
Силното невреме што денеска го погоди Штип предизвика материјална штета во Клиничката болница, каде е оштетен дел од кровната конструкција, поради што дел од пациентите ќе бидат преместени на други одделенија. Во исто време, екипите на јавните претпријатија и Кризниот штаб работат на расчистување на последиците низ градот.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, информираше дека пациентите се сместени во безбедниот дел од објектот, каде нема прокиснување, а во текот на вечерта ќе биде направена дополнителна реорганизација, објави 4news.mk
Пациентите се сместени во делот каде што е суво и каде што нема прокиснување. Во текот на ноќта ќе видиме дел од нив да ги префрлиме на други одделенија за да бидат безбедни и да не се наруши функционирањето на болницата“, изјави Јорданов.
Станува збор за околу 15 до 20 пациенти од Одделението за ортопедија. Оштетувања има и на операционата сала на ова одделение, но директорот нагласи дека болницата располага со други операциони сали и дека медицинските услуги нема да бидат прекинати.
Тој посочи дека ќе има извесно преструктуирање на работата додека не се утврди точниот обем на штетата, но итните случаи и претходно закажаните пациенти ќе продолжат да се згрижуваат.
Во меѓувреме, директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, изјави дека екипите работат според насоките на Кризниот штаб и дека најголемиот дел од сообраќајниците веќе се расчистени.

Македонски


