
Издавачката куќа Или-Или деновиве го објави преводот на романот „Мистеријата на обезглавената жена“ од познатата белгиска писателка и новинарка Миријам Лероа. Како и претходниот роман од истата авторка, „Црвените очи“, исто така објавен во Или-Или, и овој е во превод од француски на Светлана Јовановска.
Приказната во „Мистеријата на обезглавената жена“ започнува од случајно откриенот гроб на жена по име Марина Шафров, на кој стои дека била обезглавена во 1942 година. Ова ја поттикнува авторката да истражи која била таа и зошто нејзината приказна е заборавена.
Романот ја реконструира животната приказна на Марина – млада Русинка во егзил во Белгија за време на Втората светска војна, која извршува напад врз германски окупатор и потоа самата се пријавува, по што е осудена и погубена по наредба на Адолф Хитлер.Покрај историската линија, делото паралелно ги спојува минатото (1942) и сегашноста (2022), истражувајќи теми како: заборавените женски херои во историјата,идентитетот и жртвата,положбата на жените низ времето
Романот е комбинација од биографија, фикција и лична рефлексија, со цел да се „оживее“ една неправедно заборавена жена и да се постави прашањето зошто некои херојства исчезнуваат од колективната меморија.
Миријам Лероа (1982) се смета за писателка што ги вкрстува уметноста и новинарството и многу често го користи сопствениот живот како примарен материјал за обработка. Лероа отвора деликатни прашања со брутална искреност, ги постила пред јавноста табуата на нашето општество, особено сексистичките, тие што сакаат да ја замолчат жената. Авторката живее и работи во Брисел.

Македонски


