Skip to main content

Гром, девет жртви и мистерија што трае 30 години: Што се случи на Голема Богородица во Берово?

„Сè се случи во пет минути. Небото се затемни, удри гром, истури дожд и повторно се појави сонце“ – сведочи човек кој како 13-годишно момче се нашол среде трагедијата
maleshnet.mk

Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ кај Берово бил исполнет со верници, семејства, гости од Малешевијата и од други краишта на Македонија. Имало илјадници луѓе. Се готвело во големи бакарни казани, се чекал празничниот ручек, а денот требало да заврши како уште една Голема Богородица што ќе се памети по средбите, молитвата и традицијата.

Но, наместо празник, 29 август 1996 година остана запаметен како еден од најцрните денови во историјата на Берово и Малешевијата. За неколку мигови, мирот бил заменет со паника. Гром удрил во просторот каде што се наоѓале луѓето и бакарните казани во кои се подготвувала храната. Девет лица ги загубиле животите, а десетици биле повредени.

Три децении подоцна, за оние што биле таму, тој ден сè уште не е само спомен. За нив тоа е слика што не исчезнува. Велат сè се случи во пет минути.

Еден од сведоците на трагедијата е Дарко Гајдов, кој тогаш имал само 13 години. Тој години подоцна се присетил на денот што никогаш не го заборавил. Според неговото сведоштво, сè се случило неверојатно брзо.

„Сè се случи во пет минути. Небото се затемни, удри гром, истури дожд и се појави сонце“, раскажал тој.

Гајдов, во една прилика зборувајќи за она што го доживеал како момче, вели дека видел два удара на гром. Едниот, според неговото сведоштво, удрил во оградата и продолжил кон орев во дворот, кој веднаш се запалил. Другиот ги погодил казаните во кои се подготвувала храната.

Настапил хаос. Луѓето почнале да трчаат на сите страни. Други пак не бале засолниште за себе туку се обидувале да им помогнат на повредените. Луѓето ги носеле повредените кон Брегалница, која тече во близина на манастирот, обидувајќи се да им помогнат на оние што биле тешко повредени.

„Беше ужасно. Луѓе трчаа наоколу и им помагаа на повредените“, се присетил тој години подоцна.

Оттогаш, како што раскажал, никогаш повеќе не се вратил на народниот собир. Вели тоа било нешто неочекувано, необилно, неверојатно.

„Денот беше чист… никој не веруваше дека може да се случи таква трагедија“

Слично сеќавање има и Дојчин Атанасов, директен сведок на трагедијата, кој во една прилика за Канал 5 има зборувано за она што го видел тој ден. Се присетил дека времето тој ден било мирно и ништо не навестувало дека за само неколку моменти ќе се случи трагедија.

„Денот беше чист, имаше само по некое мало облаче. Никој не веруваше дека можеше да се случи таква трагедија. Се случи како што велат поетите – удри како гром од ведро небо“, изјавил Атанасов.

Токму таа реченица – „гром од ведро небо“ – останала како најчестиот опис на она што го паметат очевидците. Во еден миг – празничен собир. Во следниот – луѓе што бараат помош, ранети, исплашени семејства и девет изгубени животи.

Пензионираната новинарка, Љубинка Клинчарска, која прва ја јавила веста за трагедијата за „Нова Македонија“, вели дека тој настан бил најтешкиот во нејзината новинарска кариера.


„Дотогаш, тоа беше најмасовната посетеност за празникот, имаше околу 20 000 луѓе дојдени од цела Македонија. Немаше никаква најава за невреме и грмотевици. Кога удри првиот гром, во 15:05 минути, јас бев внатре во црквата. Ако црквата имаше капацитет да собере 100 луѓе, одеднаш внатре имаше можеби и 500 луѓе, кои во паника бараа засолниште од громот. Снемуваше воздух, децата почнуваа да се гушат“,се сеќава Клинчарска во изјава за 360 степени.

Но, громот во дворот на црквата не бил единствен. За кратко време удриле уште два – едниот во мостот кој води до црквата и третиот, во негова близина.

„Настана општа паника. Пискотници се слушаа од сите страни, на повредените им се даваше вештачко дишење, деца плачеа неможејќи да ги најдат родителите, луѓето бегаа да се спасат. Здравствениот дом во Берово брзо реагираше на терен, но полицијата не можеше да држи контрола“, раскажува Клинчарска која заедно со нејзиниот колега од Делчево, Васил Маневски, издадоа книга за несреќата една година со наслов „Плачеше цела Макединија“.

Празникот бил поместен за еден ден

Трагедијата добила уште една димензија која со години се прераскажува во Берово. Голема Богородица, односно Успението на Пресвета Богородица, се празнува на 28 август. Таа 1996 година, 28 август бил посен ден, па народниот собир и празничната трпеза биле поместени за следниот ден – 29 август. Тоа не било нешто што никогаш претходно не се случувало. Но по трагедијата, меѓу дел од жителите се појавило верување дека токму поместувањето на празникот било причина за несреќата.

Некои тоа го нарекувале „Божја казна“. Други велеле дека празникот „зел курбан“. Но за други, тоа било само човечка потреба да се најде објаснување за нешто што изгледало невозможно да се објасни.

Пензионираната новинарка Љубинка Клинчарска, која прва ја објавила веста за трагедијата, години подоцна се присетила дека токму таквите толкувања биле присутни веднаш по несреќата.

„Некои од моите соговорници ги обвинија поповите, бидејќи курбанот беше преместен… Па, се толкуваше како Божја казна“, сведочела Клинчарска.

Но таа посочила и на нешто друго – дека со текот на времето многу се зборувало за причините, мистеријата и верувањата, а премалку за самите луѓе кои ги загубиле животите и за нивните семејства.

„Сите заборавија на жртвите. Им ветуваа, но за нив ништо не се направи“, рекла таа.

Илјадници луѓе и само неколку минути што засекогаш променија сè

Според извештаите и сведоштвата објавени во годините по трагедијата, на собирот имало меѓу 10.000 и 15.000 луѓе. Тоа бил еден од најголемите денови во годината за Берово. Манастирот и просторот околу него биле полни. Во голем број казани се подготвувала традиционалната храна за верниците и гостите.

А потоа, во само неколку минути, сликата целосно се променила.

Години подоцна, во текстовите и сведоштвата за трагедијата повторно и повторно се појавува истиот мотив – луѓето не можеле да поверуваат колку брзо сè се случило. Од празник и смеа до паника. Од мирен ден до силен дожд и громови. Од илјадници луѓе собрани заедно – до девет семејства кои тој ден засекогаш го паметат по загубата.

Малешевијата продолжи да слави, но никогаш не заборави

И по трагедијата, традицијата во Берово продолжила. Верниците и денес доаѓаат во манастирот за Голема Богородица. Се подготвува храна, се служи литургија и се собираат илјадници луѓе. Но, за постарите беровци и за оние кои биле таму во 1996 година, празникот носи и друго значење.

Секој 28 и 29 август носи спомен на денот кога Малешевијата занемела. Триесет години подоцна, природниот феномен можеби може да се објаснува со науката. Но чувството што го оставил тој ден кај луѓето тешко може да се измери. За едни тоа остана трагична случајност. За други – знак. За трети – нешто што никогаш нема да добие целосно објаснување.

Но за сите што ги изгубиле своите најблиски, 29 август 1996 година не е мистерија. Тоа е ден кога тргнале на празник. И некои никогаш не се вратиле дома.

Девет животи завршиле во само неколку минути. А Малешевијата, три децении подоцна, сè уште го памети громот што го претвори празникот во трагедија.

Поврзани вести