
Под мотото „Без граници, без препреки“, Музејот на Народната банка го одбележа Меѓународниот ден на музеите со големо виртуелно едукативно патување што обедини десетици деца од повеќе земји во светот, кои преку интерактивна дружба го запознаа македонското нумизматичко културно наследство.
Музејот на Народната банка оваа година го одбележува Меѓународниот ден на музеите ‒ 18 мај, организирајќи големa виртуелна едукативна дружба со деца на училишна возраст од различни делови на светот, обединети во желбата да ги откријат тајните на исклучителната македонска ризница на антички и средновековни пари коишто се чуваат во нашиот музеј, што e отворен за јавноста секој работен ден од 9 до 15 часот – соопштуваат од Народна банка.
Музејското патување низ монетарното минато на нашата земја беше насловено „Без граници, без препреки“, во духот на овогодишната тема на Меѓународниот комитет на музеите „Музеите што го обединуваат поделениот свет“.
Кустосите од Музејот на Народната банка одржаа настан за учење и паметење за 80 македонски деца што се ученици во Австрија, Белгија, Норвешка, Хрватска, Австралија, Франција, Италија, Германија, Шведска, Холандија, Велика Британија, Данска, Канада и во земјава, коишто можеа интерактивно да се дружат и да дознаат необични факти за нумизматичкото културно наследство на нашата земја – дополнуваат оттаму.
Возбудливото враќање во минатото, како што дополнуваат, заврши со кратко откривање на некои од тајните на изгледот на денешните македонски пари, а потоа и со прогласување на победниците од интерактивниот квиз.

Македонски

