Skip to main content

Сиљановска-Давкова и Бланар разговараа за македонските евроинтеграции и словачката поддршка за членство во ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими министерот за надворешни и европски работи на Словачката Република, Јурај Бланар, кој престојува во официјална посета на земјава.

На средбата, како што соопштија од Кабинетот на претседателката, биле потврдени пријателските македонско-словачки односи.

Сиљановска-Давкова ја акцентирала важноста на континуираната словачка поддршка на македонскиот пат кон Европската Унија, нагласувајќи дека пристапниот процес треба да биде кредибилен, предвидлив и заснован врз заслуги и исполнување на Копенхашките критериуми.

За неа, постепената интеграција и пристапот до единствениот европски пазар, европските фондови и заедничките програми, води кон приближување кон ЕУ, но не може да биде замена за полноправното членство.

Сиљановска-Давкова изразила подготвеност за сестран дијалог со Република Бугарија, во духот на европските принципи и вредности, гарантирани во основачките документи.

Министерот Бланар ја реафирмирал словачката заинтересираност и посветеност на евроинтеграцијата на земјите од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и нашата.

Тој силно го поддржал македонско-бугарскиот дијалог, како единствен начин за надминување на проблемите.

Како многупати досега, министерот нагласил дека Словачка е против било какви двојни стандарди во третирањето на земјите-кандидати за ЕУ.

Соговорниците ги истакнале блиските јазични и културни врски меѓу двете земји, втемелени во делото на сесловенските браќа Кирил и Методиј.

Претседателката изразила длабока благодарност за објавувањето на првиот учебник за изучување на македонскиот јазик за словачките говорители и отворањето на првиот лекторат по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Нитра.

Поврзани вести