
Бугарија е подготвена на разговори, но без ултиматум и отстапки од европската политика – Мицкоски да заборави дека прашањето е билатерално.
Ова го изјави бугарската претстдателка Илијана Јотова, по пораките на премиерот Мицкоски и шефицата на Европската Комисија Фон дер Лаејн, од Скопје.
Јотова рече дека е умерен оптимист и ќе побара од шефицата на бугарската дипломатија Петрова Чамова да ѝ ја даде на увид дипломатската нота од Муцунски, со барање за средба во Софија.
Се надева дека Фон дер Лајен била „исклучително цврста“ со Мицкоски, и порача дека прво треба да се реши случајот со Ива Михајлова.
Сè уште не ги знам деталите од тет а тет разговорот со г-ѓа Фон дер Лајен. Се надевам дека овој пат таа беше исклучително цврста. За овој разговор да биде сериозен, Мицкоски мора многу добро да ја прочита европската политика во однос на проширувањето. Република Македонија треба да заборави дека ова е билатерално прашање, како што тој се обидува да го претстави. Ние секогаш сме биле отворени за разговори со нив, но разговори без ултиматуми и без попуштање пред европската политика. Бугарија е дел од Европската Унија и не можеме да дозволиме земја што тргнала по европскиот пат да не ги прифати вредностите и доблестите на Европската Унија, а уште помалку да зборува со ултиматумски тон, но да останеме умерени оптимисти, изјави Јотова.
Премиерот Мицкоски вчера изјави дека доколку Бугарија одбие средба, уште еднаш ќе се потврдат тезите на Владата. Според него, не е паметно Софија да ја отфрли понудата, но одлуката за тоа е суверено право на бугарската страна.
Иако не е задоволен од пораката на Фон дер Лајен за уставните измени, Мицкоски изјави дека разговорот бил пријателски и позитивен. Понудата за билатерална средба во Софија, ја нарече конструктивен предлог од Фон дер Лајен.
Урсула фон дер Лајен, за време на посетата на Скопје, порача дека е договорен првиот чекор за деблокада на македонските евроинтеграции. Без да прецизира дали во иднина ЕУ би се вклучила во разговорите со Софија, порача дека Владата треба да иницира средби со бугарските власти.
Изјави дека по деблокадата на преговорите и добивањето патоказ, ЕУ со добредојде ќе ги пречека македонскиот идентитет, јазик и култура.

Македонски


