
Во јавноста најмногу се говореше за најавеното скратување на периодот за кој матичниот лекар може да отвори боледување, како и за засилените контроли, но предложените измени предвидуваат и низа олеснувања за пациентите и матичните лекари.
Директорот на Фондот за здравство, Златко Перински во интервју за „Република“, посочува дека овој дел од измените останал недоволно истакнат во јавноста и дека покрај новите критериуми, се предвидуваат и конкретни решенија со кои ќе се поедностави постапката за боледување.
Како едно од олеснувањата го посочува тоа што кај дел од дијагнозите проценката ќе остане кај матичниот лекар, без пациентот да има обврска да се упатува на лабораториски испитувања.
„Таму каде што медицински нема потреба, пациентот нема да се испраќа дополнително во лабораторија само за да се исполни формален услов. Тоа значи помалку непотребни упатувања и поедноставна постапка и за пациентот и за матичниот лекар“, вели Перински во интервјуто за „Република“.
Дополнително, кај дел од дијагнозите се проширува временската рамка предвидена со критериумите. Според Перински, измените не одат исклучиво во насока на порано применување на одредени критериуми, туку таму каде што медицинската практика покажува дека тоа е оправдано, се предвидува и подолг временски период.
Една од новините е и дигитализацијата на постапката по 15. ден од боледувањето. Наместо матичниот лекар рачно да изготвува предлог за продолжување пред лекарска комисија, тоа ќе може да се прави електронски преку ПСР-образецот – „Предлог за привремена спреченост за работа“.
Перински објаснува дека на овој начин ќе се намали административната работа на матичните лекари и ќе се поедностави целата постапка.
Со измените се проширува и кругот на случаи во кои привремената спреченост за работа ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот. Тоа, како што наведува Перински, е особено важно за тешко болните, неподвижните и тешко подвижните лица кои не се на болничко лекување, за лицата кои се на болничко лекување, за придружници на болно дете до тригодишна возраст додека детето е во болница, како и за лица кои се лекуваат во странство или придружуваат болно лице на лекување во странство.
Се прецизираат и случаите во кои боледувањето може оправдано да се утврди ретроактивно, меѓу другото по завршено болничко лекување и при определени форми на подолготрајно лекување во дневна болница.
Посебно олеснување е предвидено за бремените жени и доилките. Радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење нема да претставуваат задолжителен услов кога здравствената состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај.
Кај боледувањата подолги од 60 дена, каде што по правило е предвидено конзилијарно мислење, се утврдуваат исклучоци за определени тешки заболувања. Меѓу нив се малигните заболувања, цереброваскуларните инсулти со тешки последици, мултипла склероза, политраума и пациентите во терминална фаза на болеста.
„Кога сите овие решенија ќе ги ставиме на едно место, станува јасно дека значаен дел од измените всушност значи олеснување и поедноставување на постапката“, вели Перински.
Тој додава дека предложените измени не треба да се сведуваат само на прашањето дали боледувањето кај матичниот лекар ќе трае пет или седум дена, туку дека целта е да се постигнат две паралелни работи – критериумите да бидат медицински оправдани и контролата поефикасна, но истовремено да се отстранат непотребните административни чекори таму каде што тие не му носат корист ниту на пациентот ниту на лекарот.

Македонски

