
Ми претставува чест и големо задоволство што имам можност да ви се обратам на почетокот од уште едно театарско доживување, кое во наредните седум дена, по шеесетти пат, ќе ја раскаже приказната за вечноста на уметноста. Вечерва, со подигнувањето на театарските кулиси, најреномираниот театарски фестивал во земјава, „Војдан Чернодрински“, испишува нова приказна за сценските волшепства, уметничката историја и културната традиција со која се афирмира македонското драмско творештво, рече вечерва министерот за култура, Зоран Љутков на свеченото отворање на 60. МТФ „Војдан чернодрински“.

Фестивалот „Војдан Чернодрински“ претставува временска верига на високи театарски вредности што се создаваат на македонска почва и само овде, во Прилеп, театарот умее да ја собере небесната амброзија на човечката мисла, што ги оживува вековите и нè поведува по патеките што единствено ја откриваат суштината на постоењето и иднината на вечниот театар.
Од првата претстава одржана на 4 јуни 1965 година до денес, Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е престижната сцена на која најдобрите драмски остварувања од целокупната македонска театарска продукција, работени според дела од домашната и од светската драматургија, го афирмираат македонското драмско творештво и на својата верна публика ѝ ги принесуваат највредните дарови – умешноста од зборот да искова бесмртност, од изразот да се долови чувството, за на сцената да се одигра вечната игра на животот.
Името на Војдан Чернодрински – македонскиот писател, патриот, револуционер, театарски режисер, артист и основоположник на македонскиот театар – веќе шеесет години претставува синоним за новите специфики и креативната форма на македонскиот театар и симбол на нераскинливата поврзаност на неговото творештво и револуционерната борба на македонскиот народ низ вековите.
Затоа, Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ и Прилеп, главниот град на театарска Македонија, засекогаш ќе останат место на кое македонските поклоници на Талија, се среќаваат со добра мисла и креативно се споредуваат едни со други, стремејќи се кон се повисоки и поблагородни уметнички дострели. Десетте претстави во официјалната и четирите претстави во придружната програма годинава само го потврдуваат тоа.
Три децении низ просториите на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ времето оставаше видливи траги. Се менуваа влади, политики и приоритети, но состојбата остануваше речиси иста. Она што требаше да биде храм на културата постепено стануваше симбол на долгогодишна негрижа.
За театарот се зборуваше со почит, но ретко со одговорност. Се чекаше некој друг да го отвори прашањето, да ја преземе обврската и да го најде решението. Така, молкот три децении стана дел од сценографијата на состојба што одамна не смееше да се смета за нормална.
Денес, кога конечно се зборува гласно за проблемот, мора да признаеме дека тој не е од вчера. Тој е резултат на предолго одложувани одлуки, избегнувана одговорност и погрешно поставени приоритети. И токму затоа не е доволно само да констатираме дека нешто е погрешно. Наша обврска е тоа да го исправиме.
Еден град без театар навистина е град без душа. А културата, колку и да е скапа, секогаш е поевтина од некултурата што доаѓа по неа.
Како министер за култура, немам намера да се однесувам како проблемот да не постои. Објектот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ е затворен од март минатата година поради сериозни безбедносни недостатоци. Тоа е недозволива состојба за институција со 75-годишна традиција, со повеќе од 400 премиери и над два милиона гледачи. Тоа не е само проблем на Прилеп. Тоа е прашање на достоинството на македонската култура.
Додека се водеа други битки и се бараа други признанија, институции како оваа беа оставени да стареат, да пропаѓаат и да чекаат подобри времиња.
Тоа време завршува денес.
Проектот за целосна реконструкција на Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е подготвен и ќе го реализираме. Не како политичко ветување, туку како долг кон генерациите уметници што ја создаваа историјата на овој театар и кон генерациите што допрва ќе ја создаваат неговата иднина.
Реконструираната зграда ќе биде современа, функционална и безбедна. Дом достоен за името „Војдан Чернодрински“ и достоен за градот кој со децении е едно од средиштата на македонската театарска уметност.
Македонија не може да биде сериозна држава ако дозволува нејзините културни институции да се распаѓаат. Прилеп не смее да се помири со тоа неговата најголема културна гордост да биде оставена на забот на времето.
Затоа денес, на овој голем јубилеј, пред сите вас, јасно порачувам: заврши времето на молкот, заврши времето на оправдувањата и заврши времето на одложувањата.
Време е за обнова. Време е за одговорност. Време е за театар достоен за својата историја.

Македонски


