да си помогнеме едни на други, а со помошта на други ние помагаме и на целокупното наше општество, помагаме на државата и помагаме за целокупниот систем, потенцира д-р Ѓорѓиевски.

Доктор Жаклина Штерјова – Марковска, интернист на Универзитетската клиника за нефрологија е дел од тимот за трансплантација при Универзитетската клиника за нефрологија.

Ние како тим сакаме да им се заблагодариме на сите семејства кои во најтешките моменти одлучија да ги донираат органите на своите најблиски и истовремено да упатиме апел и силна поддршка до семејствата кои, во моментите на најголема загуба, ќе одлучат да кажат да за органодарителството како чин на најголемо човекољубие, истакна д-р Штерјова-Марковска.

Д-р Сашо Дохчев, хирург од Универзитетската клиника за урологија даде поддршка на кампањата, потенцирајќи ја успешната приказна во процесот на трансплантација на бубрези што датира уште од далечната 1977 година.

Органодарителството претставува највисок чин на човекољубие, нема поголема вредност за човештвото воопшто. На Клиниката за урологија, ние имаме историски успешна приказна во процесот на трансплантација на бубрези. Приказната датира уште од далечната 1977 година, кога е направена првата трансплантација. Досега имаме направено 530 трансплантации, од кои 99 се од кадавер, односно починат пациент. Иако ова се импозантни бројки за Македонија, сепак се недоволни да ги задоволиме потребите на нашите пациенти за органи. Кај линвиг-донор трансплантацијата, мотивацијата кај донорите е многу поголема затоа што донираат орган за својот најблизок член на фамилијата. Меѓутоа, кога се работи за кадаверична трансплантација, тука имаме недоволен број на регрутирани донори, што зависи од нас самите граѓани – вели д-р Дохчев.

Тој додава дека ние сме потенцијални дарители на органи по нашата смрт.

Затоа апелирам до сите граѓани на нашата држава да се подигне свеста за органодарителството, затоа што голем број на пациенти чекаат за добивање на орган за трансплантација. Од еден починат донор може да се спасат четири нови животи, ако се направи успешна трансплантација. Тоа се два пациенти што ќе добијат бубрези, да се спасат и да живеат нормален и убав живот. Еден пациент со црн дроб и еден пациент со трансплантирано срце – посочува д-р Дохчев.

Александра М. Бундалевска

Поврзани вести