
Со долг аплауз и песната Killing in the Name од американската рок група Rage Against the Machine на најјако, како што побара неговата ќерка Хана Миленковска денеска во Драмски театар Скопје со многу емотивни говори и присеќавања беше испратен режисерот и драматург Сашо Миленковски, кој почина на 29 јуни годинава на 63-годишна возраст.
Семејството, блиски роднини и пријатели, драматурзи, режисери, актери, дојдоа на комеморацијата да му оддадат почит на Миленковски кој припаѓаше на генерацијата режисери кои на почетокот на 90-тите години внесоа нова естетика, суверен театарски јазик и силен творечки импулс во македонската театарска уметност. Тој беше и драмски автор. Освен богатиот режисерски опус, зад себе ги остави и текстовите: „Коледе“, „Game Over“, „Deus Ex Machina“ и „Јован не е американски филм“, кои ги реализираше како авторски сценски проекти. Неговото творештво се прошири и на филмот, каде што работеше на документарните и играните филмови: „Мајка Тереза“, „Голем град“, „Љубинко и Десанка“ и „Преспа“.
Нашиот татко не научи да имаме храброст, да не почитуваме авторитети и да не правиме компромис кога станува збор за творештвото. Не учеше да бидеме љубопитни, кажаа на крајот на комеморацијата Хана и Сара, ќерките на Миленковски. Хана е театарска режисерка, а Сара е политиколог и активистка. Зборуваа за привилегијата да се биде дел од актерската заедница, додавајќи дека тој не сакал патетики и испраќања.
За Сашо како режисер и драматруг говорше актерот Рубенс Муратовски.
Викаш, сте седеле на кафе со професорот Љубиша Георгиевски и знеш што кажал? Знаеш, тоа со смртта е многу интересена работа. Сега си, после не си. Е па за мене Сашо, секогаш ќе си. Низ ходниците, гримироните, во некоја маса од бифето. Во стотици изговорени реплики, во секоја смеа, аплауз, солза на сцената. Поздрави го друштвото таму, кажа Муратовски.
Актерката Весна Петрушевска со многу љубов говореше за Миленковски, кој го нарече алхемичарот.
Сашо го умревме повторно. И многу ми е тешко, затоа што едвај го преживеав првиот пат.
И ќе се обратам тука на неговото наследство — на Сара и на Хана. Сашо остави чудесни суштества зад себе. Тоа е највредното наследство што Сашо можеше да го остави. Сашо мене ми беше повеќе од другар. Ми беше гуру. Ми беше човек со којшто се натпреварував кој повеќе знае за музика, кој повеќе знае за драмски писатели, за актерски методи, за пристапот на режисерот кон глумците. Тој неверојатно многу ги сакаше глумците, како ретко кој режисер. Сакаше да истражува нови работи во театарот и за мене тој беше алхемичар. И постојано ги држеше актерите на сцена низ својот нишан. Имаше прецизен нишан. Знаеше како и зошто. Тоа е нешто најтешко во режијата. Сашо беше еден прекрасен човек. Откриваше нови, талентирани режисери и глумци. Го откри Синиша Евтимов, Бојан Трифуновски, Наташа Поплавска и им даде ветар во грб тогаш кога најмалку и најтешко беше тие 90-тите години да се пробие млад човек на сцена, тој им даде шанса. Ветарот треба да се запамети и да се повторува. Нешто што е многу важно за Сашо Миленковски е дека јас не можам да зборувам за него во минато време. Го уби талентот. Го уби можноста да изрежира уште еден голем проект. Го уби заборавеноста. Го уби љубовта. Го уби тоа што не можеше да спаси уште некој лик во својот живот, затоа што тој упорно некој… некого спасуваше. На крај не можеше да се спаси самиот себеси“, рече Петрушевска.
Со растреперен глас и со многу емоции, режисерот Синиша Евтимов се сеќаваше на почетоците на соработка со Миленковски, кој му го доверил асистентското место во претставата „Мост“ која ја режиел во Струмица, иако тој бил втора година на студии на ФДУ. Тоа се случило откако Миленковски ја погледнал неговата испитна вежба „Мечка“ од Чехов.
Не знам, некои од најдобрите македонски актери тогаш беа дел од тоа и јас тогаш ги гледав како да беа во некој недостижен свет, а јас како студент од втора година Сашо ме стави меѓу нив како тоа да е најнормалната работа на светот. После тоа продолживме заедно со неговиот „Вавилон“, па дојдоа и некои други претстави, други проекти, други театри. Така учев од него. Не затоа што седнуваше да ми објасни како се режира, туку затоа што ме пушташе да го гледам додека работи. Гледав како размислува за сцената, како бара ритам, како работи со актерите. Како растура нешто што вчера изгледало готово, како не се плаши од ризик. Не го интересираше удобниот театар, бараше нерв, бараше живост. Нешто што ќе ја помрдне сцената и човекот во неа. И мислам дека токму тука беше неговата најголема сила. Не само што создаваше претстави, туку создаваше луѓе околу претставите. Имаше редок талент да препознае кај некого и да му даде доверба пред тој самиот целосно да поверува во себе, сподели Евтимов.

Актерот Предраг Павловски ги прочита писмото од писателот Венко Андоновски.
Мојот другар со камиевски поглед на побунет човек. Постојат еден ред луѓе за кои никако не можете да се сетите кога и каде сте ги запознале. Мојот театарски другар Сашо Миленковски е еден од нив. Кога тоа ви се случува, со сигурност знаете дека со нив сте имале богато минато пред да ги запознаете и тоа минато потекнува апсурдно од иднината што уште не е дојдена. Тоа се луѓе со кои сте се совпаднале во многу идеи и за однапред и за од назад, како да сте се познавале и пред запознавањето и како да ќе се запознавате откако сте се запознале. Тоа се луѓе со кои не сте се разминале ни во сегашноста, ни во минатото, ни во иднината во оваа сурова вселена во која материјата главно се разминува една со друга: маж со жена, родители со деца, планета со планета, галаксија со галаксија. Мене ми е многу драго што не се разминав со Сашо, што бевме современици.
„Сашо беше мајстор од апсурдноста на светот да направи смисла. Тој инјектираше смисла дури и во најбесмислените животни и театарски епизоди. Бараше смисла во аморфното, беше како дете кое во аморфната маса облаци на небото препознава фигури. Тие фигури ги правеше видливи и јасни за театарската публика. Така им пристапуваше и на моите текстови. Ниту еднаш не се случи да ја постави онаа претстава што јас ја гледав во мојата глава. Секогаш тоа беше драстично различно во неговата визија. И секогаш останував да гледам и се воодушевував повеќе од мојот текст и од мојата сценска замисла за него. Сашо режираше на еден целосно специфичен начин. Им даваше слобода на артистите без да ги ограничува, сè до последната етапа на подготовката на претставата кога ги затегаше уздите. Тогаш, пред крајот на процесот, често знаеше среде проба да исчезне. Се чудевме и артистите и јас каде е, и никогаш не дознавме каде оди. Туку по некое време ќе се појавеше со идеја и решение за некоја сцена, како да бил викнат на консултации некаде на некој специјализиран таен театарски институт во кој го нашол тоа што ни треба и го купил“, вели Андоновски.
Професорот на ФДУ Сашо Кокаланов во сеќавањето за Миленковски вели:
Од некоја причина сите наши средби од тоа време ги помнам како да се случиле во „Челик“ во Капиштец или во бифето на стариот МНТ, или во кафанчето „Крчма“. Ајде плати и да одиме. Ќе задоцниме“, ми вели Ванчо Петрушевски. „Каде ќе задоцниме?“ „На комеморација, како каде?“ Ми објаснува во чија чест е настанот, а тој вели дека едвај и да го познавал човекот. Но, Ванчо си има свој резон: „Сашо, како не одиш на комеморации? Утре кој ќе ти дојде?“ Колку пати сме ја прераскажувале оваа анегдота тројцата и сме се смееле. Одбивам да се соочам со тоа дека сега ја раскажувам во чест на твојата комеморација. Ти не сакаше комеморации, читање биографии, редење успеси, јавни збогувања. Не ја сакаше таа неизбежна, евтина патологија во која и самиот се фаќам уловен пишувајќи го обраќањево. Ти убеден со тоа дека не би дошол ни на својата комеморација. Да беше тука ќе ми речеше: „Може приредбава да заврши на кафе во бифето?“
Роден во Битола во 1963 година, Миленковски зад себе остави богата театарска кариера во која режираше повеќе од 50 претстави, поставувајќи дела од автори како Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет. Една од неговите најзначајни режии беше праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски, поставена во Битолскиот народен театар во 1992 година. Претставата освои четири награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а беше изведена и на „Охридско лето“ и на „Млад отворен театар“. Со оваа претстава, како и со „Буре барут“, поставена во Македонскиот народен театар во 1994 година, Миленковski даде значаен придонес во афирмацијата на драмското творештво.
Во текот на кариерата ги режираше и драмите „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“ од Горан Стефановски, „Лични огласи“ од Братислав Димитров, како и „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“ од Венко Андоновски, поставени во Драмскиот театар во Скопје. Во 1999 година го основа независниот театар „Бабилон“. Од 2006 до 2010 година ја извршуваше функцијата директор на Македонскиот народен театар, а од 2010 година беше драматург во Драмскиот театар – Скопје, каде што активно учествуваше во креирањето на современиот репертоар. За својот богат творечки опус, Миленковски доби бројни домашни и меѓународни признанија. Двапати беше добитник на наградата за најдобра режија на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, а претставите „Game Over“ и „Македонски рулет“ во негова режија беа прогласени за најдобри претстави во целина. Добитник е и на наградата за најдобра режија на театарскиот фестивал во Нови Сад за претставата „Злосторство и казна“, како и наградата за најдобра претстава во Србија за „Ниш експрес“.

Македонски


