Skip to main content

Петнаесет повредени во невремето во Скопје примени во две клиники

Петнаесет повредени лица се примени во две клиники по невремето што попладнето го зафати Скопје, од кои девет на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), а шест на Универзитетската Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски”.

Директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски за МИА изјави дека од деветте повредени, две се со потешки повреди – една жена со повреда на глава е на Неврохирургија, а друга е со скршена рака.

Шесте повредени кои се примени на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски”, како што изјави за МИА директорот на таа јавна здравствена установа, д-р Небојша Настов, имаат посекотини и набиеници и се третираат амбулантски. Посочи дека тројца од повредените по амбулантскиот преглед, се пуштени дома, а тројца се во фаза на испитување.

Сите се во стабилна состојба. Првично не оддаваат впечаток дека ќе бидат задржани на натамошно лекување. Еден пациент е повреден при пад на дрво и го закачиле гранките, еден е повреден од лим кој паднал од некој покрив, а еден е повредени од паднати керамиди, додаде д-р Настов за МИА.

Директорот на Градската општа болница „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски за МИА изјави дека кај нив не се примени повредени лица во невремето во Скопје, но е предизвикана огромна материјална штета. Посочи дека чекаат комплетен увид за да се утврди обемот на штетата.

Тоа ние денеска нема да го знаеме прецизно додека не излезе проценител на терен и не се направи официјален записник за штета од надлежните институции. Засега најголема штета имаме на кровот и кровната конструкција. Тоа е она што можам да го кажам од првичниот увид, додаде д-р Стојаноски за МИА.

Поврзани вести