Skip to main content

Сиљановска-Давкова: Што велам кога ќе ме прашаат дали ќе го смените Уставот-jас не можам таква гаранција да дадам

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека прашањето околу евроинтеграциите на Македонија и условувањата поврзани со Бугарија не може да се квалификува ниту исклучиво како билатерално прашање, ниту само како проблем меѓу земјава и Европската Унија.

Во интервју за телевизија Сител, Сиљановска-Давкова се осврна на неодамнешната средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и на можноста ЕУ да посредува во разговорите со Бугарија.

Во однос на пораките од Брисел за продолжување на разговорите со Софија, таа потсети дека претходно се поставувало прашањето дали спорот е билатерален или станува збор за прашање во рамки на односите со ЕУ.

– Кога ние велевме дека прашањето по природа е билатерално, бидејќи ниту во Акцискиот план, ниту претходно, нема забелешки од другите држави, никоја не се заканува со вето, напротив, се истакнува потребата од merit system во евалуацијата… Бугарија велеше дека прашањето не е билатерално, туку дека ние имаме работа со Европската Унија. Многупати сум велела дека ако е така, тогаш оставете нè да преговараме со Европската Унија – рече Сиљановска-Давкова.

Според неа, во такви ситуации постојат механизми во европското право, вклучително и членот 7 од Договорот за Европската Унија, кој предвидува можност за ограничување на одредени права на земја-членка доколку се утврди сериозно прекршување на принципите и вредностите на Унијата.

Сепак, претседателката нагласи дека потребен е дијалог и размена на ставови, но оти не може да се оквалификува проблемот или процесот и како билатерален исклучиво, или како проблем што го имаме со Европската Унија.

Во однос на ставовите на европските претставници за преземените обврски, Сиљановска-Давкова се повика на европското уставно право и на основните документи на ЕУ.

– Јас не сум само претседателка, туку сум и професорка. Добро го познавам европското уставно право. И она на што деновиве се повикува г-ѓа Јотова, претседателката на Бугарија, кога вели дека ние мора да ги почитуваме принципите и вредностите на Европската Унија, се точно прашањата на кои и јас повикувам. Многу јасно пишува во Договорот за ЕУ, во Лисабонскиот договор, во Повелбата за фундаменталните права, дека ЕУ ќе го почитува националниот и културниот идентитет, не само на членките на ЕУ, туку на сите нации и држави, рече Сиљановска Давкова.

Таа додаде дека европските документи предвидуваат и почитување на уставните и политичките структури на државите.

Сиљановска-Давкова оцени дека токму овие принципи треба да бидат земени предвид и во процесот на евроинтеграција на земјава, особено кога станува збор за прашањата поврзани со националниот и културниот идентитет.

За барањето за уставни измени, претседателката рече дека не може да гарантира дека тие ќе бидат усвоени.

– Што велам јас кога ќе ме запрашаат дали ќе го смените Уставот? Јас не можам таква гаранција да дадам. Пратениците не ме претставуваат мене, ги претставуваат граѓаните и, како во секој европски парламент, гласаат по сопствено уверување, рече Сиљановска-Давкова.

Таа праша што ќе се случи доколку повторно бидат иницирани уставни измени, но пратениците не обезбедат двотретинско мнозинство, како и потребното мнозинство од пратениците од заедниците кои не се мнозинство

Поврзани вести